Промоторски говор на збирката „Само љубов шириш, Христе“

ПОУКА НА СВЕТА ПАСХА – ВЕЛИГДЕН 

„Возљубени,

Послушајте да ви раскажам за силата и честа на овој ден, во којшто Господ, нашиот Бог, воскресна од гробот како Бесмртен и сите праведници ги воскресна со Себе.

И сега, Он нè повикува говорејќи:

„Дојдете да се радуваме во Господа и да воскликнеме кон Господ Бог, нашиот спасител! Да побрзаме пред лицето Негово со славословие и со псалми да му воскликнеме, зашто Он слезе од небото, за да го побара заблудениот и да го спаси погубениот човек.

Зашто ние бевме како овци кои немаат пастир, разграбани од волците, поробени од бесовите.

Неможејќи да го трпи тоа, Господ наш Исус Христос, слезе при нас и се облече во нашето тело, сакајќи да го исцели од распадливоста што ја прими првиот наш прадедо Адам, откако ја прекрши заповедта Божја во рајот… Оттогаш и се бевме поробиле на гревот.

Поради тоа дојде (Господ): при болните – како Лекар, при заробените – како Ослободител, при оние што седат во темнина – како незаодна Светлина, при мртвите – како бесмртен Живот…

Зашто Он е нашиот мир, Кој нè измири со својот Отец преку Своето воплотување и заради нас прими доброволно страдање по тело, иако е нестрадален по божество…

Затоа, вистинско време е заедно да повикаме, велејќи: „Овој ден го создаде Господ, да се радуваме и да се веселиме во него!“

Убаво е да се радуваме на Неговата прекрасна милост што ја изврши заради нас.

Денес (Господ) со Својата смрт го уништи непријателот и воскресна како од сон, и на човечкиот род му излеа нераспадливост и живот.

Денес небото и земјата се исполнија со радост и откако се соединија, ги собираат за радост бестелесните сили и човечкиот род.

Денес апостол Павле вика, говорејќи: „Христос, нашата Пасха, беше заклан за нас.“

Денес  Црквата  со   возвишена  проповед  повикува,  говорејќи:

„Дојдете, чеда, послушајте ме, ќе ве научам на стравот Господов.“

Божјата трпеза е подготвена…

Со чиста душа и тело, со набожност и со мир да пристапиме и така да се насладиме со пречистото тело и крв Христови.

Да останеме онакви какви што Христос нè искупи со Својата крв: чисти, непорочни, совршени во љубовта Божја, славејќи го заедно Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во вековите.“

Почитувани присутни, ова погоре беа извадоци од Поучителното слово за Велигден, испишано од неуморливата рака на свети Климент Охридски, најревносниот следбеник на светите браќа Кирил и Методиј.

Го говорам ова слово само неколку дена по празникот на сесловенските и македонски просветители, св. Кирил и Методиј. Го говорам ова слово во деновите по Велигден или ако повеќе сакате – меѓу Велигден и Спасовден.

Дозволете ми по овие извадоци од Климентовите слова, а како вовед на ова мое излагање, да упатам неизмерно срдечни и полни љубов и благодарност поздрави до:

Неговото Високопреосвештество, Епископот Антаниски, Игуменот Бигорски, г. Партениј, браќата и сестри – монаси и монахињи, драгите и трудољубиви ученици, нивните наставници и родители и до сите останати присутни…

Неговото Високопреосвештество, Епископот Антаниски, Игуменот Бигорски, г. Партениј, кој во потесна смисла се јавува како уредник и автор на предговорот на оваа публикација, во поширока и духовна смисла, Неговото Високопреосвештенство, г. Партениј, е идеен творец на оваа со радост, љубов и чистота полна збирка – поетски творби.

Целиот овој проект се работи по Негова идеја, а тој катаден се бори, се труди и прави сè да ја унапреди оваа целна група на деца кои живеат во реканскиот и дебарскиот крај со цел да творат, да создаваат, да се мотивираат, неформално да се едуцираат, да се наградуваат и да растат со Христовата љубов.

Благодарение на Неговата неисцрпна креативност, широкогледост и широкоградост, се случува ваквото анимирање и вклученост на дечињата, во конкретниов случај – учениците од образовниот процес од прво до деветто одделение.

Секогаш е важно кој ве менторира, кој ве насочува, кој ве води, а вас, драги ученици, низ писанијата, низ стиховите и низ зборовите ве водат вашите професорки по Македонски јазик и литература. Затоа, нивниот влог е, исклучително, важен во остварувањето на целиот овој проект. Ги поздравувам професорите: Марина Костоска, Лидија Гроздановска Миркоска, Рамазан Раманоски и Симона Костовска. Им се заблагодаруваме за несебично вложениот труд.

