„Вековит светилник“ од проф. д-р Вера Стојчевска – Атниќ

Рецензија на јеромонахот Кирил Бигорски за книгата „Вековит Светилник“ од проф. д-р Вера Стојчевска Антиќ, посветена на Бигорскиот Манастир

Почитувани читатели, на словото љубители и на Бигорската Светиња почитувачи,

Во вашите раце држите една не толку обемна по број на страници, но несразмерно голема по содржина и дух книга, којашто стана нераскинлив дел од една илјадалетна историја. Впрочем, на тоа упатува и самото нејзино наименование – „Вековит Светилник“. Во краткиот наслов, призвук на две необјасниви пространства: вечноста и светлината. И двете целесообразни со содржината што ја возглавуваат, еден мал извадок од животното секојдневие на Бигорскиот Манастир, посветен на чесниот Претеча, Свети Јован Крстител.

Книгава, произлезена од просветлената мисла и вдахновеното слово на нашата многу ценета славистка и писателка, проф. д-р Вера Стојчевска Антиќ, го опфаќа манастирскиот живот во нашата Обител во периодот на неколку месеци од 2010/11 лето Господово, виден од перспективата на еден сериозен научник, со прониклива мисла и благороден дух. Меѓутоа, иако овие страници опишуваат настани од пред нецели десет години, тие се печатат, по Божја промисла, во годината кога „вековитиот светилник“ – Бигорскиот Манастир ја слави илјадагодишнината од неговото основање од страна на првиот Охридски Архиепископ, Свети Јован Дебранин. На овој велик јубилеј се додава и еден друг, со не помало значење: 25-годишнината од почетокот на севкупната обнова на Бигорски, со доаѓањето на сегашниот старец и игумен, Неговото Богољубие, Епископот Антаниски г. Партениј, под чие премудро раководство и духовно татковство, Манастирот го живее своето воскресение, препородување, надоградување, облагородување, го достигнува својот најдалечен полет кон Троичното општежитие. И неслучајно, главниот нагласок во овие пишани страници, возљубената професорка го става на личноста на, според неа „Бигорската икона“, Старец Партениј, на кого и му посветува песна со тој наслов.

Ја имав честа, во времето кога настануваа овие страници, да бидам најблизок соработник на професорката Антиќ и тогаш, сè уште како искушеник, непосредно да учествувам во обликувањето на ова дело со мемоарски карактер. Како нејзин водич во манастирските случувања, со благослов на мојот старец Партениј, имав можност да бидам сведок на нејзините размисли, концепти, видувања, недоумици, решенија. За мене тоа претставуваше големо достоинство и мошне интересно искуство. Следствено, денес сум особено почестен што професорката побара токму моето недостоинство да биде рецензент на нејзиниот писмен материјал.

Станува збор за исклучително писмено сведоштво за манастирскиот живот во 2010/11 година, дотолку повеќе што проф. Вера Антиќ извесен подолг период престојуваше во Бигорскиот Манастир и имаше можност да се соживее со монасите, со верниците и посетители. Тоа му дава дополнителна вредност и длабочина на целото дело. Освен со мемоарски моменти, трудот изобилува и со бројни разговори со личности, извадоци од други дела, описни белешки, како и лични писанија на членовите на Бигорското братство и на сестринството од манастирот „Свети Георгиј Победоносец“ во Рајчица. Сето тоа го прави „Вековитиот Светилник“ еден литерарен споменик не само за монашкото општежитие во Бигорски и Рајчица, ами и за манастирскиот православен етос воопшто. Овој писмен споменик, украсен со слаткоречивиот наративен дискурс на професорката Стојчевска – Антиќ и со благородното вдахновение на нејзините размисли, изобилува и со мошне интересни фактографски податоци и привлечни лични истории, раководени од Божјата семудра промисла.

Сето ова го предизвикува моето скромно мислење, та од сето срце да им го препорачам ова четиво на сите благонамерни и желни за дух читатели.

Со благослов на својот Старец, Епископ Анатаниски г. Партениј, игумен на Свештената Бигорска Обител, пишува јеромонах Кирил Деловски.