Честиците од Чесниот и Животворен Крст Господов
Парчето од Крстот Господов останало во храмот „Св. Софија“ во Константинопол до XII век, а потоа било пренесено. Едно, затоа што византиските цареви се плашеле тоа да остане во отворена и секому пристапна црква, каква што е „Св. Софија“, и второ, бидејќи чувствувале потреба да бидат што поблизу до него. Така Крстот бил однесен во црквата „Св. Богородица Фарска“, која се наоѓала во царскиот комплекс на зданија и цркви, од каде што според потребите на богослужението го изнесувале и носеле во други цркви, но секогаш повторно го враќале во царскиот двор. Се спомнуваат три делчиња од чесниот Крст во храмот „Св. Богородица Фарска“, чијашто ризница била најбогата со светињи. Чуварот на оваа ризница, Николај Месаритис, во 1200 година ги набројал драгоцените светињи кои оваа ризница ги чувала, но само неколку години подоцна (1204) истата била разграбана од страна на Латините при крстоносните походи. Најголем дел од реликвиите биле однесени на Запад.
Уште од времето на Византијците се знае дека честици од крстот биле разделувани низ разните цркви и манастири на Запад и Исток. Се спомнува дека тие делови биле чувани во посебни реликвијари од кои некои сè уште постојат. Овие реликвијари се познати како „Ставротеки“ или „Ксилотеки“, а биле уметнички дела изработени од познатите византиски кујунџии и емајлери, и украсени со скапоцени камења. Ставрoтеките претставуваат една од најзначајните византиски дела и најрепрезентативни споменици од царската византиска уметност. Кога византискиот цар одел во војна, еден од неговите повисоки функционери одел напред носејќи на својот врат ставротека.
Денес честица од Чесниот и Животворен Крст се чува во многу цркви и манастири ширум светот. Поголемо парче од Крстот се наоѓа во манастирот Кутлумуш на Света Гора. Впрочем, според зборовите на современиот Старец Емилијан Симонопетриски, на Света Гора „невозможно е во секој манастир да не ви ја изнесат за поклонение најдрагоцената светиња, дел од Дрвото на Чесниот Крст Господов“. Поголемо парче од Животворниот Крст има во Ерусалим во храмот на Воскресението, потоа во Шпанија во храмот „Санто Торибио де Лебана“, а помали честици има низ целиот христијански свет: низ Света Русија, Украина, Црна Гора, Грција, Грузија, Кипар, во Париз, Рим, Брисел, Венеција, Гент, како и во Германија, Австрија, Ерменија, Латвија итн.
Во нашата земја и Бигорскиот и Раичкиот манастир чуваат честица од оваа најскапоцена христијанска светиња, пред која доаѓа да се поклони големо мноштво народ, просејќи благослов и поткрепа за своите семејства, ближни, како и за својата татковина. Имено, во Бигорскиот манастир во XIX век познатиот ктитор и игумен Арсениј изработил кивот, во кој централно место зазема сребрениот позлатен крст, во чијашто внатрешност тој ја поставил честицата од Чесниот Крст донесена од Константинопол. Во манастирот, пак, во Рајчица оваа светиња е поставена внатре во иконата што го претставува празникот Крстовден, а која се наоѓа на левата страна во пределот на нартексот. На празникот Воздвижение на Чесниот и Животворен Крст Господов – Крстовден, стариот сребрен крст од времето на игумен Арсениј во кој се наоѓа крстовидната честица, се вади од кивотот и се поставува во скапоцена филигранска ставротека со која на храмовата слава во Рајчица се извршува чинот на „Воздвижение на Крстот“. Во Бигорскиот манастир оваа традиција се практикува и во Крстопоклоната недела на Великиот Пост, како и на почетокот на Богородичниот Пост кога се слави споменот на Изнесувањето на Чесниот Крст и светите браќа Макавеи.