Посебен придонес дадоа и родителите на учениците. Дел од нив ги поткрепија своите дечиња со личен поттик од своите скриени и нескриени дарби, а притоа и со изразените силни емоции за децата да го сработат она за што беа насочени.

Дозволете да споменам дека автор на Воведот во оваа публикација е ставрофорен протопрезвитер Бобан Митевски, со кого македонскиот јазик, македонската литература и македонската црква неминовно и секојдневно нè спојуваат.

За да ја промовирам книгава и да ја имам оваа ретка можност да говорам за оваа збирка – стихови, најсилната благодарност ја упатувам до сестра Ефимија, која објаснувајќи ми ги активностите што ги прават по повод Велигден, само ми спомна дека ќе се случува промоцијава. Се погледнавме и се разбравме, та по Божја промисла се случува ова денес.

И некако по воведот и по предговорот во книгата, се чувствувам како да е сè речено од великите зборови и писанија на г. Партениј и отец Бобан, та некоја недостојност ми тече низ дамарите, ама моментот сега и тука значи дека треба да се обидам.

Освртот кон стихозбирката „Само љубов шириш, Христе“ го насочувам кон поетиката на стиховите од оваа литература од деца, литература од деца за децата, литература од деца за возрасните.

Бидејќи станува збор за стихови испеани според веќе претходно дадена тема, мотивските елементи е очекувано да се поклопуваат, да се поврзуваат, да насочуваат кон исти или слични пораки, поенти и алузии.

Темата на творбите е Велигден, а мотивите се движат низ различни микроструктури од генералната поетика на оваа стихозбирка.

Поради поклопувањето на одредени мотиви од една страна, но и поради различноста на истите, од друга страна, а, сепак, споени од темата, одлучив од сите поетски творби да извлечам една генерална поетика на начин при кој ги издвоив најчесто користените лексеми, ги пребројав, ги класирав и според тоа, ја утврдив поетиката на оваа збирка, зад чии лирски субјекти стојат децата од реканскиот и дебарскиот крај.

Во редот на најчесто повторуваните лексеми се јавија 59 лексеми, кои понатаму според конотацијата и според она кон што насочуваат ги распределив во неколку групи.

Притоа, прецизно е пребројано која лексема колку вкупно пати се среќава во целокупниот текст од стихозбирката.

Честопати, моите студенти и ученици при некои интерактивни или креативни предавања, ги прашувам дали во литературата математика има? Тие често се двоумат, но одговор е ДА.

Броиме слогови, броиме стихови, херменевтички толкуваме броеви, користиме речници на симболи за да ја видиме релацијата меѓу броевите и религијата, а во конкретниов осврт: броиме број на лексеми, гледаме нивна процентуална застапаност и со тоа ја утврдуваме поетиката на ова детско творештво, која и без студиозни анализи, сама по себе со својата чистота, искреност и убавина, потврдува дека доколку сите овие стихови се подведат под една метафора, тоа ќе биде лексемата СВЕТЛИНА.

Сепак, наша работа како книжевни аналитичари е да правиме своевидни интерпретретации на пишуваното.

Еве, како визуелно изгледаат сите тие најчесто користени 59 лексеми во оваа збирка стихови.

Првата група во која систематизиравме дел од лексемите, ја нарековме „Празникот Велигден“. Тука се вбројуваат следниве зборови во 8 подгрупи:

Велигден, велигденски, велигденско, велигденска99
највеликиот, велик, Велики (петок), Велика (сабота)7
мил, мили, милни, милости8
Пасха, пасхално7
поздрав, поздравуваме, поздравува13
празник, празници41
слави, слават, славење, слава, славам, славен,
слават, славете
30
чест, честит, честитаат4

И ако погоре реков дека ние во книжевноста ги толкуваме броевите, акцентирајќи го нивното значење, така јас би го анализирала бројот 99. Фасцинантно што токму зборот Велигден и придавките изведени од него се среќаваат 99 пати во оваа книга.

Бројот 9 од херменевтичко – метафорички аспект се толкува како број: трипати по 3. Бројот 3 е симбол на Светата Троица, а тука се јавува во една совршена, триплицирана варијанта.

Во бројот 99 има 2 цифри и во нивниот поттекст се чита Светото Тројство.

На сликава има приказ за процентуална застапеност на именката Велигден и придавките изведени од неа и истите се застапени со 48% во однос на останатите лексеми што ги подредуваме во оваа категорија.

Во втората група лексеми се вбројуваат лексемите:

воскресение, воскресе, воскрес, воскресна, воскресни81
Христос воскресе24
Навистина, воскресе16
Христос, Христе, Христа, христијанство61

Затоа, оваа група на лексеми ја нарековме „Христос воскресе“. 

Радосниот извик или во случајов – синтагмата Христос воскресе се среќава дури 24 пати во стихозбирката.

