Разговор со старешинката на манастирот Свети Георгиј Победоносец во Рајчица, монахиња Касијана: И светот е еден манастир каде што човек треба да Го пронајде Бога и да живее во заедница со Него

Интервју за порталот „Женски магазин


Во непосредна близина на Дебар или поточно на самиот влез, каде што е селото Рајчица од чии возвишенија се пружа незаборавен визуал кој повеќе личи на визум, слика на фантазијата отколку на реална и покрај тоа што природата е објективна, исто како и нејзината божествена убавина, вклучително и силата која ни ја дава Бог – Создателот и Господарот на светот каде што човекот е ништожен во споредба со него, се наоѓа манастирот Свети Георгиј Победоносец, еден од четирите метоси на Бигорски. Црквата се одликува со неверојатно привлечен фрескоживопис во изразита сина боја, типична за прочуениот рекански зограф, а благозвучните, прекрасни гласови на монахињите за време на богослужбите, кои пеат на неуми, ги будат верата, љубовта, надежта во секој што присуствува на нив, често заборавени поради бремињата со кои се соочуваме речиси секојдневно што, пак, раѓаат стравови. Тие ги земаат. Нивниот аскетски живот, духовната и морална чистота и секако, послушанијата проследени со постојано молитвење за сите нас – обичните луѓе, вклучително и добротворството, секогаш ни го привлекуваат вниманието, патем обземајќи нѐ желба да разговараме со нив.

Старешинството ѝ е доверено на монахињата Касијана од страна на сестринството и Неговото Преосвештенство, Епископот Антаниски г. Партениј кој ни даде благослов за да го направиме интервјуто. Земајќи го предвид фактот дека почнуваат божиќните пости (денеска, 28 ноември), прашањето за нив е неминовно за истите да не се догматизираат, но и за монахувањето, и за симболизацијата на потстригот кога се замонашуваат, и за типикот со чиишто правила (монашки) дејствуваат сообразно, раководени од нив, и за совршената изработка на епископските „круни“…, и за чудотворната моќ на светителските мошти… Подолу е одговорот и на прашањето за дилемата на многу жени за носењето марама на главата во храмовите, а благородните чувства кои ќе ве обземат додека ги читате нејзините длабоки размисли ќе придонесат и за ваша голема, неискажана радост – задоволство, драгост, веселост. И се разбира, смирение.


* Имајќи го предвид фактот дека од Вашето замонашување поминаа нешто повеќе од 10 години (март 2012-та), на почетокот на разговорот ќе ни го опишете ли чувството, како се одвиваше или пак во што се состоеше, можете да си припомните? Исто е и денес? Каква е симболиката на потстрижувањето? И секако, дали чинот е од затворен тип, отворен? Кој сѐ може да присуствува на него?

 Тој ден сѐ уште живее во мене со толку силна живост и секогаш ми се чини како да е блиско минато, кое секојдневно се повторува во моето срце. Верувам дека тоа е света тајна, која ја доживува секој монах, т.е. секој што се распнува за овој свет и го прима благиот јарем на монашкиот живот. За возвишеноста и убавината на монашкиот живот мислам дека повеќе од доволно е само да го цитирам нашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, Игумен на Светиот Бигорски Манастир, кој со својот преголем духовен опит и длабока љубов кон монашкиот живот, кажа сѐ: „Верувајте, јас секогаш посакувам од Господа да завршам во манастир како МОНАХ! Некои мислат дека тоа е скромно барање, ама за мене тоа е едно можеби многу важно и нескромно барање! Да се заврши во манастир како монах и да се бара Царството Небесно – тоа е најголемо!“. И навистина, зборовите на Старецот се толку длабоки, ја откриваат врховната цел не само на монахот туку и на секој Христијанин! Следствено, крајната цел на секој од нас, без разлика каде сме, дали сме в манастир или во светот – бидејќи и светот е еден манастир каде што човек треба да Го пронајде Бога и да живее во заедница со Него – е да се помириме со Христа, па така да ги стекнуваме потребните сили за сите животни искушенија и предизвици. Он нѐ повикува со Своите прекрасни зборови од Евангелието: „Дојдете при Мене сите изморени и обременети и Јас ќе ве успокојам!“. Бидејќи Он, Христос, е Царството Небесно и само во Него можеме да најдеме есенцијален и нелажен мир!

