Должноста на секој христијанин треба да се состои во правилното разбирање на Христовото спасително дело и, колку што е тоа возможно, во практичната усогласеност со него, за да би успеал да го стекне спасението, што воплотувањето на Божјото Слово ѝ го донесе на човечката природа. Во овие рамки, ќе се осврнеме кон Светите Таинства кои се соборните елементи што го овозможуваат остварувањето на оваа цел.
Возобновувањето на човечката природа преку Христа едноставно не го ослободи човекот само од трулежот и смртта, туку ја надмина состојбата пред падот и го удостои со обожувањето и „доближувањето“ кон Отецот. Човечката природа, привлечена од Христа, преку благодатта на Светиот Дух стана победник над распаѓањето и смртта и беше воведена во животот на Телото Христово, кое е Црквата. Црквата пак, како Тело Христово, е реално „општество на обожувањето“ кое му се нуди на човекот преку Светите Тајни.
Светите пак, Тајни, се чувствени средства, или канали на божествената благодат. Тоа се случува по Божјата икономија, заради двојната природа на човекот, која го содржи материјалното тело и неговата нематеријална душа. Светите Таинства се носители на благодатта, што потенцијално произлегува од божествената икономија во Христа. Но, за да стане ова поразбирливо и да не се мисли дека станува збор за нешто што дејствува масовно и по принуда, ајде да напомнеме неколку работи во врска со смислата на божествената икономија во Христа.
Господ Христос, преку примањето на нашата природа, ја возобнови и обожи човечката „природа“ а, не „лицата“. Значи, човечката природа во нејзината целост постана причесник на божествената Благодат, така што благодарение на ова општење, човечките „личности“ сега можат, , ако го сакаат тоа и ако живеат живот во Христа, да стигнат до усовршување и обожување. Обожувањето не му се наметнува на човекот, туку се предлага на неговата слобода, којашто Христос не ја укина со Неговото воплотување.
Човекот, создаден слободен, по свој слободен избор се оддалечи од Бога, и повторно, по свој слободен избор и желба се враќа во првобитната состојба на благодатта. Токму овој слободен избор ја содржи предиспозицијата за неговиот влез во животот Христов и за неговото учество во обожувачката благодат на Светиот Дух којашто извира од Светите Тајни на Црквата. Несоздадената и божествена благодат Божја, престојувајќи во човекот, го прави причесник на божествените својства: тој станува „беспочетен“, „бескраен“ и „вечен“ по благодат, според светите Максим Исповедник и Григориј Палама. Секако, основната разлика меѓу човечката и божествената природа останува непроменлива, но учеството по благодат на човечката природа во обожувачката Благодат, го прави човекот Бог – во сѐ „освен во поистоветувањето по суштина“. Токму ова и го вели, помеѓу другото, светиот апостол Јован во неговото Прво послание: ‹‹Знаеме само дека, кога ќе се покаже, ќе бидеме слични на Него, оти ќе Го видиме каков што е…›› (3,2).
Светите и Божествени Таинства дејствуваат преку обожувачката благодат и, паралелно, преку целата етика и животот на човекот во Христа. Ако оваа врска биде прекината, тогаш така одделено не користат ниту Таинствата ниту етичкиот живот.
Според светите Отци, најважните Тајни за спасението на човекот се овие две: Крштението и Светата Евхаристија. Големиот светилник на нашата Црква, светиот Григориј Палама во неговата 60та омилија поучува: „Бидејќи од овие две (Тајни) зависи нашето спасение; на нив се темели целата богочовечка икономија“. Слично нѐ поучува и божествениот Златоуст во неговата проповед „за прободеното од страна на војникот ребро на нашиот Господ на Крстот“: „Не случајно протекле изворите (на крв и вода), туку затоа што од нив двата постана Црквата и тоа го знаат верните, кои повторно се родиле од водата на Крштението и се хранат со Крвта и Телото Христови. Оттука започнаа Таинствата“.
Посочувајќи ги овие две основни Свети Тајни, не ги потценуваме и останатите. И во оваа прилика би сакал да напомнам дека лошо е тоа што денес велиме дека има седум Свети Тајни во Црквата. Тоа им било туѓо на светите Отци, коишто за ‹‹Таинство›› го сметале секој облик на свештенодејствие што се вршело од страна на законските служители на Црквата, зашто, нели, секое свештенодејствие се прави за осветување и спасение на верните[1].
