Ноќ на акатистни поздрави кон Царицата Мајка

Особено денес, кога светот се соочува со големи предизвици и бранувања на верата, кога помеѓу Христијаните се раѓа малодушие и разгорува нетрпение, Богородица на помош да ја повикаме да ги стиши бурите и духовите, да ја закрепне верата и зголеми љубовта, да преовладее мирот и слогата.

Не малку солзи пролеала Пречистата во овој свет, во долината на плачот, а и не малку солзи пролева гледајќи го нашиот непримерен живот и недејствителна вера. Но таа е мајка. Таа никогаш не остава, не заборава, не престанува да љуби. Нејзиното пречисто срце веќе длабоко прободено со стрелите на тагата и обилно натопено од љубовта Божја, не може да ги одмине молкум нашите страдања, а да не моли и да не се застапува пред Христа, покривајќи нѐ сите со својата мајчинска прегратка, која има сила секоја злоба да ја угасне и претопи во мир и радост.

Ние грешните и недостојни, смирениот собор монашки, во нашата Свештена Обител на Чесниот Претеча Бигорски, почестени од можноста да ѝ воздадеме похвала и да ѝ принесеме песни за неизброивите доброчинства, синоќа со умилителното бдение во нејзина чест, се најдовме во нејзините најбезбедни прегратки, благодарствено фалејќи ја. Навистина ноќ на долго славање и благодарење кон Пречистата. На тоа прекрасно богослужение се произнесе целиот акатистен венец од пофалби и поздрави, пред сѐ од највпечатливиот и умилителен глас на нашиот Старец и Игумен, Епископот Антаниски г. Партениј, преку кого ја вкусивме милоста на Царицата Мајка. Исто така, се испеа познатиот и прекрасен молебен и благодарствен канон, а пак, целото бдение се круниса со Света и Божествена Златоустова Литургија, која остави неизбришливи траги во душите, преку залогот за идниот живот – Телото и Крвта на Исуса Христа нашиот Господ.