Крв дарувана од љубов – надеж и живот за ближниот

Со благодарност кон човекољубивиот Бог, Кој постојано нè повикува својата вера да ја преточуваме во дела на љубовта, денес во нашата Бигорска свештена обител успешно беше спроведена втората регионалната летна крводарителска акција под мотото: Дарувај крв – спаси живот!

Ова благородно и човекољубиво дело се одржа со благослов на нашиаот Старец и игумен, Неговото преосвештенство, епископот Антаниски г. Партениј, во организација на Општинската организација на Црвениот крст – Гостивар, во соработка со Бигорскиот манастир и Институтот за трансфузиона медицина, како и со придонес од Општинската организација на Црвениот крст – Дебар.

Во текот на акцијата беа собрани 66 крвни единици, зад кои стојат исто толку дела на несебичност, пожртвуваност и грижа за непознатиот ближен. Секој што денес подаде рака и даруваше дел од својата крв, стана тивок соработник во спасувањето човечки животи и носител на надеж за оние што се соочуваат со болест, страдање или животна опасност.

Крводарителството е едно од највпечатливите сведоштва дека љубовта не е само убаво чувство или благородна мисла, туку конкретно дело, лична жртва и подготвеност да му се помогне на човекот што можеби никогаш нема да го запознаеме. Особена радост за нас е што во оваа акција крв даруваа лица од разни народности и религиски припадности, со што уште еднаш се потврди дека милосрдието ги надминува сите човечки поделби и нè собира во едно заедништво на љубовта. Дарителот не прашува кому ќе му биде дадена неговата крв, од која народност, вера или општествена средина е примателот. Тој едноставно дарува, знаејќи дека од другата страна се наоѓа човечка личност, создадена според образот Божји.

Во тој дух, нашиот Старец, епископот г. Партениј, честопати нè поучува дека вистинската христијанска љубов секогаш излегува од тесните граници на личната удобност и станува грижа, сочувство и жртва за другиот. За оваа крводарителска акција, тој карактеристично ќе рече:

Кога од љубов даруваме нешто од себе, тогаш стануваме сродници на Христа, Кој ни се дарува целиот Себеси. Крвта што денес ја дарува човекот, утре може да стане живот за неговиот брат. А секое дело со кое се спасува и утешува човечката личност е дело што го радува небото.

Манастирот, како дом на молитвата, отсекогаш бил и дом на милосрдието, утехата и на човечкото заедништво. Затоа особено нè радува што и ова лето Бигорската обител ги отвори своите порти за една ваква возвишена хуманитарна иницијатива, во која молитвата и делото, духовното и човекољубивото, се соединија во едно заедничко сведоштво на љубовта.

Од срце им благодариме на сите крводарители што се одѕваа на повикот и со својата несебичност покажаа дека нечија болка и потреба не им се туѓи. Благодарност упатуваме и до медицинските екипи од Институтот за трансфузиона медицина, до претставниците и волонтерите на Црвениот крст од Гостивар и Дебар, како и до сите институции, медиуми и добронамерници што придонесоа за успешното спроведување на акцијата.

Нека добриот и милостив Господ им возврати стократно на сите кои денес даруваа од себеси за животот на своите ближни. Нека ги укрепи со здравје, мир и благослов, а нивниот дар нека стане светол знак дека човекољубието и пожртвуваноста сè уште силно живеат меѓу нас.

Оти една дарувана крвна единица не е само медицинска потреба – таа е нечија надеж, нечија молитва, нечија нова можност за живот.

Дарувај крв. Подари надеж. Спаси живот.