Света Троица – Еден Бог – Основи на православната вера – XXIII дел

Бог неретко се смета за врховно и вечно Битие без име и без почеток, кое има суштина или природа од вечноста и кое се разликува од светот по тоа што постои на посовршен начин од него. Според мислењето на некои философи: светот Му сопостои на Бога, додека други сметаат дека Бог е Творец на светот. Така бил сфаќан Бог од страна на многу философи пред Христа, а и после Неговото доаѓање.

Бог на Откровението – заедница на три Личности

За разлика од религиското и философското поимање на Бога, кое секогаш поаѓа од човечките насетувања, размислувања или рационални заклучоци, христијанската вера е вера во Единиот Бог, Кој е Бог на Откровението. Бог се открива како Личност, односно како заедница на Три Личности – Света Троица.

Целокупното Библиско Предание дава недвосмислени сведоштва за јавувањето на еден Троичен Бог. Во Стариот Завет Бог постепено се објавувал како Троица; најпрвин во создавањето на светот и човекот: Да создадеме човек според нашиот образ и подобие (Битие 1,26), а потоа во вид на три ангели (Битие 18,2), на кои што Авраам им се обратил со зборот: „Господи“ (Битие 18,3). Славата на Троичниот Бог ја видел и пророк Исаија (Ис. 6,3). Во Новиот Завет, при Крштението Христово, Бог очигледно се јавил како Света Троица: Отецот со гласот: Овој е Мојот возљубен Син (Матеј 3,17), Светиот Дух во вид на гулаб. И не само што Отецот и Светиот Дух сведочат за Синот, туку и Синот сведочи за Отецот: Кој Ме видел Мене Го видел и Отецот (Јован 14,9) и зборува за Светиот Дух: Ќе ви Го испратам Духот Утешител (Јован 15,26). Постојат и многу други места во Новиот Завет во кој што Личностите на Света Троица сведочат една за друга.

 

Едносушност и неразделивост на Света Троица

 

Икона: Света Троица

Од сите јавувања на Бога во светот, може јасно да се заклучи дека библискиот Бог е Еден, но дека не е Сам туку е Троица. Од самиот почеток на развојот на христијанската мисла, се поставувало прашање како може Света Троица да е еден Бог. Отците на Црквата велеле дека Света Троица е еден Бог заради едната суштина, заедничка на Отецот, и Синот, и на Светиот Дух. Но, ваквото тврдење барало дополнителни објаснувања. Имено, требало да се даде одговор на едно многу важно прашање: зошто има многу луѓе, иако сите имаат една суштина? Кападокиските Отци, светите Василиј Велики, Григориј Богослов, Григориј Ниски, укажувале дека зборувајќи за луѓето, зборуваме за мноштво, затоа што тие се создадени битија и живеат меѓусебно одделени во времето и просторот (така што доаѓа до „зголемување, намалување, смрт и раѓање на луѓето“). Едната заедничка човечка природа е поделена меѓу многу личности и секое битие што доаѓа на свет зема дел од таа една природа. Делењето или раситнувањето на заедничката природа е условено со времето и просторот. Последица на ваквиот статус на човечката природа е ниеден човек да не е носител на целата човечка природа. Тоа понатаму значи дека смртта на еден човек не предизвикува автоматски и смрт на останатите.

Да се зборува за Света Троица како за Три Бога, тоа не е можно, затоа што Бог постои на поинаков начин од луѓето. Троичниот Бог е несоздаден и постои надвор и над времето и просторот. Бидејќи, според зборовите на св. Григориј Ниски, во Бога „не се случува никакво зголемување кое би довело до тетрада (четворица), или намалување, кое би довело до дијада (двајца)“, па затоа не постои ништо што би нѐ навело, зборувајќи за Трите Личности, да зборуваме за Три Бога.

(Продолжува…)