Никео-Цариградскиот Символ на верата – Основи на православната вера – XXI дел

Символите во Христијанството се присутни од самиот почеток и сведоштвата за нив постојат уште во катакомбите од првите векови на Црквата. Господ Христос символички бил претставен како риба, или како Јагне Божјо, за кое зборува св. Јован Богослов во Откровението.

Символот на верата, израз на присуството Божјо

Поимот „символ“ е сложенка од грчко потекло…. што значи да се стави заедно, да се состави, да се соедини. Во Христијанството символот не подразбира, како во паганството, поистоветување на објектот и неговата смисла, ниту, пак, како во иконоборството, или подоцна рационализмот, нивно разделување. Символот не е едноставно знак (signum), кој укажува на нешто далечно, одделено со просторот, времето, или трансцендентната природа. Символот делумно и постепено, ја открива тајната која ја означува, истовремено воведувајќи во уште подлабока тајна. Во согласност со Ареопагитските списи, символот служи за искажување на недостижното и бесконечното во достапното и конечното, бидејќи во него „се преплетува искажливото со неискажливото“. Символот значи, подразбира присуство на она за кое станува збор, а тоа значи меѓу символот и она што символот го претставува постои неслеано и неразделно единство. Веќе од овие зборови е јасно дека за символ во Христијанството не може да се зборува независно од Господа Христа во Којшто е остварено неслеаното и неразделно единство на несоздадената, невидлива божествена природа и создадената, видлива човечка природа.

Икона: Света Троица

Меѓу верните и Бога се остварува заедница во Христа, Кој е Образ на Бога невидливиот (Кол. 1,15), односно во Црквата која е „лик и икона Божја, зашто го подражава Неговото дејство и Нему Му го должи својот лик (образец, начин на постоење)“. Ова ни кажува дека символот во Христијанството најдобро се сфаќа ако се набљудува и доживува во светлината на иконичната онтологија.

Символот на верата не е некаква теоретска декларација, дополнително вметната во Канонот на Евхаристијата, со оглед на тоа дека извира од најдлабокиот живот на Црквата, од најнепосредното искуство на верните во остварувањето на единството и заедницата на создадениот свет и несоздадениот Бог, во Личноста на Господ Христос.

Како што Бог станал Свој лик, т.е. Свој символ, така и човекот преку исповедањето на верата треба да стане, според подобието на својот Прволик Господ Христос, односно да се уподоби на начинот на постоење на Света Троица (Битие 1,27). Ова е единствено можно и остварливо во Црквата, затоа што Црквата е икона на Бога, онаа која го пројавува внатрешното троично дејство и единство во Телото Христово. Искуствата на Апостолската Црква на најдобар начин го покажува присуството на Света Троица во животите на верните. Тоа искуство го посведочува скратениот Символ на верата изразен со зборовите: Во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух. Со него не само што се искажувала вера во Света Троица, туку и се исповедала верата во присуство на Света Троица при секое собирање на верните. Поаѓајќи од начелото на иконичната онтологија, сите Свети Тајни, а пред сѐ Евхаристијата и Крштението, со посредство на троичниот благослов ги воведувале верните во најнепосредна заедница со Бога.

Влегувањето на многубошците во Црквата, пред христијанските отци и учители поставило задача на богословски начин да го објаснат и скратено да ја искажат верата во Света Троица. Во тие настојувања од голема полза им биле веќе споменатите Крштални символи на Помесните Цркви. Овие символи биле користени од Отците на Првиот Вселенски собори за да се искаже соборната вера на целата Црква. Основа на Никејското исповедание на верата биле пред сѐ Кршталните символи на Ерусалимската и Антиохиската Црква, но и на други Помесни Цркви.

Икона: Константин I (во средина) и дел од членовите на Првиот Вселенски собор (325), држејќи го Симболот на Верата на Вториот Вселенски Собор (381)

 

Смислата на составувањето на Символот на верата Отците ја гледале пред сѐ во искажувањето на единството на верата на вселенско ниво, но воедно во одбраната на верата од еретичките учења. Веќе самиот Никејски символ со своето недвосмислено искажување на верата во едносушноста на Синот со Отецот, стана образец на сите подоцнежни Соборски одлуки, символи и ороси. Заради нагласувањето на суштинското единство во Света Троица, св. Василиј Велики велел дека Никејскиот символ е „голема проповед на вистинската вера“. Слично на него, св. Атанасиј Велики нагласувал дека Никејското исповедање на верата „било способно и доволно да уништи секаква нечестива ерес и да го утврди црковното учење“. Со Никејскиот символ се оспорува учењето и на оние кои хулат на Светиот Дух нарекувајќи Го создание, зашто „тогаш Отците искажувајќи сѐ за верата во Синот, веднаш додадоа: веруваме и во Духот Свет, за со тоа да ја исповедаат совршената и потполна вера во Света Троица“.

(Продолжува…)