Крстот Христов и неговото значење во нашиот живот

Животот во Христа не е живот немарен, неодговорен, живот безгрижен, без труд. Ја има вистинската среќа, големи и суштински радости, многу и најдлабок мир, кои меѓутоа се постигнуваат полека – полека и се оддржуваат и се умножуваат преку крстоносниот живот.

Крстот Христов постои и се повторува во животот на Светите, во животот на верните, на учениците Христови и денес. Тој го разубавува нашиот живот, нè образува во Христа, нè созрева, нè подготвува за Воскресението, за вечниот живот.

Светот вон Црквата се плаши од Крстот Христов, му се потсмева, се гнаси од него, се одрекува од него на секој начин. Така останува без Неговиот благослов, без Неговата сила, без надеж во сегашниот и во идниот век. Смирените ученици Христови со многу трпение го носат Крстот во својот живот, макар и со немоќи, со несовршенства, коишто ден за ден се премавнуваат и на нивното место се отпечатуваат крсните на љубовта „рани Исусови“ во нивното тело и душа.

Тоа се тие кои произлегуваат „од големата скрб“ и се обелува нивната облека со крвта на Агнецот.

Тоа се тие кои можат да љубат вистински во Христа, да го сфатат ближниот со неговите гревови и слабости, да го прифатат каков што е, дури и кога не го цени тоа, како што Самиот Господ нè возљуби без да го цениме тоа.

Тоа се тие кои со подигањето на Крстот Христов во нивниот живот ја држат Божјата благодат во нашиот болен свет и го оддржуваат, го разубавуваат. Не се и денес малку тие кои го љубат Крстот Христов во нивниот живот. Не се малку тие коишто го претпочитаат наместо лесните светски решенија, пазејќи „сурови патишта“ само и само „заради зборовите од усните Исусови“.

Во нив копнееме да се вброиме, со благодатта Божја, и ние што поради нашите слабости тешко го распнуваме на Крстот Христов стариот човек, нашиот горд разум, и да велиме со секојдневната наша пракса: „На Твојот Крст се поклонуваме, Владико…“

На Твојот Крст се поклонуваме, Владико…

Чесниот Крст како символ и знак Христов

Чесниот Крст е најсветиот знак и символ на нашата вера. Сите свети Тајни се извршуваат со призивот на Светиот Дух и со печатот на Крстот: Крштението, Миропомазанието, Евхаристијата. Сите свештени благослови се во знакот на крстот. Светите храмови, светите садови и одежди се осветуваат со Чесниот Крст. Не може да се замисли литургиско дејство или собрание на верните без печатот на Чесниот Крст.

Крстот е и најверниот пријател на секој православен Христијанин, од моментот кога кога ќе се родиме па до нашата смрт. И гробот на секој Христијанин се обележува со Крст. Знакот на крстот го ставаме на нашите гради, на нашите работни места, во нашите домови, во нашите автомобили, и како што пее Црквата: „Крстот е чувар на целата Вселена, Крстот е красота на Црквата, Крстот е утврдување на царевите, Крстот е поткрепа на верните, Крстот е слава на ангелите и рана за демоните“.

Крстот е не само најсвет и најомилен, туку и најнезаменлив христијански символ. Без него не може да се замисли Црквата на Распнатиот Христос. Затоа еретиците или не ја искажуваат должната почит кон Чесниот Крст (како што се Протестантите или Евангелистите), или целосно го одречуваат и го навредуваат (Јеховините сведоци).

Света Причест

 

Во Старечникот е опишано како Јован Востринос, човек свет и со власт над нечистите духови, ги прашал демоните: „Кои работи кај Христијаните најмногу ве плашат?“ Тие му одговориле: „Од три работи се плашиме: од она што го носите околу вратот, од она со што се попрскувате во храмот и од она што го јадете на Литургија“. Тој пак ги прашал: „Од тие три нешта, од кое најмногу се плашите?“ а тие му одговориле: „Ако добро го пазите она со што се причестувате, никој од нас не би можел да му наштети на ниту еден Христијанин“. Значи она од што најмногу се плашат демоните се: Крстот, Крштението и Причеста.


Извадок од книгата: Архимандрит Георгиј Капсанис, Крстот Христов и неговото значење за нашиот живот, Скопје: Премин, 2008, 7-12.