Што претставуваат соништата и виденијата, каква е разликата помеѓу нив и колку видови има?
Ќе ви одговорам со зборовите на свети Јован Лествичник, кој вели:
„Сонот е движење на умот за време на не движењето на телото. А, привидувањето (лажното видение) е прелест на очите, кога умот спие. Привидувањето е исход на умот кога телото бдее. Привидувањето е видение на нешто што е без ипостас (нереално). Разликата, пак, меѓу нив е следната:
Добрите соништа и виденија се од Бога и преку нив се открива Неговата голема волја, само на оние кои се потполно совршени и свети и кои ги извршуваат Неговите заповеди, каков што беше праведниот Јосиф, кому во сон му се покажа архангел Гаврил, заповедајќи му да бега со Младенецот и со Дева Марија во Египет. Ете, впрочем, што се соништата и виденијата. Добрите соништа доаѓаат од ангелите и нè потсетуваат на смртта и осудата, а откако ќе се разбудиме нè поттикнуваат на молитва и покајание. Но, напротив, лошите соништа и привиденија се од ѓаволите маскирани во светлосни ангели, или во светители, кои во сонот нè измамуваат дека сме добри и достојни за рајот, но откако ќе се разбудиме ’потонуваме во гордоста и радоста‘“.
Дали е Грев христијаните да веруваат во соништа и виденија?
Свети Јован Лествичник вели дека
„оној што верува во соништата е налик на оној што трча по својата сенка и се обидува да ја фати“.
Исто така тој вели дека
„демоните на празната слава, во соништата се пророци. Тие, како некои измамници, смислуваат идни настани и ги објавуваат однапред. Ако виденијата се исполнат, ние се восхитуваме и гордееме со мислата како да имаме дар на предвидување (пророштво). Оние кои ги слушаат ѓаволите често пати стануваат лажни пророци“.
И понатаму вели:
„Ѓаволите не знаат ништо за иднината заради некакво свое предзнаење, бидејќи и лекарите можат, врз основа на симптомите, однапред да ни ја најават смртта“.
Потоа заклучува, велејќи:
„Кога ќе почнеме да веруваме во соништата од ѓаволите, тие ни се потсмеваат, та дури и кога сме будни. Кој верува во соништата и привиденијата во сонот е потполно неискусен. А кој не верува во ниту едни, таквиот е мудрец“.
Значи, грев е да веруваме во соништата и виденијата, бидејќи со нив многу лесно нè измамуваат ѓаволите и нè фрлаат во ужасниот грев на гордоста и празнословието, кога човекот повеќе се надева во себе отколку во словото Божјо. Со ваква искушувачка мајсторија ѓаволот прелажува мнозина христијани и монаси, фрлајќи ги потоа во бездната на погибелта. Ако, пак, некој има недоумица во врска со својот сон или видение, веднаш треба да го исповеда на духовникот и да побара совет, бидејќи преку духовникот ни зборува Бог.