Промоција на две книжевни творби од авторката Билјана Андоновска

Вчера, во саботата на Акатистот на Пресвета Богородица, во смирениот амбиент на големиот манастирски синодикон наменет за свечени собири, се оствари промоцијата на две книжевни творби на писателката г-ѓа Билјана Андоновска до Битола, романот Светогорецот и поетската збирка Славете Го Господа. Во наполнетиот синодикон присуствуваше и нашиот почитуван Старец, Епископот г. Партениј, архимандритот г. Доситеј, монаси од нашето братство и многубројни верници и почитувачи на пишаниот збор.

Промоцијата започна со читањето на рецензијата од писателката Јована Матевска-Атанасова:


„…На само 114 страници во Светогорецот Билјана Андоновска успеала да ја втисне својата љубов и повик кон пишаниот збор, свртен кон овековечување на неговиот животопис, да прикаже дел од чудата што Светецот ги направил, но и да ја претстави душата веродостојно како читателот да го гледа Светецот, да си разговара со него, да продира во душевноста која била поголема од неговото битие…

Книгата Славете го Господа ги воспејува угнетените, наведените, немоќните, една песна е цел свет, сирачиња, деца со посебни потреби или како што Андоновска им се обраќа со посебни души, за неправдата и предрасудите кои ги следат мајките без потомства допрено е сѐ, непомпезно и нежно, со ведрина и ветување за подобро утре, само доколку човекот ја извојува најтешката битка, со својата гордост…

Стилските фигури се инкорпорирани без мака и труд да се создаде длабочина, затоа што штом мастилото ја нашло хартијата, како и Светиот Дух телото, го ископало бунарот, подземната водичка што залекува кога во буквите во овој лирски буквар, читателот ќе се преслика“.


Во продолжение, кон присутните се обрати и авторката Билјана Андоновска, којашто меѓу другото истакна:

„Во време на едно големо неверие и духовно слепило го запознав нашиот Старец, епископот Антаниски г. Партениј, кој уште при првото доаѓање тука, замислете, ме однесе во преубавата манастирска библиотека, Бигорската книгохранителница. Иако јас воопшто му немав спомнато дека години наназад мојата единствена утеха во тоа време беше читањето книги, и скриената желба и јас некогаш да напишам книга.

Старецот полека и долго време со многу љубов работеше тивко без никаков притисок на моето духовно лекување. Кога јас ја напишав првата моја песна, добро познатата Во Бигорски дојди, ме благослови и еве веќе три години од тој ден зад мене се веќе 4 издадени книги. А, јас? Јас конечно се предадов на Божјата волја и сфатив дека да се предадеш на Бога преку вистинскиот духовник е единствениот лек против духовното слепило…

Затоа, драги мои, никогаш не се лутете на Господа. Бог знае кога дава и кога зема. И никогаш не ни зема ништо без причина, а секогаш ни го дава она што ни е потребно и тоа во изобилие.

Затоа книгата поезија ја нареков Славете Го Господа. И од срце Ве молам да го правите тоа секогаш. Не само во време на радост, туку уште повеќе во време на тага.

Што се однесува до романот за Светогорецот, тоа е уште еден мој обид после романот за Св. Јоаникиј Ракотински за прослава на нашите светители, кои сметам дека не се доволно познати за нашиот народ. Чувствувам должност пред Бога да придонесам кон нивната прослава како благодарност за овој мој дар за пишување кој не го заслужувам, но сум го добила како резултат на Божјата милост преку молитвите на мојот Старец“.


Потем збор зедоа две читателки на промовираните книги. Јасмина С. Димовска е пријателка на авторката од детството, која Го слави Господа, носејќи го крстот на родителство на едно прекрасно момче со аутизам, и припаѓа во групата на помалку воцрковени луѓе:

„Б. Андоновска со ова дело експлицитно, недвосмислено покажува колкава може да биде љубовта кон Бог. Таа несакајќи посејува нешто што ќе остане во наследство за жнеење од страна на нашите деца. Благодарна сум ѝ што со ова дело ме потсети колкав верник сум во душата и ненападно го пренесувам тоа на моите деца. Одвреме – навреме им велам: ,,Љубете Го Бог и тоа ако го правите со чисто срце и од дното на душата ,Тој никогаш нема да Ве изневери“.

