Четвртиот Акатист на Царицата небесна

Ниеден јазик човечки не содржи такви слаткогласни слова што можат, барем донекаде да живописаат и пофалат еден така мајчински лик кој блеска со божествена величественост и бескрајна милост; лик кој успокојува со силата и убавината на смирението, љубовта и кротоста. Тоа е навистина лик на Божјата красота и торжествена победа на љубовта. Во тој лик се соединило сето она што овој свет го прави поубав и поподнослив, па дури му дава и нешто повеќе од тоа – го оддалечува од студениот егоизам и го возвишува со својот чудесен пример на сострадање, сожалување, мајчинска грижа, доверба, простување, љубов. Тоа е ликот на Онаа, Која во своето неискажливо смирение Себеси се нарече „слугинка Господова“, но Која, откако беше прославена од Својот Син и Бог, ангелите и луѓето ја восфалија како Царица на небото и земјата, Владичица и Господарка; тоа е божествениот лик на Дева Марија, нашата возљубена Богомајка, најпрекрасниот принос на човештвото кон Бога. Како да не ѝ благодариме на таа светоносна Небесна Сеница, Која нам, смртните, Бесмртниот ни Го роди, нам, помрачените, божествената Светлина ни ја покажа, нам, нагрдените од грев, вечната Убавина ни ја објави?

И бидејќи јазикот на љубовта и благодарноста е вистинската милозвучна струна која може да се допре до премилостивиот Господ и до Неговата пречиста Мајка, светите отци на нашата најсвета православна Црква ја исткале со прекрасни нишки од овој божествен јазик благодарствената служба кон Мајката Божја и богомудро ја сместиле среде посното поприште, во петоците од Великиот Пост, за така да ни понудат силна духовна поткрепа во великопосниот подвиг. Зашто пресветата Богомајка будно ги следи оние кои се оддале на воздржание заради Нејзиниот Син и нежно ги милува со благодат и грижливо ги поткрепува нивните сили.

Овој, четврти по ред Акатист на Мајката Божја во текот на оваа Света Четириесетница, беше испеан во сите наши Обители, но најслаткогласно и најкрасно беше, несомнено, во Манастир Пречиста Кичевска, во тој Мајчински свештен дом, каде што благоговејно стоејќи пред Онаа, пред Која со свештен трепет стојат херувимите и серафимите, сестрите и големото множество верници се препуштија на топлиот благодатен изблик на Нејзината небесна љубов, излевајќи од своите души умилни молитвени и благодарствени потоци. За тоа време, трепетниот глас на старецот наш мил Епископот г. Партениј торжествено го возгласуваше победоносниот поздрав: „Радувај се…“ Колку силно тој глас, исполнет со бескрајна синовска верност и љубов, ги разгоруваше срцата, предавајќи ги во рацете на нашата сигурна Застапничка.

Нека големата Победителка над злото нè поткрепува со своите мајчински молитви кон својот Син и во преостанатите денови на светата Четириесетница, та да можеме да извојуваме победа над злото и страстите, над лошите мисли, чувства и желби, над искушенијата од мрачните сили, за достојно да се поклониме на светото Христово Воскресение!