Посета на Мудреците (втор дел)

2, 2. Штом го чу тоа, цар Ирод се уплаши и целиот Ерусалим со него.

Кога Ирод го слушнал прашањето за новородениот Цар Јудејски се исплашил, мислејќи дека ќе му го земе царскиот престол, а „Ерусалим“, односно Ерусалимјаните, се исплашиле поради нивната грешност и поради крвожедниот цар Ирод кој можел да ги убие сите Ерусалимјани, сметајќи дека народот знае за новородениот Цар, но не сакал да му каже нему. Имало и такви, кои се плашеле за својата добра положба, сметајќи дека ќе дојде нов цар и ќе смени сѐ, а со тоа ќе се измени и нивната положба.

2, 3. И кога ги собра сите првосвештеници и книжници народни, ги праша: ,Каде треба да се роди Христос‘?

„Кога ги собра сите првосвештеници и книжници“, значи го собрал Еврејскиот Синедрион. Синедрионот (на еврејски јазик Санхедрин) го сочинувале 72 члена. Тоа бил највисокиот законодавен дом – парламент. Претседавал првосвештеникот што бил во таа година, со едногодишен мандат. Членови биле: првосвештеници – најнапред претседателот и неговите претходници, вкупно 24; потоа, книжници или законици – луѓе кои се занимавале со изучување на Стариот завет (тогашни богослови и јуристи) и на крајот, народни старешини, претставници на народната власт. Последниве не се спомнуваат во стихот заради концизност во изразувањето. За да работи – Синедрионот требало да има најмалку една третина од членовите.

Синедрионот за првпат е основан за време на Мојсеј. Кога дошол Ирод, ги погубил сите членови, а го поштедил само претседателот на кого му ги извадил очите. Потоа Ирод создал свој Синедрион, а по неговата смрт ова тело исчезнува.

Ирод новородениот цар Го нарекува Христос и ги прашува каде ќе се роди.

2, 5-6. А тие му одговорија: ,Во Витлеем Јудејски; зашто така е напишано преку пророкот: И ти, Витлееме, земјо Јудина, по ништо не си помал меѓу војводствата Јудини; оти од тебе ќе излезе Водач што ќе го пасе Мојот народ – Израилот.

Зошто Ирод ги собрал сите првосвештеници и книжници и ги прашал каде ќе се роди Месијата? Затоа што сите првосвештеници и книжници знаеле за Христовото раѓање, но не се подготвувале. Тие и напамет го изрецитирале пророштвото, а на мудреците им било чудно што овие луѓе го знаат ова напамет, а не се подготвиле да Го пречекаат Спасителот и да Му се поклонат. Во 6 стих е посочено пророштвото на пророкот Михеј, во кое се зборува дека Витлеем бил мал град, но се удостоил да биде царски град: Давидов и Христов (Мих. 5,2).

2, 7. Тогаш Ирод тајно ги повика мудрецише и дозна од нив точно за времето, кога се појавила ѕвездата.

Ирод тајно ги повикал мудреците за да му го кажат точно ‘времето’ кога се појавила ѕвездата. Зошто „тајно“? Затоа што сакал да го сокрие својот злобен план за убиство на новородениот Цар. Си велел: ако ги прашам јавно и ако ми кажат пред другите, Јудејците можеби ќе го претчувствуваат мојот план и ќе Го спасат новородениот Цар. „Мудреците“ му кажале кога се појавила ѕвездата, не знаејќи за неговите тајни намери. Кога се појавила ѕвездата? Едни сметаат дека се појавила во времето кога се воплотил (зачнал) Богомладенецот, зашто времето на патувањето на мудреците траело долго, а според други – таа се појавила кога се родил. Најверојатно се појавила кога се воплотил Богомладенецот.

2, 8. Па, испраќајќи ги во Витлеем, рече: ,Отидете и распрашајте се добро за Младенецот и, штом ќе Го најдете, јавете ми за да отидам и јас да Му се поклонам.

Мудреците биле вчудовидени од ова однесување на Царот кон Месијата. Првосвештениците, иако знаеле за Царот Јудејски, не искажале желба да појдат, а царот Ирод се заинтересирал, го свикал Синедрионот и сакал да оди таму. Мудреците му верувале и со радост тоа го прифатиле. Интересна е забелешката на еден црковен писател: Како барем еден од Ерусалимјаните од љубопитство не посака и не рече да појде со мудреците за да Му се поклони на Богомладенецот?!