Љубовта кон Бога треба да  е безусловна и безвременска, љубов што не изневерува. Како љубовта на Св. Гавриил, Епископот Велички Светогорец.

Ширењето на христијанството има луѓе што го вршат гласно. Таков е нашиот Епископ г. Партениј Антаниски. Токму тој даде благослов да се започне ова дело на Билјана Андоновска и јас лично потврдувам дека овој благослов е оправдан. Ова дело навистина остави силен впечаток кај мене, а се надевам и кај останатите“.

Јасмина Паноска е длабоко воцрковена личност и многу драга духовна пријателка на авторката:

„Таму каде што се луѓето во кои има љубов, таму е Ерусалим, Света Гора и цела Вселена (монах Калист). Љубов. Љубов е заедничкиот збор кога сакаме да Го опишеме Бог, да посведочиме за Бог, за Светителите кои несомнено ја носат љубовта во себе. Така делата во кои се пишува за светителите допира до нас, па се чувствуваме како да нè допира Бог.

Сестричке Билјана, со твоите пишани зборови не само што ни го оживуваш споменот на Светиот, туку живо ни го приближуваш благодатно присутниот наш Свети Гавриил епископ Велички, кој служи во Небесниот Ерусалим, крај Пресветата Богородица.

Во сите твои дела се чувствува придобивката од благословот и молитвите на твојот духовник Владиката Партениј, чии чеда творат дела на љубовта водени од неговиот пример.

Но, пред сè се заблагодарувам на Аврамовото гостопримство од најторжествената, најљубовната рајска градина на Бигорската обител, под закрила на Високопочитуваниот наш владика Партениј Антаниски, игуменот Бигорски“.

Накрај, завршниот збор на промоцијата го имаше Старецот, Епископот г. Партениј, кој го исползува овој настан за уште едно духовно поучение:


Почитувана авторке г-ѓа Билјана Андоновска,

Чесен отче Архимандрите г. Доситее,

Преподобни отци,

Почитувани гости,

Особено се радувам што нашата драга во Христа Билјана успеа да заврши уште едно литературно дело, уште еден свој роман, посветен на еден од последните наши Божји светии. Имено, откако таа напиша и издаде еден успешен роман за Преподобниот отец наш Јоаникиј Ракотински, еве сега веќе ја гледаме и втората нејзина прозна творба, Светогородецот, која е, всушност, романизирана биографија на Светиот отец наш Гавриил Лесновски, Светогорец и Чудотворец.

Тој човек, Свети Гавриил, тукуречи наш современик од минатиот век, го запознав лично кога имав околу петнаесетина години. Таа наша прва средба се случи во црвката на Пресвета Богородица во Битола. Бев на богослужба и некој од свештениците ми кажа дека во олтарот на храмот се наоѓа познатиот наш светогорец, дедо Гавриил, кој воедно беше авторот на книгата Чудата на Пресвета Богородица – која во тоа време ја читав и ја чував како голема светиња. Кога разбрав за неговото присуство, јас силно посакав да го видам, да го запознам и да земам благослов од него. Свештениците ме пуштија во олтарот, јас се доближив до него, му се поклонив со почит и му реков: благословете. Тој благо се насмевна и ми ја подаде за целив својата рака, која, верувајте, беше буквално исушена од пост. Ете, такво беше моето запознавање со големиот испосник од нашиве краишта.

Што е тоа кое ми остави посебен впечаток од романот на г-ѓа Андоновска? Во почетокот од својата новела таа пишува токму за таа книга, за Чудата на Пресвета Богородица. Тоа ме врати во едно друго време, кога, како што некои од вас сигурно знаат, беше многу тешко, речиси и невозможно да се најдат духовни книги на македонски јазик, затоа што црковната литература беше строго цензурирана од режимот во државата. На годишно ниво, излегуваше само Православното календарче на Македонската православна црква, а и тоа со контролирано одобрение од комунистичката партија. Меѓутоа, кога човек целосно ќе се посвети на Бога, во пост, во молитва, во служба за другите – макар и да е сокриен некаде вон светот, тој во себе чувствува еден силен порив да се моли за светот, да го сака човекот и да сака да им го покаже патот на сите луѓе, да им ја покаже вистината и духовната сладост во неа. Светогорецотот, значи, дедо Гавриил, Светителот наш, не можел да го сопре или сокрие тој порив, па да не ги повика на некаков начин луѓето кон правиот пат. Затоа тој, според сведоштвата на постарите клирици, особено многу се трудеше да се печатат книги со духовна и почина содржина на разбирлив македонски јазик.

