Обраќање на проф. д-р Вера Стојчевска Антиќ

Обраќање на проф. д-р Вера Стојчевска Антиќ во големата приемна сала, при промоцијата на нејзината книга „Вековит Светилник“ посветена на Бигорскиот Манастир

Ваше Преосвештенство, почитуван игумене на Бигорскиот Манастир и мој духовен татко г. Партениј,

Почитувани монаси, монахињи и гости,

Навистина сум многу почестена од овој прекрасен собир, од тоа што сега се наоѓам меѓу вас. За мене е големо достоинството што токму овде, во Бигорскиот Манастир, се промовира мојата книга Вековит Светилник, инспирирана и посветена на воскресителот на ова илјадагодишно светилиште, мојот духовен татко, Епископот г. Партениј, во чие време Манастирот живее еден возвишен нагорен живот, којшто верувам дека и понатаму ќе трае. Бев почестена кога во 2015 година, на осветувањето на обновениот и на новоизградениот конак, го добив орденот „Претеча“ на Бигорскиот Манастир, како награда за моите контакти, за мојата дејност со Бигорскиот манастир…

Би сакала сега, како обичен човек, како една од вас, да кажам и да објаснам што почувствував и што доживеав во Бигорскиот Манастир. Како битолчанка, бев задоена со длабока христијанска вера во моето семејство, од сите дедовци, баби, мајка и татко и мислам дека израснав во црквата „Свети Димитриј“ и на Крк-кардаш. Кога се најдов да живеам во Скопје, секако таа средина ми недостигаше и како што го посетив Бигорскиот Манастир, наоѓајќи самата некаква врска меѓу овие свештени градби, се вратив со мислите во моето детство. Бев воодушевена од архитектурата, од местоположбата, од светоста на Манастирот, а во 1968 година, кога веќе бев избрана за асистент на Филолошкиот факултет во Скопје, бев задолжена за бисерот на овој Манастир – неговите ракописни творби. Тоа беше прв мој научен настап на симпозиум од светско ниво… Понатаму, почувствував некаква приврзаност кон Манастирот и почнав да ги водам моите студенти редовно во него и кога тој не бил на вакво ниво, но во разни ситуации доаѓавме да ги читаме семинарските работи, посветени на Манастирот и на други христијански книгохранилишта. Студентите секогаш беа воодушевени од тоа што го гледаа и учеа и тоа ми претставуваше посебна радост.

Но, кога посакав да го запознам малку поблиску, кога се појави и кога го обнови, нашиот почитуван и лично мој духовен татко, Епископот г. Партениј, јас сфатив зошто е овој Манастир и денес со иста таква длабочина и големина, како што бил низ вековите, но зачувана и збогатена сега од таткото на овој Манастир.

Еден ден во Манастирот ја запознав мајка му на г. Партениј и дознав нешто што длабоко се всади во мојата душа, во моето срце. Раскажуваше за нивниот фамилијарен престој во Лерин, кога г. Партениј бил околу 10-годишно дете, заедно со брат му. Во еден дуќан на излогот младиот вљубеник во Господа видел икона на Пресвета Богородица. Сакал да ја земе со себе и застанал пред излогот и не мрдал. Влегол во дуќанот, повторно излегол, очевидно силно сакајќи да ја има иконата. Родителите помислиле дека во тој момент им недостигаат пари и заминале, притоа оттргнувајќи го детето од излогот. Во продолжение тој тажно заплакал. Се вратиле родителите со него назад, а дуќанот веќе го затворале. Газдата ја отворил вратата и ги прашал зошто плаче детето. Тогаш мајка му му објаснила дека тоа ја сака иконата на Пресвета Богородица, но дека ним не им останале доволно пари. Тогаш, продавачот влегол и му ја донесол иконата. Детето толку многу се израдувало што ја носело стисната на градите. Тоа е патоказ дека има нешто што останува со раѓањето Ваше, Преосвештен Владико, како наследство што се негува и понатаму…

Со мојот престој тука и запознавајќи ги братството на овој Манастир и сестринството на Рајчица, јас буквално се сродив со тие христољубиви души и секогаш кога го напуштам Бигорскиот Манастир, чувствувам дека влегувам на терен што ни приближно не може да биде како него.

Што друго останало како впечаток во мене? Фреската пред влезот на црквата во Бигорскиот Манастир, Лествица, за мене е една слика за тоа како на сите монаси и монахињи кои живеат на земјата, целта им е да го достигнат високиот врв, Небото – Господ и тие летаат кон Него. Таа фреска е постојано со мене, живее со мене, бидејќи тоа е вистинска слика на еден раст, на еден лет на монасите кон Небото, кон тоа што се заветиле. Постојат и многу други спомени кои ме поврзуваат со Манастирот, но среќата на монасите, насмеаните лица што ги гледам тука, едноставно ме приврзуваат за него и јас силно верувам дека неговите жители го нашле своето вистински место.…

Иако сум вон манастирот и подолго време веќе не сум била, јас сум постојано со духот присутна тука и во манастирот и кај мојот духовен татко, владиката Партениј, кои не ги гледам физички често, но духовно сум секогаш присутна тука. Сакам да кажам дека тоа не е случајно и дека тоа е едно наследство, особено што нагласив дека фамилијарно, уште од раното детство бев воспитувана во тој дух. Но, морам да додадам дека, посетувајќи го 3-4 години во претшколска возраст францускиот колеџ во Битола и католичката црква каде што ме водеа редовно, јас се вљубив во монахињата Сер-Мари, мојата учителка, со која пред секоја лекција, пред секој појадок, читавме молитва, упатувавме молитви кон Бога. Кога таа ќе се внесеше во молитвата, кога ќе погледнеше во небото со своите прекрасни сини очи, јас ја замислував дека таа не е тука меѓу нас, дека таа е некаде горе високо, во Небото. И мојата најрана желба, ако сум размислувала што сакам да бидам, поскоро сум била сигурна дека сакам да бидам, беше тоа дека ќе одам по патеките на Сер-Мари, дека ќе бидам и јас монахиња како неа. И тоа чувство ме пратело целиот живот. И во мојата најнова книга, која сега е предадена во печат, многу искрено пристапувам, бидејќи сега нема страв да го кажеш своето религиозно мислење, за разлика од порано – најискрено ги пропратувам сите мои животни етапи: детството за време на војната, детството во францускиот колеџ, детството во новоформираната македонска држава по 1945 година, натамошниот развој, кога ми било забранувано од одредени учители да влегувам во црква, а родителите упорно ми велеле: „Сè може да ти биде забрането, но Црквата – не“ – јас останав со тие предубедувања и ја напишав најновата книга: Барање на Бога.

Благодарам што владиката Партениј ја дозволи оваа промоција, ви благодарам и вам, што вака убаво и во толку голем број дојдовте и се надевам дека ќе имаме и многу други пријатни средби во овој прекрасен Манастир. Ви благодарам!