„Љубовта кон Бога е најдобар лек за душата“

Интервју со Архимандрит Партениј за „Битолски Весник“ по повод наградата за животно дело „4ти Ноември“


1. Битолски весник: Ваше високопреподобие, кажете ни на почетокот што претставува за Вас наградата за животно дело што Ви ја додели Општина Битола.

Архимандрит Партениј: Навистина оваа награда пријатно ме изненади и ја прифатив како чин на љубов, поддршка и едно признание за мене и моето братство, заради нашето скромно, пожртвувано залагање за духовно заздравување на младината и подобрување на нашето општество. Но морам да кажам дека за мене вистинска награда се луѓето кои ја почувствувале љубовта и грижата на Црквата, преку нашиот манастир, и станале вистински верници, а со тоа и добри граѓани. Јас, пак, сѐ што правам според моите сили, го правам за слава на Бога и од љубов кон Него, но сигурен сум дека во очите на Бога тоа е толку малку, бидејќи секогаш можеме повеќе. Затоа јас, заблагодарувајќи се за наградата, посебно ја искажав благодарноста кон Бога што ми го дарува ова послушание – да помагам на оние кои најмногу страдаат. Секако, со оглед на мојата младост, јас и моето братство оваа награда ја сметаме како своевиден поттик да продолжиме да работиме со уште поголема пожртвуваност и љубов, сецело предавајќи се на ближниот, кој ја бара нашата помош.
 

2. Битолски весник: Во образложението за наградата имаше сосема скромно објаснување, зошто всушност Ви беше доделено ова високо признание. Кажете ни за кои Ваши придонеси Ви беше доделено признанието.

Архимандрит Партениј: Веројатно во интерес на времето беше дадено така кратко образложение, но на народот добро му е позната нашата социјално – духовна работа со младите луѓе, бидејќи со тоа се занимаваме веќе единаесет години. Резултатите се општопознати. Самите млади луѓе, кои својата промена ја доживеале во нашиот манастир, се најголеми сведоци во своите средини за она што го прави манастирот. Покрај тоа што тие во нашиот манастир ја добиваат потребната помош да станат здрави, силни личности, ние не ги оставаме без наша поткрепа и надвор од манастирот. Нашата обител, преку црковните заедници, помага во нивната севкупна ресоцијализација, за тие во секој поглед да бидат прифатени како нормални личности, интегрирајќи се на таков начин во општеството, како негови корисни и примерни членови.  Затоа сметам, дека оваа награда како иницијатива од граѓаните е доделена заради нашиот скромен, но многу пожртвуван придонес за подобрување на нашето општество. Во спротивно, наградата не би имала за мене никакво значение, доколку таа би се доделила заради нешто што според мене не е најзначајно за духовната работа, како што е на пр. градењето на конаци, подобрувањето на манастирската инфраструктурата, подигањето храмови итн., без притоа да се обрне поголемо внимание на духовната преобразба на луѓето. Затоа најважно, но и наша света должност, е духовното градење на Црквата.
 

3. Битолски весник: За Вас велат дека многу сте придонеле да ги оттргнете младите од злото на дрогата. На кој начин го правите тоа?

Архимандрит Партениј: Самиот збор Црква значи заедница, а тоа е заедница на љубовта. Во овој денес толку суров свет на секој човек му е повеќе од потребна вистинска љубов, која сама по себе претставува лек за неговата душа. Кога денешниот човек ќе се сретне со вистинската љубов во Црквата, кај него настанува будење – најпрвин доаѓа интересот за Бога, па покајание и конечно, човекот почнува да ја согледува вистинската смисла на животот. Слично нешто се случува со младите луѓе кои доаѓаат да се лекуваат во нашиот манастир. Тие кај нас се среќаваат со искрена пожртвуваност и љубов, па бидејќи особено трогнати од сознанието дека сѐ овде се прави единствено од сочувство и грижа, без притоа манастирот да има било каква материјална придобивка, се отвараат како личности и се трудат во целост да се интегрираат во монашката заедница. Некои од нив се можеби избркани од дома, некои имаат кривично досие, но ние не ги селектираме: сите оние што тропнале на нашата врата и искрено побарале помош, не биле одбиени. Зашто така правеше и нашиот Спасител. Он не ги отфрлаше грешниците кои се каат, туку со Неговата божествена љубов го примаше нивното покајание и тие од грешници стануваа Христови следбеници и проповедници на радосната вест за спасението на светот. Во оваа работа, на почетокот потребно е огромно трпение и љубов, особено во првиот месец од апстиненцијата и периодот пред првата исповед, бидејќи иако тие доброволно дошле да се лекуваат во манастирот, сепак потребно им е време да се одвикнат од лошите навики стекнати од овој порок. Со оглед на тоа дека во манастирот секогаш има околу дваесетина, понекогаш и триесет деца, од кои само три до пет се новодојдени, постарите и поискусните им помагаат на новите полесно да го поминат тој прв период, па за таа цел доброволно остануваат и подолго во манастирот, иако веќе се излекувани. Сите методи на лекување во нашиот манастир се од духовен характер. Тука особено значење имаат постојаните духовни разговори и исповедта, секојдневните богослужби, светата Причест, заедничките трпези проследени со духовни поуки и секако, различните послушанија кои децата ги работат заедно со монасите од нашето братство. Сето ова овозможува децата потполно да се оттргнат од пороците и да станат здрави и нормални личности. 