Самото монашко потстрижување е всушност едно ново свето крштение, еден нов живот во Христа. „И така“, пишува Светиот Апостол Павле, „кој е во Христа, тој е ново создание; старото помина и, ете, сѐ стана ново“ (2. Кор. 5:17). Тогаш го добиваме новото монашко име и започнува невидливата борба за да заживее новиот човек во Христа, а стариот полека да згасне. Кога сме кај потстригот, сакам да ви споделам една тајна од своето срце. Траен мистичен и духовен печат ми остави тоа што на чинот на монашењето, пред самиот потстриг и добивањето на новото монашко име (Драгана – Касијана), нашиот почитуван Митрополит Дебарско-кичевски г. Тимотеј ги стави ножиците врз Светото Евангелие и три пати ги повтори истите зборови: „Земи ги ножиците и подај ми ги“.

На таинствен начин повторно ми се откри преголемиот и пречудесен таен Божји совет, ме трогна несфатливата Божја милост и ми го потресе целото мое битие. Зошто? Затоа што јас, најмалата, бев повикана од Најголемиот; јас, грешната, бев пресретната од Безгрешниот, Кој ми ја подаде својата љубов (изразена преку ножиците, како симбол на отсекување на светот и на гревовните желби коишто водат кон смрт и распадливост), како мост од Земјата кон Небото. Го почувствував Неговото крајно смирение. Ме потресе тоа што Он, Преслаткиот, одново го покажа Своето бескрајно човекољубие, се снижи Себеси за да ми се даде Целиот мене, која сум едно големо ништо! Самиот Он ми даде благодат да Го изберам Него, Вечниот, Најубавиот, Животворниот! Слава Му и фала Му за сѐ!! 

По сите овие години можам само да потврдам дека сѐ добро што имаме во нас, па макар и еден здив добра помисла, станува по милоста Божја, по мерата на нашето самоодрекување и заради благословот на Старецот.

Вообичаено, монашењето се случува на голем празник, пред сѐ пред небесната Црква, а потоа и пред земската, пред сите оние кои по Божја промисла ќе бидат во манастирот, но и пред сите оние кои со духот ќе бидат сведоци на големата тајна, на тој мистичен брак на душата со небесниот Младоженец Христос.

* Вашето монашко име е Касијана. Сами го одбравте? Грчко е? Има некакво значење? И следователно, како се избираат монашките имиња во Православната црква?

 Монашкото име ми го даде мојот Старец и духовник, Епископот г. Партениј, според името на мојата возљубена небесна закрилница, Светата Касијана (некаде и Касија) Песнописателка, една од најпознатите женски химнографи во Црквата Божја, којашто живеела и творела во 9 век. Таа имала благородно потекло и била многу образована, исполнета со добродетели. Света Касијана се одликувала како со духовна убавина така и со голема мудрост. Во 834 година основала монашко општежитие западно од Константинопол, близу до ѕидините на градот и станала негова прва игуменија. Била голема поетеса и молитвеница на нашата Црква.

Сум сретнала две толкувања на името Касијана. Пораспространетото говори дека името доаѓа од латинската придавка „cassus“ што во превод значи „празен, испразнет“ и во тој контекст, според христијанската смисла, личноста што го носи тоа име треба да биде испразнета од секое зло и егоизам, од распадливите страсти на овој свет, а полна со Бога. Исто така, ова име се врзува и со латинскиот збор „cassis“ што значи „метален шлем“ и во духовна смисла тоа би го означувало „шлемот на спасението“ за кое говори Апостолот Павле во посланието до Ефесјаните.

Меѓутоа, има и друга, според мене поверодостојна, теорија за потеклото на името Касијана. Имено, според некои етимолошки иследувања, тоа доаѓа од старохебрејскиот термин „кеција“ (стгрч. и лат. „касија“) што означува вид на канела, цимет. Во овој случај, името Касија го означува духовното благоухание со кое треба да мириса христијанската душа. Впрочем, личното име Касија го среќаваме уште во Светото Писмо на Стариот Завет каде што читаме дека една од ќерките на Свети Јов Многустрадален се викала така.