Првата основна Света Тајна со која човекот се вбројува во Црквата и стекнува лично учество во спасението во Христа, е Крштението. Со Крштението човекот се очистува од гревот и се ослободува од власта на смртта. Обете овие, и смртта и гревот, имаат причинска врска меѓу нив. Смртта дојде во светот преку гревот којшто, според божествениот Павле, токму поради тоа и е наречен „центарот“ на смртта (1Кор. 15, 56).
Ослободување на човекот од смртта не е можно, освен со укинување на причината, значи гревот. И штом човекот е под власта на гревот, тој неминовно подлежи на смртта. Но, преку Крштението човекот се соединува со Христа и со Него се издигнува во животот на новиот век. Светата Тајна Крштение ги симболизира смртта и животот, воскресението. Смртта е умирањето за гревот, а воскресението е општењето, соединувањето со Божествената оживувачка благодат, која му се дава на човекот преку „печат“ од дарот на Светиот Дух.
Всушност, Крштението го разврзува човекот од наследната смртност, која влезе преку гревот. Светите Отци, нѝ нагласуваат дека преку Крштението се уништи остенот на смртта (Свети Кирил Ерусалимски), и дека тоа е причината за возобновувањето и повторното раѓање (Свети Григориј Ниски), додека светиот Григориј Палама истакнува дека Крштението го воведува човекот во надумното и во чувството на ‹‹новиот›› век и го прави учесник во нераспадливоста и негрешноста. Благодатта на Крштението го очистува и прави блескав образот Божји во човекот и повторно му ја дава способноста и можноста да стане сличен на Бога преку обожувањето по благодат, способност што ја имаше загубено после падот. Силата за враќање на она што е „по образ“ му се дава веднаш штом ќе биде крстен; а, пак силата за „и подобие“ ја прима како семе, коешто треба да никне, преминувајќи во духовна зрелост, не само со енергијата на благодатта, туку и со соработката на самиот човек, преку животот во Христа. Значи, Крштението е ново раѓање, поважно од телесното раѓање; тоа, според Дионисиј Аеропагит, е „чин на раѓање во Бога“. А, штом „роденото од Дух, дух е“, според зборовите на нашиот Господ (Јн. 3, 6), тогаш и оној кој се крстил станува духовен човек.
Значењето на Светите Тајни на Црквата за духовното восовршување на човекот – (II дел)
[1] Зарем ‹‹ангелската схима›› на монасите не е света Тајна? Само при овој чин на потстрижување на монах може да се разбере длабочината на Тајната на Крштението. При Крштението на новороденчињата не се чувствува смислата на дарот на ‹‹раѓањето во Бога››, како што го нарекуваат светите Отци на Црквата. Додека, пак, при чинот на потстрижувањето се прави детално исповедание на верниот пред Бога и се нагласуваат последиците од љубовта кон Бога и негирањето на секоја врска и пријателство со непријателот ѓаволот, кои во Крштението се содржат во кратки исповедања. Потоа се опишува во целост Тајната на Покајанието со триумфот на победата на покајникот преку божествената благодат, и верноста на божественото ветување.
Па Малиот и Големиот Водосвет, кои се прават во Црквата, зарем не се и тие „Таинство“? – И различните молитви што ги чита свештеникот во различни случаи зарем не се „Таинство“? Зошто би ги читале ако не се осветувачки во потребите што ни се јавуваат? – Зарем едноставната главопреклона молитва не е „Таинство“? Зошто ги приклонуваме главите, ако не веруваме дека преку молитвата од свештеникот примаме божествена благодат? – Благословот од свештеникот, кога верните ја целиваат неговата рака, не е ли „Таинство“? Или тоа кога се моли „Благословот Господов и милоста Негова да дојдат на вас“? – Поклонението, дури и на светите икони не е ли „Таинство“? – Зошто им се поклонуваме на дрвото и боите? Зарем не за да примиме благодат од насликаниот светител? Кој, навистина, би можел да ги изброи чудата што благодатта на светиите ги направила и ги прави преку нивните свети икони? – Но и светите мошти, без коишто не би можел да се освети ни еден храм, зарем не се „Таинство“? Значи, неопределив е бројот на Светите Тајни во нашата Црква.