Подоброто е полошо

СКИЦИ ЗА ЧОВЕКОТ

Венко Андоновски

Луѓето, просто кажано, се делат на такви што бараат подобар живот и на такви што сакаат да станат подобри луѓе.
При првото (потрага по подобар живот), сета енергија на личноста е упатена „кон надвор“, а при второто (потрага по подобро „јас“) – кон внатре. Првиот случај подразбира посебен вид карактер: екстровертен, агилно хиперактивен, модерно кажано – амбициозен (до невроза), таков што е во постојана потрага по подобро место за живот, подобра работа, подобар стан или автомобил. Тоа „подобро“ е секогаш некаде „таму“, на друго место, зад „паланкава“. Овој тип луѓе се манијакално опседнати од двете лица на тотемот на потрошувачкото општество: од една страна на тотемот е подоброто, од другата страна е поевтиното. Денес подобро не е само она што дава повеќе задоволство туку и поевтиното, кое самото по себе е веќе задоволство. Така се создаваат зависници што се во постојана потрага по распродажби и попусти.

Овие луѓе се модерни номади: ним не им е тешко да го спакуваат куферот, и без разлика дали имаат деца или стари родители, да сменат не само работно место, град, држава, туку и континент. За дел од оние што не се решаваат на такви „радикални досконтинуитети“, тие се извонредно храбри борци, амбициозни хазардери што добиваат, зашто „среќата ги следи храбрите“. За други, пак, тие се безумни луѓе, зашто не се придржуваат до основната светоотечка мудрост за скромноста: „Подоброто му е непријател на доброто“. Секој што бара подобро од доброто што веќе го има, ќе го загуби и тоа што го има. Оваа мисла многу ги нервира револуционерите и ничеанците, кои сметаат дека тоа е филозофија достојна за ползачи, влекачи и безрбетни лузери, кои не се стремат кон напредок. Но тие „нервозити“ притоа забораваат дека постои и невидлив, внатрешен напредок кај човекот, а не само видлив, кај општествата. Мислата што ги нервира е само варијанта на Аристотеловото учење за умереноста и „средниот пат“: без умереност, сигурно одиме во страдање, нè учеше учителот на Александар (иако не го научи својот ученик на „доста“).

И не само што е филозофема туку „подоброто е полошо“ е и праксема, дел од практичното искуство: колкупати сме влегле на паркинг, сме нашле слободно место на почетокот, ама барајќи „подобро“, сме останале и без она првото, зашто додека сме се вратиле, некој скромен, кој сметал дека не мора со автомобил да влезе во продавница, го зазел! Примерот е одличен, зашто ја покажува најважната разлика меѓу двата типа луѓе: оние што бараат подобар живот, секогаш обвинуваат друг за својот неуспех („оној кретен на паркингот ми го зеде местото“), а оние што бараат подобар човек во себе, ако не го најдат, можат да се обвинат само – себеси.

Тие на кои им е поважно да бидат подобри луѓе одошто да бидат во постојана трка по подобар живот, почесто се наклонети кон духовни одошто кон материјални искуства. Наклонети се кон уметности, мистика, религија, читање, а најмногу кон манијакално учење, како една од стандардизираните и општествено признаени секуларни форми на „бидување подобар човек“.

Само по себе се подразбира дека денешниве, економски СТРВНИ општества се устроени така што им одговараат многу повеќе на оние што бараат подобар живот, одошто на оние што сакаат да станат подобри луѓе: во трката по подобар живот, нема ВРЕМЕ за станување подобар човек. Рака на срце, тие две нешта не би требало да се во контрадикција: би требало добриот човек да живее добар живот (тоа не значи како „стрвен бог Дионис“, туку како човек!). Но балканските брзозачевлени „демократски“ општества целосно го избришаа поимот на „заслугата“, така што кај нас за подобар живот зборуваат, а често подобар живот и добиваат – токму оние што не го заслужуваат. Колкупати сме слушнале некој како вели: „Треба да се убијам, неписмената Х стана преведувачка во Собранието“.

Денес „се заборава“ дека подобар живот се заслужува со тоа што се станува подобар човек (во најмала рака образован, по можност и со ОБРАЗ) и дека подобар живот ТРЕБА да има само подобар човек, зашто лош човек и кога има подобар живот, не го препознава. На тоа бришење на поимот „заслуга“ е работено долго и систематски, преку ПАРТИЗМОТ – општонародна модерна религија со верба во богот на партијата, со практично скратување на патот до заслугите: зачленување и напредување во некоја партија.

Идеалот на „подоброто“ го движи денешниов свет, без разлика дали тоа некому му се допаѓало или не, а најмалку на приврзаниците на светоотечките мудрости. Тоа „подобро“ е главниот агресор врз нашето спокојство, а најдобро го искусуваме преку вртоглавиот подем на дигиталната технологија. И додека спиеме, технологијата не спие: вашите паметни уреди ноќе „јадат“ дел од меморијата на вашите телефони, „апдејтирајќи“ (македонски: надградувајќи) подобри програми, апликации и опции, без да ве прашаат дали сакате подобро.

А кога веќе ќе го надраснат вашиот уред, кој веќе не ќе може да ги поддржува сите тие подобрени апликации, ќе мора да си купите нов уред, нов телефон, современ. Значи, никој веќе не ве ни прашува дали сакате подобро: дури и да не сакате подобро, ќе мора да сакате, зашто старото ќе биде „исклучено“ од современите текови и не ќе можете да го користите.

За политиката кај нас не ми се ни зборува: таа постојано служи да ни продава подобри реалности и животи, кои никако да дојдат. И она што особено е нејасно тука – како може полош човек (необразован министер, на пример) на подобриот човек (пообразованиот, ама невработен) да му понуди подобар живот? Логиката наложува подоброто да го примите од подобар, не од полош од вас. И тука сме ја превртеле не само логичката туку и моралната перспектива на глава: една мудрост вели дека никогаш не треба да примаш почести од оние што се полоши од тебе, туку само од оние што се подобри од тебе. Има и зошто: кога примаш почест од полош од тебе, тој те смета за негов должник. Ако примиш почест од подобар од тебе, не. И ако полош од тебе ти го нуди подоброто, ќе мораш да прифатиш некои не баш добри правила на играта, истите оние со кои тој како полош стигнал незаслужено до подоброто.

Затоа, Македонија денес е идеална за станување подобар човек: во неа не постои (сега засега) шанса за подобар живот.

Тие што ќе стануваат подобри луѓе, ќе им личат на другите на глупави и на идиоти, затоа што ќе се учат на умереност и скромност во доба кога неумереноста и нескромноста го движат светот, и кога лакомоста се вика „амбиција“, а дрскоста (која е вид незнаење) „способност“. Но и тоа е веќе напишано, уште во четвртиот век. Ава Антониј тврдеше: „Ќе дојде време кога луѓето ќе полудат и кога ќе видат некој што не е како нив, ќе речат – ти не си како нас, ти си луд“. Како би ве погледнале денешниве луѓе ако немате мобилен и ако нивниот број го запишете во тефтерче со моливче или ако им се јавите само да ги прашате како се денес? Би сакал да грешам, но мислам дека во иднина лудниците ќе бидат преполни со умерени, скромни и тивки луѓе. Бесните ќе си останат надвор, како што се и денес.

И ако, нека си бидат затворени таму, надвор.