Во овие мигови, некако природно е човек да размислува што се случува со животот во светот: смрт, болест, страв, паника, губење на верата, надежта… Чиниш Бог го оставил Своето создание… Ама, вистината е дека сите ние Му згрешивме, сето човештво. Му свртевме грб со нашите постапки, се однесувавме како да не е тука. Исчезна незлобливоста, едноставноста, радоста… Заспа детето во нас: онаа чистота која правеше да имаме несебична љубов, поради што можевме да го гушнеме секој човек, искрено да му се насмевнеме, да другаруваме, во слобода едни со други да комуницираме…
Знаете, кога бев мала многу често фантазирав. Верував дека можам сите да ги сакам, на сите да им помагам. До 6 одделение имавме училишна исхрана, секој ден ни даваа различна кифла на големиот одмор. Кога ќе ја земев во раце, секогаш во некое ќошенце оставав мало парченце за децата што се гладни… мислев дека ќе го најдат… Тоа ми имаше останато во главата како сеќавање од книгата „Колибата на чичо Том“, што ја бев прочитала уште пред да ни ја дадат за лектира.
Потоа пораснавме и додека да се свестиме, веќе се имавме претворено во себични личности кои, мислејќи само за себе и своето, ненаситно грабаа и не оставаа ни малку за другиот… Нетрпеливи, по малку и подли. Од сè по нешто светот внесе во нас…
За среќа, некако дознавме за Бога, пробавме да Му се приближиме: видовме колку е Он благ, сфативме дека сите сме деца на љубовта Негова.
Ама ете пак Го забораваме. Пак секојдневно, со нашите дела се оддалечуваме од Него…
Затоа ни се случи ова ѕверско искушение, кое сега ги испитува „срцата и утробите“. Сега кога сме затворени сè излегува од нас… Ќе се видиме себеси како во огледало… Ќе се покажеме такви какви што реално сме, а можеби и ќе сфатиме дека многу сме си замислувале дека сме… Или едноставно, ќе излезат на видело нашите желби, нашите мечти, за она што сакаме да бидеме…
Зборовиве ни се малку тешки за читање?!
Добрата вест е дека сега е најпогодно време да се вратиме при Бога! А Он нема да Го одврати лицето од Своето создание, нема да нè отфрли… Време е за подвизи во љубовта, време е за молитва, за промени. Ама ајде да бидеме автентични, тоа што реално сме, без маски, со сите болки што ги носи нашиот внатрешен човек… Оти Бог нè сака токму такви какви што сме, сака да Му дозволиме да влезе во нашиот живот и да нè изгради, да направи од нас она што најдобро ни стои, тоа што би можеле да бидеме. Единствено што Му треба е нашата согласност. Како Богородица: „Нека биде! Нека ми биде според волјата Твоја!“ Или само: „Еве ме, Господи!“
Си велам, да почнеме со одвојување на она мало парче од нашата кифла: со чисто срце да застанеме пред лицето Божјо и сострадално, без очекувања за себеси, да одвоиме малку љубов за децата Божји што се гладни, да покажеме почит кон нивните личности… Зборуваме за онаа љубов која Бог нам бесплатно ни ја дарил. Знаете, на училиште за нашата ужинка ни плаќаа родителите, а Бог за да нè насити и да ни Го даде Своето Божество, плати со пречистата Си крв на Крстот.
Затоа да погледнеме кон небото од каде што ние, новиот Израил, ја очекуваме Неговата утеха. Знам, тешко е да се остане мирен во атмосферава. Ама да веруваме, како никогаш досега, дека како човештво со Негова помош можеме да ја надминеме кризата, која пред сè се случува внатре во нас и од овој оган на искушенија да излеземе несогорени… Посилни и со повеќе љубов… Заради Него Кој е Љубов!