Посета на Мудреците (прв дел)

2, 1. А кога се роди Исус во Витлеем во дните на иар Ирода, ете, дојдоа во Ерусалим мудреци од Исток и рекоа:

Витлеем

Во овој стих се зборува за местото каде што се родил Спасителот Христос се родил во „Витлеем Јудејски“. Наречен е Јудејски зашто имало и друг Витлеем. Витлеем или Бетлехем во превод значи „Дом на лебот“. Неговото старо име било Ефрат. Зошто е наречен „Дом на лебот“? Ова гратче се наоѓа во витлеемската долина, јужно од Ерусалим, а таа долина е една од најплодородните. Можеби, заради житницата и плодородноста е наречен „дом на лебот“, а во преносна смисла, затоа што таму се роди Христос – вечниот живоносен леб. Витлеем уште е наречен и „град Давидов“ (Лука 2, 11), затоа што ова гратче било и родното место на цар Давид. Откако го опишува местото, евангелистот го посочува и времето на Христовото раѓање и вели: „Во дните на цар Ирода“. Кој бил тој цар Ирод и дали за него знае световната историја? Ирод бил цар на Јудеја, а наречен е Ирод Идумеец или Велики. Од Римскиот император бил назначен за управител на цела Палестина – Јудеја, Самарија и сите други краишта, добивајќи ја титулата „цар“. Ирод бил олицетворение на злото во човечки лик, крвожедннк и убиец, со 8 жени и со 15 или 16 деца, со 32 внуци од кои повеќето лично ги убил, ги задавил или ги спалил, а познати се и неговите други бројни убиства. Кога дошол на власт во Ерусалим ги убил сите членови на Синедрионот. Тој, пак, доживеал тешка и трагична смрт. Знаејќи дека на неговата смрт никој нема да се разжалости во Палестина, наредил да ги повикаат сите старешини јудејски (од секој дом по еден) за да ги убие, па Евреите, плачејќи за своите блиски ќе го оплакуваат и Ирода. За среќа, ова зло не се случило, бидејќи тој ја изрекол наредбата, но веднаш потоа умрел, а војсководецот не ја извршил таа наредба. Тој е првиот јудејски цар другоплеменик. Во тие дни во Ерусалим дошле мудреци од Исток. Зборот „Ерусалим“, на еврејски – Јерушалаим, арамејски – Јерушалем, веројатно доаѓа од Јеруш + Шалем = Град на мирот. Градот бил на височинката Сион и затоа се велело: да се искачиме во Ерусалим. Давид го освоил од Евусејците и го направил свој престолен град. Кои се тие „мудреци“, што се и од каде дошле? Мудреците, на грчки јазик се наречени μάγοι, а на црковно-словенски волсвы, биле најучените луѓе во тоа време, кои се занимавале со најтешки прашања. Главна преокупација им била медицината и астрономијата.

Се вели „ од Исток“- а кој е тој Исток и од каде тие дошле? Егзегетите по ова прашање не се сите едномисленици. Така, едни мислат дека мудреците дошле од Вавилон, а други од некое друго место. Веројатно дошле од Вавилон, од Персија – денешен Иран, бидејќи во црковните песни се нарекуваат мудреци Персиски – волсвы персидстїи. Во Евангелието не се зборува колку биле, но црковното предание сведочи дека се тројца – според бројот на подароците и според тоа што тие доаѓаат во името на целото човештво кое произлегло од тројцата синови на Ное. Мудреците се викале Мелхиор, Гаспар и Валтазар. Тројцата мудреци, исто така, се и претставници на трите возрасти: Мелхиор — старец, Гаспар — средновечен и Валтазар – младо, црвенолико момче. Доаѓањето на мудреците мора да било подоцна од Исусовото внесување во ерусалимскиот храм во 40 ден од Неговото раѓање (Сретение Господово), кое е опишано во евангелието според Лука (Лука 2, 22). Ако нивното доаѓање било пред овој настан, тогаш Ирод би го чекал светото семејство во храмот за да Го убие Богомладенецот.

2, 1. Каде е новородениот Цар? Ја видовме Негоовата ѕвезда на Исток, па дојдовме да Му се поклониме.

Тие прашуваат „каде е новородениот Цар Јудејски“ и кажуваат дека ја виделе „Неговата ѕвезда“. Која е и каква е таа? Преку изучувањето на астрономијата овие луѓе ја дознавале судбината на еден народ, па така, преку појавата на разни ѕвезди и нивната местоположба дознавале за големи настани во човештвото. Но, од каде знаеле дека тоа е ѕвездата на Христа, кога немале врска за Спасителот и не знаеле за месијанските идеи? Во тоа време, во Вавилон имало верување дека при раѓањето на секое дете се раѓа ѕвезда, а при смртта згаснува. Како учени луѓе тие веројатно го имале и Стариот завет од Библијата. А, исто така, таму, меѓу нив, во Вавилон, додека Евреите биле во ропство, пророкувал пророкот Даниил. Појавата на таа ѕвезда мудреците ја забележале и таа ги повела да Му се поклонат на Младенецот (според пророштвата во Книгата на пророкот Даниил тие го знаеле времето на Христовото раѓање и кога се појавила ѕвездата тие тргнале по неа). Кога стигнале во Ерусалим прашале „каде е новородениот Цар“ бидејќи таа ѕвезда ги водела од Вавилон до Ерусалим и таму се изгубила. Месијата го нарекле Цар Јудејски и си мислеле дека ерусалимските граѓани, бидејќи ним за сѐ им е пророкувано, знаат за раѓањето и дека веќе Му се поклониле на новородениот Цар. Бог, на тој начин – со губењето на ѕвездата, ја соопштил грешноста на Израилците кои знаеле за новородениот Месија, а не Му се поклониле. А може ли ѕвезда да води луѓе, па дури и да се појавува и да се губи? – Да, може. Според свети Јован Златоуст таа е духовна ѕвезда, а не обична (небеска) ѕвезда. Тоа е ангел Божји кој ги води луѓето. Таа оди од исток кон запад, а движењето на ѕвездите е од југ кон север. Значи, таа е необична. Потоа, за да ги води луѓето како патеводител, таа мора да била пониска од другите ѕвезди. А, ете, таа и дење светела за да ги води. Тоа, пак, не е својствено за (небеските) ѕвезди. Исто така, таа се изгубила кај Ерусалим, а потоа пак се појавила, а кога стигнала над Витлеем силно засветила. Зошто мудреците ги водела ѕвездата, а не нешто друго? Бог на најлесен начин ги привел со ѕвездата, бидејќи тие се занимавале со проучување на ѕвездите.

(Продолжува…)