2, 9-10. Тие, откако го ислушаа царот, си заминаа. И, ете, ѕвездата, што ја беа виделе на Исток, врвеше пред нив, додека не пристигна и се запре над местото, каде што беше Младенецот.

А кога ја видоа ѕвездата, тие се зарадуваа со многу голема радост. “Нивната патеводителка, ѕвездата“, не ги оставила и понатаму сами да се грижат, да го бараат местото каде што се родил Месијата. Таа се појавила и ги водела на југ кон Витлеем. Од Ерусалим до Витлеем имало два часа одење пеш. Тие можеле да прашуваат и да стигнат до Витлеем, но таму не би можеле да го најдат местото каде што бил новородениот Цар. Затоа, многу се израдувале на повторното јавување на ѕвездата. Таа одела пред нив и кога стигнале до местото, застанала точно над него, покажувајќи го со зраци тоа место.

2, 11. И штом влегоа во куќата, Го видоа Младенецот со мајка Му Марија, и паднаа, Му се поклонија; а кога ги отворија своите ковчежиња, Му принесоа дарови: злато, ливан и измирна.

Стигнале до местото каде што бил Богомладенецот. Во Евангелието според Матеј забележан е зборот „куќа“, а не пештера. Зборот „куќа“ означува место каде што живеат луѓе, а таму живееле пастирите. Мудреците се поклонуваат пред новородениот Спасител како претставници на многубоштвото, а свети Јован Златоуст вели дека тоа е почеток на Христовата Црква. Тоа е показател дека Христос дошол да ги спаси сите луѓе од целиот свет. Ги отвориле своите „ковчежиња“ и принеле секој по еден подарок: Мелхиор – злато, Гаспар – ливан и Валтазар – смирна. Што претставуваат овие дарови? Пред сѐ, тие се скапоцени дарови – најскапоцените нешта во тоа време. Овие подароци се карактеристични за Вавилон кој изобилувал со злато, ливан и смирна и тие на Богомладенецот му ги принеле највредните работи од нивната земја. Златото симболично Го претставува Христа како Цар – Цар на небесното вечно царство; ливанот (темјанот) – како Бог и како Пророк, бидејќи бил и Пророк; а смирната – како Човек и Искупител. Некој ќе праша во врска со подароците: дали Христос од нас бара жртви? Не, но бара почитување и скрушено – кротко срце. Свети Димитриј Ростовски вели: „Наместо златото што Му го подариле мудреците, денарот што ќе го оставиш во црквата нека биде дар и свеќата што ќе ја запалиш за здравје на твоите блиски – живи или покојни, нека биде како ливан“. Зошто Исус се родил во Витлеем, во пештера? Во тоа време била издадена царска заповед за попис на населението. За таа цел било задолжително сите да отидат во родното место. Од Назарет кон Витлеем се упатиле и праведниот Јосиф и Марија. Тие биле од Давидовото колено, а Витлеем е Давидово место. Во сите анови и гостилници било преполно. Нив никаде не ги прифатиле. Градот бил полн гости. Се упатиле недалеку од градот каде што имало пештера, во која се засолнувале овчарите од невреме. Таму, во таа пештера, Јосиф и Марија нашле засодниште и тука се родил Богомладенецот.

2, 12. И кога примија в сон вест, не се вратија веќе при Ирода, а си заминаа по друг пат за својата земја.

На мудреците, исто како и на праведниот Јосиф, Бог им се јавува на „сон“, и им вели да не се враќаат назад кај Ирода. Ним во сонот, им е кажана Иродовата намера. Кога се враќале назад, го одминале Ерусалим и по друг пат заминале за Вавилон. Тие се поклониле пред новородениот Спасител и обожени се вратиле назад. Откако Го виделе Бога тие се поистоветуваат со најголемите праведници. Бог сега и ним им се јавил на сон затоа што биле достојни да примаат откровение исто како и праведниот Јосиф и други праведни луѓе. Во овој стих е искажана и нивната апсолутна послушност кон Бога. Тие не противречеле на Божјата заповед и ја извршиле наредбата без приговор и без испитување.

(Прв дел)