Круна

Искушенијата низ кои поминуваш не те прават ни подобар ни полош, туку те покажуваат таков каков што си

А, какви сме саде ние сега? А какви сме саде ние тука? А какви ќе бидеме саде ние утре? А што ќе правиме саде ние утре? Каде?

Сите мислиме на едно сега – искушението.

Круната што сака да нè круниса сите нас е круната на искушенијата кои ние ги правевме кон нас самите. Искушенијата кои нам ни се враќаат како искушенија.

Круната што се носи од град во град сега, го бара престолот кој ние сакавме да го изѕидаме за нас одјавна, да седнеме, да се троносаме.

Круната сега ги бара чистите раце, скриените лица. Треба да ни бидат чисти и душите, срцата, разумот. Лицата треба да ни светат. Ако е скриено лицето, не треба да се крие образот.

Да се покаеме, да се помолиме, да се обожиме…

Да се смириме, да се ревносаме, да се прибериме…

Да се поправиме и оправени да се бориме…

Тој, трнливата круна ја прими на Себе, солзи пролеа и за нас се предаде…

За нашето спасение…

Со Неговата круна да се крунисаме, та да истраеме, како што Тој истрпи.

Како што Неговата Мајка истрпи.

Да победиме во срцата, во душите, во милоста, во милосрдието, во љубовта, во разумот, во борбата…

Крстот Негов да не нè остава нас грешните.

И како што благословивте:

ГОСПОДИ, ИСУСЕ ХРИСТЕ, СИНЕ БОЖЈИ, ПОМИЛУЈ ГО ТВОЈОТ СВЕТ!