Во врска со изборот на монашките имиња, древно предание е во Црквата нив да ги избира Старецот, односно духовникот на новозамонашениот, според некоја духовна карактеристика или асоцијација со светителот/светителката чиешто име ќе го носи или заради големата љубов и посветеност на послушникот кон некој светија. Во мојот пример беа присутни и двете. Мојот Старец г. Партениј од почеток ја знаеше мојата љубов кон Света Касијана, а дополнително тука содејствуваше и фактот што јас во светот бев оперска пејачка и целиот мој живот е поврзан со музиката.

* Ме интересира, кога е монашкиот живот во прашање, визави горенаведеното, т.е. времето од десетина години, како гледате на него? Ви значи нешто – роденденот на пример? Ги броите годините или пак не Ве засегнуваат, и Вас и другите? Односно, како гледате на безвременоста – дали човекот е безвремено суштество?

 Ќе започнам од тоа дека животот е најголем дар! За мене човекот и животот на секого поединечно претставува една голема тајна, тајна на љубовта Божја. Бог има ставено огромна сила во душата на човекот. Само од нас зависи како таа сила ќе ја канализираме – дали во добро или во зло. А времето може да ни стане најголем пријател или најголем непријател. Тоа зависи од нашето внатрешно настроение, зависи од тоа дали ќе се прилепуваме кон Светлината или кон мракот. Затоа не се важни годините од нашиот живот, туку ЖИВОТОТ во нашите години, кои ни се дар од Бога! Денот на раѓањето претставува милост затоа што Бог нѐ удостоил да постоиме. Токму затоа треба да се трудиме да излеземе чисти од овој живот, онакви како што сме влегле во него. А како влеговме во овој живот!? Господ Исус Христос вели: „Вистина ви велам: кој нема да го прими Царството Божјо како дете, тој нема да влезе во него“ ( Лука 18,17).

* Вие сте старешинка на манастирот Свети Георгиј Победоносец во Рајчица, кој е метох на Бигорскиот. Целиот комплекс изгледа како рајска градина. Црквата е прилично стара. Од кога датира? И фрескоживописот е восхитувачки убав, со доминантна сина боја. Ќе ни кажете нешто за него?

 Почетоците на овој наш манастир како метох на Бигорски се врзуваат со името на игуменот Иларион, но најголем подем тој достигнал во времето на игуменот Арсениј, кој во 1835 година го изградил денешниот храм и прилежно се ангажирал за неговиот фрескопис за најпосле тоа дело да биде запечатено со уделот на игуменот Јоаким, наследникот на дедо Арсениј. Значи, тој бил плод на молитвите и трудот на тројца бигорски игумени. Се разбира, тука неизоставно треба да го споменам и неизбришливиот удел на нашиот сакан Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, кој во 1999 година, со голема усрдност, саможртва и силна вера во Победоносецот Свети Георгиј, започна да го воскреснува од урнатините ова речиси заборавено светилиште. Господ, по силното застапништво на нашиот најмил Патрон, Св. Георгиј, милостиво погледна на трудот на неговите раце и направи своевидно чудо: среде воен конфликт, немири и сиромаштија, за неполни две години ја издигна оваа прекрасна тврдина на славниот Великомаченик, која е дом на нашето сестринство денес. И како што е тежок секој почеток, така и почетокот на денешнава Рајчичка Обител започна во многу неблагопријатни услови, во услови на тешка неизвесност на војната која висеше во воздухот. Но, Св. Георгиј е моќен и непобедлив застапник, па така заштитнички се надви над првата сестра што дојде овде да Му служи на Бога, сестра Варвара, а по осум месеци во манастирот пристигна и сестра Екатерина. Тие, заедно со сестра Анастасија, која дојде нешто подоцна, беа првите столбови на Обителта на кои светиот и славен Георгиј си го изгради денешното монашко семејство. Денес Обителта брои веќе 13 члена, не сметајќи го и оној дел од сестринството што со благослов на нашиот Старец, а според таинствената промисла на Богомајката, се пресели во нејзиниот Манастир Пречиста Кичевска, за тука, под нејзина грижа, да си најде нов дом и да го продолжи и зајакне монашкиот живот.