Лексемите воскресение, воскресе, воскрес, воскресна, воскресни се јавуваат 81 пат. Еве, како тоа изгледа визуелно претставено.

Лексемите што се однесуваат на Христос ги вредуваме во третата група и ја именуваме како Христос. 

Тука се вбројуваат 4 подгрупи, вкупно 35 лексеми, така што:

Бог, Боже, божествен13
Господ, Господи, Господа, Господов9
спас, спаси, спасителот, спасението10
победа, победи, победоносец3

Четвртата група сочинува лексеми што се подведуваат под мотивот на радоста наспроти тагата.

Лексемите што конотираат радост се:

мака2
радост, радостен, радосна, радосни, радости, радува, радувајте, радувам53

Ниту една лексема, експлицитно не се одредува со ТАГА. Затоа тука ја ставивме лексемата МАКА. Како што може да се види од визуелниот приказ, РАДОСНИТЕ ЛЕКСЕМИ се толку доминантни што и на ваков начин ја потврдуваат светлоста на зборот што ја донесуваат овие стихови.

Идентична е сликата и во петтата група лексеми што ги подредуваме тука, земајќи како мотивска основа релацијата ЖИВОТ – СМРТ. Дури 79% од лексемите конотираат живот.

живот, живи, живееме, живее, живото19
Мртви1
Смрт4

Шеста група – Детски желби и семејство:

мајка мајчинска мајчиниот3
Здравје4
дарува, дарување, подаруваме, дарување, дарба5
насмевка, насмеани, насмеат7
весел, весели, веселиме, весело, веселост17
Душа23
рака, ракуваме6
срце, срцата, срцевината29
песна, песнарка, песнички, песнени, песничка, пее, пеат, пеам, пееме37
семејство1
спокој4
среќа, среќен, среќни, среќно14
трпеза6
прегратка2

Изреки 15:30 (MK2006) 

Светол поглед срце радува, добра вест коски храни. Изреки 17:22 (MK2006)

Веселото срце е благотворно како лек, а паднатиот дух коски суши.

Матеј 5:8 (MK2006) 

Блажени се чистите по срце, зашто тие ќе Го видат Бога! Изреки 19:8 (MK2006)

Кој се здобива со разум, ја сака душата своја; кој ја пази мудроста, наоѓа среќа.

Седма група – Велигденски јајца:

бои (и како именка и како глагол)7
Јајце25
чук, чука, чукнеме5
црвена, црвено, црвени21

Осма група – Бигорски:

Бигорски, Манастир15
Камбана2
Литургија5
монах, монахиња, монахињи, монаси8
Црква10
Свеќа3
Тајна2
Темјан3
Троица2

И на крај, ставаме акцент на мотивската релација

темнина – светлина. Ова е деветта група. Пак бројот 9.

59 лексеми, 99 пати – воскрес, воскресение и сега кога го привршувам освртот, пребројувам и стасувам до последната деветта група.

Во конкретниот случај:

ден, денче, денес, зрак, зраци, свет, светол, светлина, свети, света, светот, светлозрачно, светкаат, светнат, сонце, сјај, сјајот, сјајни, убав, убавина, убаво, убави124
мрак, ноќ2

Заклучокот од оваа поинаква анализа е дека и со овие стихови, и со оваа заедничка стихозбирка, светлината ја победи темнината, животот ја победи смртта.

Создавање 1:3 (MK2006) 

И Бог рече: „Нека биде светлина!“ И настана светлина. 

Псалми 36:9 (MK2006) 

… зашто во Тебе е изворот на животот: во Твојата светлина ние гледаме светлина.

Драги ученици,

Сега ви се обраќам вам онака како што вие нам со вашите стихови ни се обраќате. Ви се обраќам за да ме разберете.

Тука во комплексот на Бигорскиот манастир се наоѓа, за мене, една од најфасцинантно ентериеристички осмислените и изградени библиотеки.

Четирите столба во таа библиотека ги симболизираат и експлицитно ги претставуваат основноположниците на словенската писменост. Четирите столба се симбол за Кирил, Методиј, Климент и Наум… и таму некаде е и коренот на многувековното стебло од писменост, литература, историја, непокорност, непоколебливост и култура. Таму некаде е коренот, основата на сето она што е денес.

Драги деца,

Ако тоа е коренот, вие сте гранките, вие сте фиданките.

Вашите песни се тулите со кои се надградува веќе изѕиданата кула од македонска литература.

Кирил и Методиј ги надживеа нивното дело, ги надживеа писмото, ги надживеаа и преводите на црковните книги што ги создадоа. Преку нив тие сè уште живеат.

Секое нивно спомнување, секое читање на книгите што ги преведоа е ново воскресение, преку читателот, преку ученикот, преку учителот…

Нас книгите ќе нè надживеат.

Наше е само она што ќе им го дадеме на другите. Ваше е она што ќе го напишете.

