Великиот пост во нашиот живот

За сериозното восприемање на постот

Досега зборувавме за црковното учење за постот, учење кое ни се предава, пред сѐ, во великопосното богослужење. Но, сега се поставува прашањето: како можеме ова учење да го примениме во нашиот живот? Како Великиот пост да не биде само номинален, туку вистински двигател на нашето постоење? Нашиот живот (треба ли да го напомнуваме тоа?) толку се разликува од животот што го живееле луѓето што ги создале овие стихири, канони и кои ги воспоставиле овие богослужби и устави. Тие сѐ уште живееле во релативно мали заедници, надвор од градот, во органски православен свет во кој што самиот поредок на животот бил устроен во однос со Црквата. Денес ние живееме среде огромно технолошко општество, плуралистичко во своите религиозни верувања, секуларно во погледот на свет, во свет во кој, ние, православните составуваме незначително малцинство. Великиот пост повеќе не зазема толку изразито место, како што некогаш било во Русија или во Грција. Затоа нашето прашање е многу актуелно: може ли вистински да го запазуваме постот, а не да се ограничуваме, како што многу често се случува, со две-три симболични промени во нашиот живот? На пример, јасно е дека за повеќето верни секојдневното посетување на великопосните богослужби е невозможно. Тие продолжуваат да одат во црква во неделите, но, како што веќе знаеме, неделната Литургија за време на постот надворешно со ништо не се разликува од обичната, и на тој начин, присуствувајќи на неа, е речиси невозможно да се почувствуваат великопосните особености на богослужбите, преку кои ни се соопштува духот на постот. Бидејќи цивилизацијата на којашто и припаѓаме во ништо не се огледува во Великиот пост, воопшто не е чудно што денес за него превладува едно претежно негативно поимање – како за време во коешто некои работи како што се месото, маслото, игрите и разонодата се забранети. Обичното прашање: Од што се откажувате за време на постот? – е добар пример за ова вообичаено одречно сфаќање. Од позитивна точка на гледање, Великиот пост се разгледува како време кога треба да ги исполниме своите религиозни обврски на исповед и Причест (не подоцна од Цветната Недела – како што прочитав во еден парохиски весник). По исполнувањето на оваа обврска останатото време на Великиот пост го губи секое позитивно значење.

Очигледно е дека на тој начин постепено се образувало длабоко разногласие или противречност помеѓу, од една страна, духот и теоријата на Великиот пост, кои се обидовме да ги објасниме врз основа на великопосните богослужби, а до друга страна, сеопштото неправилно сфаќање на постот, кое некогаш го поддржува и разделува самото духовенство. Бидејќи секогаш е полесно духовното начело да се сведе на формалното, отколку духовното да се бара зад формалното. Може, без претерување, да се каже дека иако постот сѐ уште се чува, тој го изгубил непосредниот допир со нашиот живот, престанал да биде бања на покајание и обновување, што според богослужбеното и духовно учење на Црквата, треба да биде. Можеме ли повторно да го пронајдеме ова загубено сфаќање на постот, одново да го направиме духовна сила и секојдневна реалност на нашиот живот? Одговорот на ова прашање повеќе од сѐ, јас би рекол дури и исклучително, зависи од тоа, сакаме ли или не сакаме да се однесуваме сериозно кон Великиот пост? Колку и да се разликуваат условите на нашиот денешен живот од порано, колку и да се реални тешкотиите и пречките коишто ги создава современиот живот, ни едно од нив не може да биде апсолутна пречка, ништо не може да го направи Великиот пост невозможен за нас. Всушност, коренот на постепената загуба на реалното влијание на постот врз нашиот живот е подлабоко од сето тоа. Нејзиниот корен лежи во тоа што ние, свесно или несвесно, ја сведуваме религијата на површен номинализам или символизам, коишто претставуваат пат за заобиколување и бегање од сериозноста барањата што ги поставува религијата кон нашиот живот, од барањата за должноста или подвигот. Треба да додадеме дека таквата редукција e особено својствена за православните. Западните христијани, католици и протестанти, сретнувајќи се со тоа што го сметаат за невозможно, попрво ќе внесат промени во самата религија, прилагодувајќи ја кон новите услови и на тој начин правејќи ја „удобна“. На пример, сосема неодамна видовме дека Римокатоличката Црква најпрвин го сведе постот на минимум, а потоа едноставно го укина. Ние обично кон таква примена на постот кон условите на живот се однесуваме со праведно и исправно негодување, како и кон промената на христијанското предание, како и кон исправно минимализацијата на христијанската вера. И навистина, слава и чест на православието зашто кон ништо не се прилагодува, не го снизува нивото, не се грижи да го направи христијанството удобно и лесно. Слава и чест на православието, но се разбира, не нам, на православните. Не денес, дури и не вчера, туку уште одамна, ние сме нашле начин да ги помириме апсолутните барања на Црквата со нашите човечки слабости, и тоа без никаков срам. Сме пронашле и причини да изгледаме праведни во сопствените очи и да имаме мирна совест. Овој начин се состои во симболичното исполнување на барањата на Црквата и на тој начин симболичниот номинализам денес го проникнува целиот наш религиозен живот. Така, на пример, не ни паѓа на памет да ја измениме нашата Литургија и нејзиниот манастирски устав, Господ да чува! — но ние, едноставно, богослужбата, која трае еден час, ќе ја наречеме Сеноќно бдение и гордо ќе објасниме, дека тоа е истата служба која ја вршеле монасите во Лаврата на св. Сава во IX век.