Инаку, што се однесува до фреските, слободно можам да кажам дека како што Бигорски е познат по својот ненадминат иконостас, така во нашиот храм во Рајчица она што плени и што предизвикува најголем восхит е токму ѕидниот живопис. Двајца зографи го оставиле својот печат на овие чудесно добри фрески: бигорскиот монах Даниил со татко му Михаил и оној што подоцна го довршил нивното импозантно дело – познатиот нивен ученик Дичо Зограф. Токму сината боја е нешто по кое е препознатлив овој врвен зограф. Симболиката е двострана и пред сѐ го одразува Небото, односно мистичната димензија на фрескописот, кој како прозорец ни го отвора погледот кон горниот, духовниот свет. Сепак, оваа боја не помалку ја симболизира и Мајката на нашиот Господ, Пресветата и Пречистата Богородица, нејзиното постојано таинствено присуство во храмот.

* А пропо сината боја на фрескоживописот, која ја споменавме пред малку, но и црната боја на монашката облека, што означуваат тие? Каква е симболизацијата на овие и на останатите неколку бои? Мислам на уметноста (црковната) и следствено, во Библијата?

 Древна пракса е во Православието, но и во христијанскиот свет општо, монасите и свештениците да носат црно расо, како непосреден потсетник за покајанието и за смртта, но и за сериозноста на возвишениот призив. Ако ги погледнете иконите и фреските на древните отци на Црвката, сите тие биле облечени во расо со темни, сериозни бои. Но, лично за мене, а верувам дека не сум единствена во тоа, црната боја претставува и радост. Духовна, пред сѐ. Уште додека бев во светот, кога ќе видев монах, во срцето ми се будеше радост. Насмевката, чистотата на ликот, ведриот поглед на монахот или свештеникот, топлината на неговото срце…, сето тоа ми се поврза токму со црната боја и ми сведочи најголема, чиста, искрена, детска радост. Нешто небоземно, бидејќи монасите се како ангели на Земјата.

* За чудотворноста на моштите на Свети Георгиј Победоносец (се работи за делче од неговата рака) се говори наголемо. Таа е несомнена. Но, сите (мислам на лаиците) понекогаш се прашуваат како е можно, на кој начин делува. Имате некакво објаснување, толкување? Пресудна е молитвата или пак чудотворната моќ е необјаснива? Поради христовата семожност, семоќност.

 За да се случи чудо во човечкиот живот, потребна е силна желба да се почувствува Божјата волја и Неговата сила, кои дејствуваат тогаш кога постои голема вера и надеж, голема доверба и љубов кај човекот за Бога. Кога ќе Му дозволиме на Бог да ги движи нештата во нашиот живот и ќе ја оставиме настрана својата сопствена волја, желби, пристрасност, знаења, интелигенција и сето она што нè ограничува – а мислиме дека ни дава слобода и широчина на духот – тогаш Бог делува непречено бидејќи сме Му дозволиле да дејствува Он. Значи, чудо се случува кога нашата слободна волја што Самиот Он ни ја дал како израз на Својата бескрајна љубов кон човекот повторно ќе Му ја предадеме Нему.

Така и светителите во текот на својот живот, при страданијата и уште повеќе по своето блажено упокојување, прават многубројни чудеса преку своите мошти (останки од нивните тела), на местата каде што тие се наоѓаат, на местата каде што се подвизувале, каде што пострадале или едноставно на секое место, кога луѓето од срце ќе им се помолат. Светиите доаѓаат и со своето благодатно присуство нè заштитуваат и помагаат. На овој начин и прекрасниот и силен во молитвите Христов воин Свети Георгиј Победоносец до ден-денешен, цели седумнаесет века дејствува благодатно преку многубројните чудеса и исцеленија, а во многу случаи и со видливо појавување и помош во неволјите и болките кај луѓето.

Всушност, Бог е Оној Кој дејствува преку Светителот бидејќи Свети Георгиј на Христа Му се предал комплетно, безрезервно, се испразнил од самиот себе и со многу љубов кон Спасителот се очистил од страстите на човечката природа и од огревовеноста и се изградил како чист сад во кој се вселил Светиот Дух. Светителот се осветил уште за време на својот живот, преку праведност, вера, љубов, христијанска пожртвуваност, молитвеност и духовно благородство, а на крај и преку своето мачеништво. Така тој и за време на животот на земјата и после упокојувањето продолжува да прави многу чудеса и јавувања.

