Во едно свое интервју, познатиот шведски режисер Ингмар Бергман ги изјавува следните впечатливи реченици: „Зборовите се користат за прикривање на реалноста, нели? […] Музиката е многу понадежно средство за комуникација“. Познато е, дека Бергман многу ја сакал класичната музика, не случајно некои од филмовите му се директно вдахновени од музички дела – на пример неговиот филм „Зимска светлина” (1963) е вдахновен од „Симфонија на псалмите“ на Стравински.
Треба да признаеме дека музиката е еден вид катализатор, преку кој идеите, а и зборовите, доаѓаат побрзо, поефективно до срцата на слушателите. Преку музиката ние можеме да комуницираме, како со композиторите што ја создале, така и со другите, кои се претопуваат во оваа тешко подложна на дефиниции сфера. Не напразно австрискиот поет Рилке ја нарекува музиката „јазик каде што завршува јазикот“. Музиката е универзален јазик, разбран од сите, јазик кој доаѓа од и оди кон срцето. Колку одредена музика е повозвишена и благородна, толку ќе ги прави такви и срцата на оние кои ја слушаат. И обратно, доколку е простачка и вулгарна, такви ќе ги прави и срцата на слушателите, претворајќи ги во дом на простаклакот (впрочем, нешто што се гледа и во нашиот регион). Ако во животот често се случува лицемерието и неискреноста да се „кријат“ зад зборовите, во музиката тој фалш е лесно забележлив. Изгледа музиката умее да ја пренесе нашата емотивна состојба поточно и подејствително од зборовите. Ги помните ли зборовите на поетот Тјутчев: „Изречената мисла е лага…“ (од стихотворбата “Silentium!”)?
Музиката го поседува својството да зближува групи од луѓе, дури и спротивставени едни на други, во едно цело. Влијаејќи врз нив, врз нивните чувства, таа ги прави „еден тим“. Еден од последните примери за обединувачката сила на музиката се добротворните онлајн концерти, на кои, познати пејачи и музичари од цел свет, виртуелно застануваат рамо до рамо во борба со пандемијата на корона вирусот. Ние се делиме по различни признаци – национални, професионални, религиозни. Но вдахновената музика може да влијае на сите, што докажува дека таа е меѓународен јазик, ненадминат по своето влијание. Еден пример за илустрација. Се раскажува дека кога во XVIII век во Цариград починал класикот на поствизантиската православна музика црковна музика и познат црковен певец Петар Лампадариј (кој имал дозвола да свири на тамбура во султанскиот двор!), на погребот му дошле неколку дервиши, кои со солзи го испратиле покојникот до гробот. Од оваа приказна се гледа дека, иако биле припадници на друга вера и култура, дервишите чувствувале почит кон големиот музичар (кој бил и нивен учител), зашто со него можеле „да разговараат на еден јазик“ – јазикот на музиката.
За правилно да го осмислиме посоченото, потребно е да признаеме дека човечките чувства имаат заеднички корен. Некаде длабоко сите ние сме еднакви – во секој од нас е образот Божји. Раскажувајќи за Создавањето, Библијата недвосмислено ни ги пренесува зборовите на Бога: „Да создадеме човек по Наш образ и по Наше подобие” (Бит. 1,26). Кога говориме за Творецот, не можеме да не забележиме дека има како музичари, така и слушатели, кои тврдат дека со посредство на музиката можат да општат со Него. Еден од најголемите пијанисти од втората половина на XX век, Алексис Вајсенберг признава дека за него музиката не е забава, туку молитва: „Јас излегувам на подиумот како во храм“.
Големиот Бетовен тврдел: „Господ е поблиску до мене и мојата уметност, отколку до другите луѓе“. Виенскиот класик почувствувал дека во процесот на создавање на музиката навистина има божествен елемент. Сметам дека ќе бидеме несправедливи ако кажеме дека генијалната музика е производ единствено на композиторот. Затоа што таа не само што го помага општењето помеѓу луѓето, туку и таа самата е родена од општење. Општење со Некого. И од што друго да е родено творештвото на композитор кој споделува дека не ја гледа музиката на делови, туку како целина (кога сите знаеме од искуство дека музиката е уметност која се разгранува во времето)? Се разбира, зборуваме за човекот чие име означува „оној кој Го љуби Бога“ (Амадеус) – Моцарт. Во свое интервју рускиот диригент Максим Шостакович (син на композиторот Дмитриј Шостакович) вели дека според него, големите композитори ја запишуваат музиката веќе создадена од Бога. „Меѓу другото -продолжува диригентот- тоа го има во писмата на татко ми. Тој пишува: ‘Додека спиев вечерта, чув дел од симфонија. Станав утрото и ја запишав’“. Дали таа музика не е „скриена“ некаде далеку на Небото (дури и да си дозволиме да го наречеме така внатрешниот свет на композиторот), дали се слуша некаде, каде наместо познатото ни сивило, царува убавината? Да си споменеме за зборовите на генијот на ренесансата Микеланџело (кој бил и поет): „Најдобриот уметник идеја не ќе најде, / што не ќе е веќе од вишокот сокриена, / во самиот мрамор; само чека да дојде / рака што на разумот е добро покорена“. Прашања на кои е мачно да одговориме.
Во денешниот век на силна разединетост и спротивставување, квалитетната музика може да биде еден од мостовите кои ги зближува луѓето (се разбира, без да си поставуваме утопични цели во таа насока). Треба да признаеме дека во создавањето и восприемањето на музиката (но и во уметноста воопшто), слободата отсекогаш имала суштинска улога. Каква што има и во човечките односи. Затоа што таа ни покажува дека има начин да си стоиш на сопствените убедувања без насилство и омраза. Музиката, пак, не учи дека не е недостижно да најдеме заеднички јазик со оние со кои се наоѓаме во една историска средина. Тоа е стремеж кон хармонија, во барањето и достигнувањето, каде што на помош ни доаѓа не нешто друго, туку музичко-естетскиот осет кон неа, всаден внатре во нас.
На насловната: Василиј Кандински, „Композиција 8“ (1923)
Извор: култура.бг