Мојата прва објавена песна во едно детско списание, ми ја „украдоа“… Бев дете, второ одделение. Некој си ја нашол, па ја беше прочитал на телевизија како да е негова. Немав сили и механизам да се одбранам и да се спротивставам… Но продолжив, не се откажав.

На факултет, бев толку инспирирана од поезијата на еден јужнословенски поет, та напишав песна и ѝ ја дадов на предметната професорка да ја прочита. Ме изигнорира, ми рече да ја оставам некаде настрана, ама ептен настрана во купот нејзин од папирологија…

И кога овие два примера во повозрасни години ги споделив со многу саканата и ценета сестра Ефимија, таа само ме праша:

Дали  тоа  те  демотивираше?  Дали  престана  да  пишуваш…?

Напротив, ниту еден ден не сум престанала. Пишувам откако научив да пишувам.

Драги ученици, не престанувајте ниту вие! Никогаш и поради никого не се откажувајте!

И свети Кирил го напаѓаа, та мудро се бранеше со цитати од Библијата…

И Исус имаше бројни препреки и искушенија, но издржа, не се откажа, си ја знаеше мисијата…

1 Петар 2:24 (MK2006) 

Тој сам ги носеше нашите гревови на крстот во телото Свое, та ослободени од гревовите да живееме за правдата:

„Преку Неговата рана се исцеливте.“

Драги ученици,

Во вашите стихови се разигруваат рими, се нижат бројни епитети, скромно ѕирка и по некоја метафора. Строфичноста е различна.

Веќе видовме од анализата, лексемите ви се слични. Љубовта е онаа што како мотив е иста.

Намерно за крај ги оставив лексемите „љубов“ и „шири“.

Лексемата љубов ја употребувате вкупно 37 пати во вашата заедничка стихозбирка. Истата е дел и од насловот на книгата. Ако од бројот 37, ги собереме цифрите 3 и 7 ќе добиеме 10. 1 и 0 е 1. 1 е симбол на Богот еден и единствен, нашиот Бог, семоќен, семилостив,

Глаголот шири, застапен и со глаголските форми „шириш“ и „шириме“ се среќава 11 пати. Неговото дејство во стиховите од збиркава се поврзува исклучиво со ширењето на љубовта кон ближните и кон Христа. И ако и тука ги собереме двете цифри од бројот 11, ќе го добиеме бројот 2 што е симбол на двојната на Богочовекот.

шири, шириш, шириме11
љубов, љубовта, љубам37

ЉУБОВ

Римјаните 5:8 (MK2006) 

… Бог ја докажа љубовта Своја кон нас, со тоа што Христос умре за нас, уште додека бевме грешни. 

1 Коринтјаните 13:4 – 7 (MK2006) 

Љубовта е великодушна, полна со добрина, љубовта не завидува, љубовта не се превознесува, не е горделива, не е непристојна, не бара свое, не се срди, не памти зло, не се радува на неправда, туку се радува на вистина, сѐ покрива, во сѐ верува, на сѐ се надева, сѐ поднесува. 

1 Јован 4:8 (MK2006) 

.., кој не љуби, тој не Го познал Бога, зашто Бог е љубов. 1 Јован 4:19 (MK2006)

Ние Го љубиме, бидејќи Тој отпрвин нѐ возљуби.

Завршувам со мои лични стихови напишани во конаците на Бигорскиот манастир за еден Велигден во 2016 кога со мојата другарка истоименичка, Милена, бевме тука со првородените ни деца – нејзиното годиначе, моето две годинки… и по скоро 10 години, ги читам јавно првпат.

Тие стихови се објавени во мојата стихозбирка чиј рецензент е проф. Венко Андоновски, а е насловена како ,,Светлина во Верата. Вера во Светлината“.

Јавно да кажам дека благословот за двата мои сина извира од Бигорски. И двајцата родени во јануари, едниот на Војордан и се вика Војдан, другиот на ден – два по празникот на Крстителот и се вика Јоан.

И мојот Ангеле со кого за првпат во 2012 година стасавме тука. Оттогаш со овој крај не можеме ниту сакаме да се одделиме. Во љубов сме. Чиста, христијанска…


ВЕЛИГДЕН

Шумот на Радика – свежина мавровска.

Едновремен поглед

кон мајско зеленило и снежновишни ридови – Светијованово благоухание.

Од мошти – мироточение.

Литија низ шуми за Воскресение.

Деца в скутови мајкини,

по света причест, со зрак Божји озарени.

Црвени јајца вапсани, варени

ко симбол за излез на нов живот од матка плодна ил’ слични

на фантастично изместен камен од пештера, со воскрес просторно сродна?

Секој атом околен со Божја милост има моќ да те облее, кон Љубов саде да те вознесе.

Бог е семоќен – Христос воскресе!

Христос воскресе! Навистина, воскресе!