Покана за празникот Собор на Светиот Архангел Гавриил

Во исчекување на празникот на Божјиот благовесник – Собор на светиот архангел Гавриил, Бигорската свештена обител со особена чест ве поканува заедно да го прославиме носителот на добрите и радосни вести, кој прв го објави доаѓањето на Спасителот во светот.

По тој повод, на 26 јули, недела, со почеток во 08:30 ч., во неговиот манастир во Долни Дримкол, ќе биде отслужена Божествена архиерејска Литургија. Со светата Литургија ќе чиноначалствува Неговото преосвештенство, епископот Антаниски г. Партениј.

Долнодримколскиот манастир, меѓу народот познат и како Манастирец – според некогашното село што се наоѓало во близина, е посветен на светиот архангел Гавриил. Сместен во длабочините на Дебарски или Долни Дримкол, оваа голема Светиња со векови била место на молитва и на духовно вдахновение и воздигнување, тврдина на верата и на културата во западниот крај на Македонија. Манастирот датира уште од ромејскиот период (пред 14. век), но остатоците од сегашниот храм се од почетокот на 20. век.

По иницијатива и со заложби на игуменот на Бигорскиот манастир, Неговото преосвештенство епископот Антаниски г. Партениј, во текот на изминатите две години беа спроведени опсежни работни активности за отворање на пат и очистување на остатоците од Манастирот, со што се создадоа неопходни услови за служење на Божествена Литургија.

Целта на претстојното богослужение е, меѓу другото, да му оддадеме должна чест на великиот Архистратиг Гавриил и да ја вратиме од заборав оваа негова Светиња со големо историско и духовно значење. Затоа, да се собереме во што поголем број и заедно да го испросиме благословот на нашиот небесен добротвор.

ЛОКАЦИЈА НА МАНАСТИРОТ (кликнете за да ве пренасочи на Google Maps)