Умилително бдение на покајничкото созерцание

Раззеленето сенчесто дрво, изобилно со сочни плодови, е умилителното бдение со Великиот покаен канон на Светиот отец наш Андреј Критски, во средата од петтата недела на Великата Четириесетница. Под неговата густа одморителна сенка свој заслон наоѓаат сите трудољубиви и трпеливи патници низ пустината на Чесниот Пост, кои со двете обувки – на смирението и на покајанието и со патерицата на молитвата, се управиле од Јерихон кон Ерусалим, од тлената земја кон нераспадливото небо, од гревот и смртта кон Воскресението и благодатта. Под тоа мистично дрво, каде што провејува таинството на покајанието, на вљубениците во добродетелите и во молитвата им се дава исклучителна и благопријатна можност да земат здив од свежината на самоиспитувањето и да ја загаснат својата жед со плодовите на исповеданието и на созерцанието. Тие красни плодови се, всушност, чудесните вдлабочени песни од Великиот канон и расказите од необичното и со надеж вдахновено житие на Преподобната мајка наша Марија Египетска. О, колку сме благословени и преблагословени, што имаме такви Отци кои составиле соодветни и боговдахновени слова, та преку нив и ние да ја изразиме сопствената душа, да ја излееме пред Бога својата внатрешност, да се погледнеме право и непристрасно себеси, да се смириме со себе, да заплачеме над себе, да побараме прошка од Христа и да добиеме утеха и поткрепа од Него. За нас, населниците на Бигорската Света Обител, нема поголем благослов и духовна наслада од тоа кога Старецот наш најсакан, Епископот Антаниски г. Партениј, со својот умилителен и трепетен глас, кој во вековите пренесува, ќе ги произнесува од своето пастирско срце тие светоотечки слова. Тогаш тие ја добиваат полнотата на својата сила, оживуваат, вдахновуваат, преобразуваат!

„Од каде да почнам да ги оплакувам делата на бедниот живот мој? И што да поставам за почеток на плачот мој сегашен, Христе? Но Ти, како Благоутробен, дај ми прошка на прегрешенијата“ – трогателно го започна Старецот највозвишениот еп на покајанието.

„Давид некогаш песна напиша ко икона, со која го разобличи делото што го стори, повикувајќи: Помилуј ме, зашто пред Тебе, Единствениот, згрешив, Боже на сè, Самиот Ти очисти Me!“

„Образот Твој го погребав и заповедта Твоја ја нарушив, сета убавина се помрачи и од страстите, Спасителу, светилникот згасна, но смилувај се и, како што пее Давид, врати ми ја радоста“.

„Сите ги восхити, Марие, со твојот чудесен живот – ангелските чинови и сите човечки собранија, откако поживеа како бесплотна и природата ја надмина, та Јордан како со невештествени нозе го помина“.

„Андреј чесен и оче триблажен, пастиру Критски, не престанувај да се молиш за оние што те воспеваат, да се избавиме сите од гнев и неволја и пропаст, и од безмерните прегрешенија, ние, кои твојот спомен верно го почитуваме“.

Во една таква умилителна духовна атмосфера на долгото бдение синоќа, просторот и времето како да ги загубиле своите граници. Тоа благодатно доживување со зборови, навистина, не може да се опише. Беше тоа едно небесно покајничко оросување за нас, кое благодатно ги освежи нашите од гревот свенати души, поттикнувајќи ги на покајание. А и самиот наш Старец, напоен од тие чудесни и бескрајно длабоки кладенци на покајанието, како Добриот Пастир нè повика уште еднаш на духовна будност и покајнички подвиг:

„Да не заспиваме, браќа мои, да бидеме будни, да ги слушаме овие зборови, напишани не од човечка ученост, туку од лично искуство и доживување на луѓе, кои преку Божјата благодат и личниот подвиг на покајание, станале големи созерцатели на неискажливи духовни тајни. Ете, тие зборови нè повикуваат да се каеме за нашите гревови, ни помагаат да откриеме дека ние, можеби, ја надминуваме и самата Марија Египетска во своите гревовни дела и помисли. Затоа, да се каеме, мили мои, да се каеме за сопствените гревови, но и за гревовите на сите луѓе. Оти, не треба многу да се потрудиме, за да забележиме дека светот и целото човештво во гревови се потонати, помрачени, богоотпаднати. А нам, Господ, по Неговата неискажлива милост, ни ги отворил очите да го гледаме сето тоа, и да ја гледаме и Неговата спасителна Убавина. Нè удостои да ги слушаме овие Божествени творби, кои со голема благодатна сила го приведуваат човека кон покајание…

По молитвите на Неговите прекрасни слуги, Света Марија Египетска, на Свети Софрониј Ерусалимски, писателот на нејзиното житие, на Свети Зосим и Свети Андреј Критски, да ни подари нам и на сите луѓе такво големо и искрено покајание, што ќе нè удостои да ја видиме славата и светлината на Христовото свето Воскресение“.