4. Битолски весник: Според Вас кој е рецептот младите да се ослободат од зависноста на дрогата?

Архимандрит Партениј: Човекот е создаден од Бога да биде слободен, и заради тоа тој има еден постојан стремеж кон слободата. За жал, тој слободата ја злоупотребува, кога ги задоволува своите егоистички страсти, без да знае дека така, всушност, ја губи својата слободна волја, и слободата воопшто, станувајќи роб на тие страсти и творејќи го она што не е полезно за него. Св. Апостол Павле вели: „Сѐ ми е позволено, но не ми е сѐ од полза“. И уште додава: „Стојте во слободата, со која ве ослободи Христос“, што значи дека човекот единствено живеејќи со Бога во Христа, може да биде вистински слободен. Само Он го има вистинскиот рецепт, како човекот да се ослободи од своите погубни страсти и пороци, како да се оттргнува од злото и да се прилепува кон доброто. Затоа, на сите млади им препорачувам, доколку сакаат вистински да се радуваат во животот, да ја отворат вратата на своето срце за Христос, Кој чека пред неа да влезе. 

5. Битолски весник: Дали со тоа што во последно време сѐ поголем број млади посегнуваат кон дрогата, значи дека тие на тој начин сакаат барем за миг да ја напуштат реалноста и да се преселат во некој друг, имагинарен свет, кој, иако објективно нереален, сепак е далеку поиприфатлив за младите? 

Архимандрит Партениј: Причината за целото зло во светот се наоѓа внатре во човекот, односно во неговата обезбоженост. Безбожниот човек, убивајќи Го Бога во себе, станува сластољубив егоист, едно несреќно суштество, кое ја изгубило вистинската смисла на животот, а со тоа и вистинските морални вредности. За жал, како последица на ова, денешното модерно општество, кое сѐ повеќе е заедница на вакви обезбожени индивидуи, забрзано се претвора во едно сурово место за живеење. Во ваквата бесмислена реалност, изградена врз темелите на безбожниот светоглед, младиот човек бара излез. А вистинскиот излез се наоѓа единствено преку стекнување на правилен светоглед, заснован на вера во Бога, и на тој начин, враќање кон вистинските морални вредности.
 

6. Битолски весник: Дали според Вас, младите на сегашната генерација, особено Вашата, некако не се подготвени да се соочат со сувата реалност на оваа транзиција, која ги урна сите човечки и професионални вредности и каде што владее бескруполозна трка по богатство?

Архимандрит Партениј: Видете, очигледно е дека комунизмот ги постави темелите на денешниот атеизам, односно ја уби верата во Бога кај поголемиот дел од нашиот народ. Така, причината за сегашниот морален пад не е транзицијата, туку, воопшто, погрешниот начин на живот на луѓето, проследен со искривени критериуми за моралните вредности, а кој својот почеток кај нас го има во комунизмот. Од друга страна, пак, со ваква духовно-морална ерозија денес се соочува скоро целиот модерен свет, особено Западна Европа. Додека, пак, некои од посткомунистичките земји, како на пример Русија, работат на враќање кон правилното воспитување на младите деца, воведувајќи задолжително поучување во верата во основните училишта и целокупно враќање на општеството кон вистинските христијански животни начела. Конкретно во Русија, тоа е проект на самата Руска влада во соработка со Црквата, со цел подобрување на општеството. Мислам дека овој пат треба да го следат и останатите држави во светот. 

7. Битолски весник: Кој е Вашиот духовен совет за младите да се спротивстават на сегашната реалност?

Архимандрит Партениј: За жал, во нашето општество постојат многу предрасуди во однос на верата и Црквата. Кај повеќето луѓе верата се практикува крајно формално, а од таквата вера човек нема никаква корист, бидејќи, слободно можам да кажам, е сведена на еден примитивизам, во кој најмногу преовладуваат народните обичаи и празноверија. И доколку некој почне да ја практикува верата на вистински начин, тој веднаш се соочува со проблеми од околината. Стапува на сцена малограѓанско оговарање дека тој наводно е занесен, затоа што почнал во недела да оди во Црква, да чита духовна литература итн. За него се зборува дека ќе стане затворен, ќе ја изгуби својата слобода и „нормалниот“ живот, но слава на Бога, полека излегуваме од ова клише на размислување – да го наречам посткомунистичко и транзициско. Моите чеда секогаш ги поучувам да сведочат за Бога со својот живот секогаш и секаде – во кафулињата, дискотеките и на сите места каде младите се забавуваат, бидејќи и тие, како нормални млади луѓе сакаат забава, но од друга страна, како христијани ги учам дека треба да имаат мерка во сѐ и да бидат пример на сите за вистинска љубов, пожртвуваност и другарство. Да се радуваат вистински на животот, да ги прифаќаат сите предизвици што тој им ги носи и на вистински начин да се справуваат со нив, бидејќи секој христијанин треба да биде образец во доброто и светлина на светот.
 