Во нашиот манастир, посветен токму на овој голем Христов Великомаченик, имаме дел од неговите мошти, поконкретно од неговата рака, која е положена во сребрена моштохранилница со позлата, изработена во форма на дланка, украсена со скапоцени камења и сместена во една сребрена минијатура на црква. Ги изложуваме моштите пред верниот народ кој доаѓа да се поклони и да му се помоли на Светителот, а според верата, љубовта, болката, надежта на човекот, Светителот брза да ги услиша молитвите и да ги утеши срцата на луѓето.

Еве, токму вчера во манастирот одненадеж дојде еден човек и ни раскажа за едно чудо што му се случило лично нему. Имено, пред неколку години човекот доживеал сообраќајна несреќа во непосредна близина на манастирот и со неговиот сопатник останале живи и здрави. Човекот дошол тие денови во манастирот, се заблагодарил на Светителот и си заминал. По една година пак дошол и го посетил манастирот и оттогаш не стапнал повеќе во него. Но, деновиве, како потсетување, пред да заспие самиот Победоносец му се појавил над постелата и му рекол: „Ме заборави. Долго време те нема. Не дојде да ме посетиш и да ми оставиш елеј“. Човекот веќе следниот ден (т.е. вчера) дојде во манастирот и ни ги раскажа овие работи.

Ова е само едно од многубројните чуда кои Светителот ги има сотворено во денешно време и за кои ни имаат посведочено многумина; дали преку исцелувања од неизлечиви болести, преку јавувања во сон на луѓе кои никогаш не слушнале за раката на Св. Георгиј или никогаш го немале видено манастирот, па според опис на изгледот на манастирот го нашле и доаѓаат да го посетат; дали поради избавување од некоја несреќа или безнадежна ситуација и слично. Како и да е, големиот Свети Георгиј Победоносец, кој има голем култ и почит кај нашиот народ, не престанува да чудотвори секојдневно и да сведочи за силата Божја која дејствува во Светиите, но и во секое чисто, покајано и исполнето со љубов кон Христа човечко срце, кога усрдно, со многу вера и покајание ќе Му се помоли на Бог! Силата Божја секогаш во немоќта наша се покажува!

* Какви се монашките правила врзани со животот на сестринството во манастирот и богослужбите? Мислам на типикот, се разбира. Колкав е бројот на монахињите во Рајчица, во што се состојат послушанијата? Накусо, еден обичен ден – како изгледа?

 Сестринството во Рајчичкиот манастир живее според типик кој е уреден од страна на нашиот Старец Партениј, а по примерот на Светогорските манастири. Тој во целост ни го пренесе тоа богато и преобразувачко светогорско предание, како и ширината на гостољубието. Редот на живеење подразбира примена на целата богослужбена практика во православната Црква, но и повеќечасовни ноќни бденија спроти неделните и празничните денови. Стануваме рано наутро, околу пет часот и веднаш потоа сме на молитва во храмот. Потоа, во текот на денот, ги извршуваме многубројните послушанија. Изработуваме разни сувенири, се занимаваме со зографска дејност, а правиме и архиерејски митри по кои сме препознатливи во целиот православен свет. Активно се трудиме и во помагањето за решавање на повеќе социјални проблеми, особено оние што се поврзани со злоупотреба на дроги и алкохол.

Во последно време сме особено ангажирани околу градежните активности во нашиот манастир, кои подразбираат реконструкција и доградба на постојните објекти, но и изградба на нови – нов велелепен храм на Победоносецот, нови конаци, како и изградба на дневен центар за едукација и рекреација на деца, со посебно внимание на деца без родителска грижа.

Монашкиот ден завршува во вечерните часови со молитва во ќелиите. Прекрасните химни и умилителните стихови што се напишани од светите отци и химнографи нѐ потсетуваат на едно од најважните монашки правила, на кое постојано упатува нашиот Старец: „Во љубовта се состои сѐ. Кој љуби, тој ги исполнува сите Божји заповеди“.