Во однос на Великиот пост наместо да си поставиме суштински прашања: Што значи да се пости? или Што е Великиот пост? ние се задоволуваме со символизмот на Великиот пост. Во црковните списанија и весници се јавуваат рецепти: „Вкусни посни јадења“; некои парохии, можеби, дури и својот приход го зголемуваат со добро испечатена објава „посен вкусен ручек“. Толку многу работи во нашите цркви се објаснуваат символички, како интересни, живописни и забавни обичаи и традиции, коишто нѐ поврзуваат не толку со Бога и со новиот живот во Него, туку со претходните времиња и обичаите на нашите предци така што во овој религиозен фолклор е сѐ потешко да се разликува длабоката и сериозна смисла на религијата. Сакам да подвлечам, дека во различните обичаи нема ништо што само по себе е лошо. Кога се појавиле, тие им служеле на луѓето како способност да го изразат нивниот сериозен однос кон религијата. Тоа не биле символи, туку живот. А се дошло тоа, животот да се измени и сѐ помалку да се гради врз основите на религијата, додека некои обичаи се сочувале како символи на животот којшто веќе не постоел, се сочувало тоа што ни се видело поживописно и во исто време лесно исполниво. Духовната опасност овде се состои во тоа што постепено кон самата религија започнуваат да се однесуваат како кон некој систем на символи и обичаи, не сфаќајќи дека последните треба да му служат на повикот за обнова и усилба. Повеќе сила се губи во подготовката на посни и велигденски јадења отколку на самиот пост и подготовката за учество во Воскресението Христово. Тоа означува дека додека световните обичаи и традиции одново не бидат соединети со религиозниот однос кон животот, од којшто произлегле, додека односот кон символите останува несериозен, – и Црквата останува откината од животот, нема власт над него. Значи, наместо да го „символизираме наследството на минатото“, треба повторно да почнеме да го вклучуваме во нашиот реален живот.

Сериозниот однос кон постот, пред сѐ, значи дека кон него се однесуваме, по можност, како кон најдлабоко ниво на нашето сознание – го примаме како духовен повик, на кој му е потребен одговор, решение, постојана усилба. Знаеме дека за оваа цел Црквата воспоставила подготвителни недели за Великиот пост. Тој всушност и е време за одговор и решение. Најдобриот и најлесен пат е одењето по раководството на Црквата, па макар тоа да се состои само во размислувањето за петте евангелски четива кои Црквата ни ги предлага во текот на петте подготвителни недели кои му претходат на постот: желбата (Закхеј), смирението (Митарот и Фарисејот), враќањето од прогонство (Блудниот син), судот (Страшниот суд) и простувањето (Недела на простување). Овие евангелски четива не треба само да се сослушаат во црква, туку да се однесат со себе дома и да се споредат со мојот живот, со мојата семејна положба, со моите професионални обврски, со мојата грижа за материјалната страна на животот, со мојот однос кон определени луѓе, со кои живеам.

Ако кон ова размислување ги додадеме молитвата на подготвителните недели: Отвори ми ги вратите на покајанието, Животодавче… и псалмот 136: На реките Вавилонски…, ќе почнеме да сфаќаме што значи да се живее заедно со Црквата и како богослужбените посебности го украсуваат секојдневниот живот. Би било добро за време на постот да се прочита некоја книга со религиозна содржина. Целта на таквото читање не е само ширење на нашиот религиозен поглед туку, пред сѐ, очистување на нашиот ум од сето она што обично го валка. Речиси е неверојатно, колку нашиот ум е исполнет и извалкан со секаков вид на грижи, интереси, неспокојства и впечатоци и колку малку контрола имаме над сето тоа. Читањето на книгите со религиозна содржина, кога умот е сосредоточен на нешто потполно различно од обичниот круг на нашите мисли, само по себе создава друга умствена и духовна атмосфера. Но, тоа не треба да се сфаќа како рецепт, затоа што можат да постојат и други начини за достојна подготовка за Великиот пост. Главното во целиот тој подготвителен период е тоа што започнуваме да го очекуваме Великиот пост, како нешто што доаѓа кон нас или, можеби, како нешто што ни е испратено од Самиот Бог, како можност да се измениме, да се обновиме и да се продлабочиме. Таа можност треба да ја сфатиме сериозно, така што кога во Неделата на простувањето ќе тргнеме на вечерна богослужба, да бидеме подготвени зборовите Великиот Прокимен со коишто се објавува почетокот на Великиот пост да ги доживееме како свои сопствени зборови: Не одвраќај го лицето Свое од слугата Твој, бидејќи тагувам


Извадокот од книгата Великиот Пост на Протојереј Александар Шмеман