Неговата книга Чудата на Пресвета Богородица стаса до мене кога бев основец. До толку многу ја засакав таа книга – а преку неа и самата Пресвета Богородица – што книгата ја чував исправена во мојата детска соба и ѝ се молев на иконата на Пресвета Богородица од корицата секогаш кога ќе имавме проблеми дома. И Пречистата Богородица, како најдобра Мајка, нè услишуваше. Впрочем, сите дарови, секое добро ни доаѓа преку Неа. И да знаете, не е случајно што ова книжевно дело се промовира во текот на Великиот Пост. Та, тоа е посветено на тој голем наш испосник, кој на дело и со живот ни покажа дека постот е нешто спасително; дека тој не само што е потребен, ами е и неопходен за нашиот устрем кон Царството Небесно. И дополнително, го промовираме токму во саботата на Акатистот. Знаете, според типикот на Црквата, во петокот спрема саботата од петтата седмица на Великата Четириесетница, на сеноќно бдение го служиме целиот Акатист, упатувајќи ѝ ги великите пофални поздрави на Света Богородица. Во време на постот ние ја молиме Царицата да нè упати во тајните на Христовото Воскресение; оти Таа е Мајката наша и сака сите да нè привлече кон својот Божествен Син. И ете, книгата за дедо Гавриил Светогорецот, кој е дете на Пресвета Богородица – како што се сите светогорци деца на Пресвета Богородица, бидејќи живееле и живеат во нејзината Градина – се промовира токму денес, ден во Великиот Пост посветен на Мајката Божја.

Па така, ми падна навистина мило кога во странициве прочитав за книгата Чудата на Пресвета Богородица од Свети Гавриил, до која и самата авторка дошла на чудесен начин. Од овој, како и од претходниот роман на г-ѓа Андоновска се доаѓа до заклучокот дека таа, на еден таинствен, молитвен начин, комуницира со светците, дека ги љуби нив и дека тие, од своја страна, ѝ биле водилки за да го направи тоа што било и нивна волја. Навистина се изненадив до колку податоци дошла и како сите нив со љубов ги сложила во своите романи.

Книгата Светогорецот ни покажува дека светителството, всушност, продолжува низ вековите. Никогаш не престанало. Впрочем, сите Христијани сме повикани кон светост. Повеќето од вас овде се воцрквовени верници и знаат како повикува свештеникот кога го издигнува Светиот Агнец пред Причест: Светињите на светиите. Црквата, значи, нè нарекува светии. Дедо Гавриил Светогорец и другите светители коишто ги канонизиравме последниве години во нашата Црква, а и сите светии од целата вселена коишто го исполнуваат Небото, ни покажуваат која е целта на нашиот живот.

Да го молиме Светиот отец наш Гавриил Светогорец, кој ја водеше Билјана по патот на своето житие, за таа да го направи овој прекрасен роман, за и самите да ги повторуваме страниците од Евангелието во својот живот, во околината којашто нè опкружува. Зашто нашето предназначение е да се обожиме; не да станеме само подобри луѓе, туку и да се соединиме со Бога, и така соединети со Него, да бидеме патоказ и за другите околу нас кон Царството Небесно. Во тоа да ни помогне најнапред Пресветата Владичица наша Богородица, потоа нашиот Светогорец, Епископот Велички Свети Гавриил, Светителот наш – да ни помогнат да го изодиме постот до крај, ова свето време, та подготвени со пост, молитва и покајание да влеземе во Страсната Седмица, да се поклониме на сечесните и спасителни страдања на нашиот Спасител и сите заедно да го дочекаме Светото и Славно Христово Воскресение, со молитви и благопожелби Господ да испрати голема благодат врз овој свет, кој има голема потреба од мир и спокојствие.

Ви благодариме уште еднаш, драга наша во Христа Билјана, за оваа прекрасна промоција!

Морам да признам дека покрај тоа што Билјана прерасна во една добра писателка, еве, таа се покажува и како добар организатор за вакви свечености.

Да се благословени сите и убава Пасха да имаме!