* За еден од занаетите кој не се среќава често, а сепак е главно занимање на сестрите во манастирот, важи секако изработката на митрите за епископите, патријарсите, меѓу нив и Вселенскиот. Ме интересира, во што е нивната посебност? А и стилски, чие влијание доминира? Уметничко, се разбира. Какви материјали користите, во смисла на ткаенини, камења..? Скапоцени се? Какво значење има „круната“ во Библијата?

 Нашиот најсакан Старец, владиката г. Партениј ни даде навистина еден скапоцен благослов: изработка на епископски митри, која ни ја предаде во наследство како послушание, пренесувајќи ни ја така љубовта кон овој благороден и креативен занает. Бездруго, создавањето митра е благодатно, но мораме да кажеме и дека воопшто не е лесно – ова послушание бара од нас со часови и часови да поминеме наведнати над митрите што ги изработуваме, трудејќи се со секој убод на иглата да си спомнуваме за трновиот венец на нашиот Господ оти митрата во суштина го симболизира токму тоа. Другата симболика секако е царското величие на Христа, бидејќи на службата архијерејот Го претставува Царот Христос, т.е. Неговото царско свештенство. Митрите се дел од богослужбената одежда на владиката и според тоа треба да бидат одраз на небесната слава, а таквото достоинство бара и достојно украсување. Користиме само и исклучиво квалитетни материјали, благородни метали, полудраги камења и бисери, она што може да му даде отмен сјај на еден богослужбен елемент, кој треба да Го сведочи блесокот на Христа воскреснат во слава.

Тука би додала и тоа дека и мене, а и сите сестри, везењето митри нѐ поттикнува да мислиме и на Мајката Божја оти Таа се удостоила со своето ракоделие да Го украси својот Син, а притоа ги користела долгите часови на везење, за молитвено да го издигнува својот ум кон Бога и така да пребива во непрестајно богомислие. Освен тоа, Бог го наградува ова ракоделие со посебна благодат. Конкретно јас, како еден сангвиничен темперамент, никогаш не ни помислував дека еден ден би можела да го работам тоа и не само да го работам туку и толку да ми биде убаво и толку брзо да ми врват часовите поминати во изработувањето на еден ваков свет предмет.

* Како резултат на бремињата со кои се соочуваме во секојдневниот живот, меѓу обичните луѓе сѐ поприсутен е стравот (за децата, иднината, човечката егзистенција е загрозена…), во голема мера и анксиозноста (нејасен страв). Како да им пркосиме, на кој начин да дојдеме до смирение, душевен мир? Индивидуално бидејќи чувството за колективизам одамна е изгубено.

 Денешниот современ човек е премногу испразнет од брзината и површноста со кои се живее. На пример, денес човекот сака и се моли да заврне дожд, но заборава дека и калта е последица од дождот. Имаме избор или да останеме уплашени во калта или да се обидеме да ја совладаме и да научиме како да ја употребиме за да ни ги зајакне мускулите. Без Христа во нашиот живот ние секако остануваме во калта оти колку и да сме успеале во животот, па и најголемото световно достоинство да ни го дадат луѓето, тоа останува врзано за земјата. Останува овде! Ние сме создадени за нешто повозвишено, за нешто што не може да се замени со ниедно световно достоинство, ниту пак може да се купи со овдешното богатство. Не заборавајте, најскапо и трајно вредно е она што не се купува со пари: верата, надежта, љубовта, радоста, добрината… Сите стравови доаѓаат од недостаток на вера. Затоа не престанувам да се молам: Драг Господи, не барам од Тебе да ми ги отстраниш сите камења од патот туку да ми ги зајакнеш рамењата, та да можам да ги изнесам тие камења од патот на мојот живот.

Сме заборавиле дека верата ги прави сите чуда. Нашиот Старец постојано нѐ поучува да си ја запазиме верата неповредена и дека верата е главата на човекот. Без вера немаме ништо! Без вера може да имам само добра желба, која повредувана од животните бранови ќе се удави набргу. Ќе пропадне силата да се бориме за која било добра желба или цел, зашто силата е во верата во Бога! Од недостигот на верата доаѓа и стравот. Стравот дека не сме спознале и не сме усвоиле која е нашата цел. А секоја добра желба или цел бара и своја жртва.

* Кога се работи за христијанството, неговата етика и жената, кои се битните, најголемите одлики на една вистинска, права христијанка? Што ја карактеризира пред сѐ?