8. Битолски весник: Со оглед на тоа што Вие сте сѐ уште млад човек кој допрва треба да ги презентира своите знаења и умеења, дали очекувавте вакво високо признание?

Архимандрит Партениј: Верувајте, како христијанин никогаш не очекувам признание од луѓето, туку само од Бога, бидејќи сум научил дека христијанинот треба постојано да се дава себеси во служба на Бога и ближниот, не барајќи за тоа никаква награда и надокнада. За тоа Апостол Павле убаво нѐ поучува, кога вели: „Поблажено е да се дава, отколку да се зема“.
 

9. Битолски весник: Кажете ни нешто повеќе: кој е, всушност, отец Партениј? 

Архимандрит Партениј: Вистинскиот монах треба да избегнува да зборува добро за себе, а, секако, да ги избегнува и пофалбите од другите. Па бидејќи јас се определив да се прибројам кон светиот собор на монасите, ќе избегнам било што да кажам за мене, но ќе го кажам тоа дека „само за едно Го молам Господа и само тоа го сакам, да останам во дворовите Господови“, да Му останам верен до крајот на животот и да Му послужам, според Неговата света волја, за мое спасение, за полза на Црквата и на татковината.
 

10. Битолски весник: Како Вие ги оценувате состојбите во МПЦ-ОА, која во последно време често пати е обвинувана за криминал и корупција?

Архимандрит Партениј: Веќе напомнав дека живееме во општество на паднати морални вредности. Денес кај нас постои една тенденција, одредени структури во општеството, на еден многу поперфиден начин отколку оној во комунизмот, да се борат со сите сили против верата во Бога и против Црквата. Со ова не сакам генерално да ги оправдам сите негативни случувања во Црквата, туку да напомнам дека во многу случаи, овие афери се пренагласени и погрешно т.е. злонамерно претставени во јавноста. Но треба да се знае дека Црквата е заедница која го опфаќа и клирот и народот, значи сите сме нејзини членови. Треба сите едни за други да се молиме за да излеземе како победници над злото, кое на сите подеднакво ни се заканува, бидејќи сите сме луѓе со слабости. Потребна ни е соработка со Бога за да можеме да одолееме на соблазните.
 

11. Битолски весник: Кои се Вашите лични планови, како на приватен, така и на црковен план? Каде Вие се гледате во наредните неколку години?

Архимандрит Партениј: Како монах јас потполно сум се предал на Црквата, сите мои планови и надежи сум ги положил пред Божјиот Престол. Затоа ќе кажам дека мојот план за иднината е само верно, пожртвувано служење на Бога и на Црквата.
 

12. Битолски весник: На свеченоста при доделувањето на наградата, Вие се откажавте од паричната награда и средствата во висина од 60.000 денари ѝ ги оставивте на Општината, да ги даде за хумани работи. Дали не мислите дека во Македонија во моментот недостасува таа хуманост?

Архимандрит Партениј: За жал, човекот, заради својата падната природа, во суштина станал егоист. Доколку го посетуваме храмот и ги слушаме поетичните молитви на Црквата, ќе забележиме дека во нив Христос многу често се нарекува Единствен Човекољубец. Од ова се гледа дека единствено Он вистински го љуби човекот и го научи и него да биде човекољубец – филантроп. И доколку ја погледнеме историјата на светот, ќе видиме дека најхуманите луѓе биле инспирирани токму од Христа и Неговото свето Евангелие. Зашто Христос нѐ учи дека доколку направиме добро дело на било кој човек на земјата, сме Му го направиле Нему. Така сметам дека вистинската и нелицемерна хуманост е поврзана со верата во Бога.
 

13. Битолски весник: Како да се врати вербата, не само во Бога, туку и во обичниот човек, во другарот, пријателот, соседот?

Архимандрит Партениј: Христос вели: „Прави им го на другите тоа што сакаш тебе да ти го прават“. Нема човек на земјата кој не сака да биде љубен. Затоа љуби за да бидеш љубен. А така ќе бидеш добар родител, добар другар, добар сосед, воопшто добар граѓанин. Само враќањето кон вистинските евангелски, универзални, морални вредности е единствената надеж за подобра иднина на овој свет.

Информации за медиумот: „Битолски весник“ — еден од најстарите весници во Македонија. Излегува еднаш неделно. Основан: 28 април 1964