 За мене најголемо и најсвето нешто отсекогаш било мајчинството. Мајката е најсилен двигател, не само на семејството туку и на општеството. Таа не смее да го заборави најважното, а тоа е дека како жена и како мајка треба да го носи мирот насекаде каде што дејствува. Тука мораме да напоменеме дека и мажот си има своја улога, прекрасна семејна и општествена улога што прилега на неговата природа. Тој е татко, се труди и работи за да го заштити и утврди семејството, но среде многуте обврски кои денот ги става пред него не смее да заборави дека најважната негова улога се состои во тоа со љубов да ѝ се обраќа на својата жена. Кога жената е вистински љубена, таа може да направи многу, многу за семејството, многу за општеството. Во овој контекст ќе ги парафразирам зборовите на нашиот Старец, кој многу често јавно кажува дека жената не само што не е послаба од мажот, туку во Христа таа дури е и посилна од него. Нашиот Господ им ги даде најголемите права на жените – од едни понижени и презрени личности, Он направи најсилни и најверни проповеднички за еднаквоста, братољубието, милосрдноста. Тоа се мајчински квалитети, затоа велиме дека нејзината највозвишена улога е да биде мајка. На едно дете само едно му е потребно: да ја чувствува љубовта на своите родители. Затоа, да побрзаме да Му се предадеме на Небесниот Отец и да оставиме да нѐ води Неговата рака онаму каде што Он сака, зашто Неговата љубов е вечна. Така ќе исчезне секој страв, зашто Он самиот ни кажа: „Јас Сум со вас во сите дни до свршетокот на светот. Амин!“ (Матеј 28.20).

* Кога е посетата на манастирите во прашање, задолжително е носењето марама на главата и неносењето панталони од страна на жените? Што е правилно, всушност? Дали во прашање се принципи засновани на зборовите на Свети Апостол Павле? Во што е нивната суштина?

 Кога станува збор за надворешниот изглед на Христијаните, луѓето честопати заминуваат во крајности. И генерално имам чувство дека многумина повеќе се фаќаат за формата одошто за суштината. Не дека формата не е битна – напротив, во неа се содржи суштината, но оваа вторава треба секогаш да има приоритет. Ова важи и за кодексот на надворешниот изглед на верниците. Се разбира, за верниците не пости униформираност, односно шаблон според кој треба да изгледаат сите. Во овој случај е важно едно: верниците кога посетуваат некој храм, а и општо, не треба да изгледаат непристојно и провокативно, како не би предизвикале соблазна кај другите и со тоа да станат виновни за нечиј пад. Но, она што е уште позначајно е тоа верниците да не водат двоен, и тоа сосема спротивен живот – еден за в црква пред другите верници, а друг за надвор кој сосема се разликува од првиот. Господ не го сака лицемерието. Во однос пак на марамата, мислам дека тука станува збор повеќе за културолошки обичај отколку за некакво востановено правило. Така, на пример, во Русија скоро сите жени в црква носат марама на главата, а во Грција – ниедна. Сепак, ова во никој случај не значи дека Русинките се попобожни и подобри од Гркинките. Во секој случај, може да се рече дека марамата спаѓа во кодексот на пристојно облекување. Според моето скромно мислење, секој треба да постапува во согласност со својата совест и убедување, без притоа истото да им го наметнува на другите или пак, не дај Боже, да ги осудува затоа што тие не се угледуваат на него/неа. Доколку правиме нешто само со цел надворешно да изгледаме подобро од другите, тогаш, верувајте, ќе бидеме полоши и од оние што ниедно правило не пазат, но имаат искрено покајание и смирение во срцето. Светиот Апостол Павле, кој ги советува мажите да ги сакаат своите жени како што Христос ја засака Црквата и се предаде во жртва за неа, ги советува и жените да бидат „облечени пристојно, со срамежливост и чесност да се украсуваат… со добри дела“ (1. Тим. 2,9-10). Истиот тој повторно пишува: „Имаш ли вера? Имај си ја за себе пред Бога. Блазе на оној кој не се осудува себе самиот за она што го одобрува“ (Рим. 14,22).

Игор Ландсберг

Фотографии: архив на манастирот Свети Георгиј Победоносец