Денес, 17 јули 2026 година, во посета на Бигорската свештена обител дојде почитуваниот директор на Националниот конзерваторски центар – Скопје, г. м-р Александар Јорданоски, заедно со своите соработници: д-р Јехона Спахиу Јанчевска, историчар на уметноста – советник конзерватор и м-р Невенка Величковска, сликар – советник конзерватор, коишто воедно работеа на реставрацијата и конзервацијата на четирите литијни крстови од богатата манастирска ризница, заедно со стручниот тим на Националниот конзерваторски центар.
Имено, при реализацијата на овој значаен конзерваторски потфат, д-р Јехона Спахиу Јанчевска се јавува како раководител на конзерваторските истражувања и на проектите, додека м-р Невенка Величковска како раководителка на непосредната заштита, односно на конзерваторско-реставраторските работи.
Ценетите гости беа срдечно пречекани од нашиот старец и игумен, Неговото преосвештенство, епископот Антаниски г. Партениј. Во текот на средбата, владиката и директорот г. Јорданоски, кој воедно покажа висока стручност и подготвеност, разменија мислења и водеа конструктивен разговор за потребата од натамошно продлабочување и унапредување на меѓусебната соработка, со цел што посветено, постручно и поодговорно зачувување на бесценетото духовно и културно наследство на илјадагодишната Бигорска обител.
Особено внимание беше посветено на успешно завршениот процес на конзервација и реставрација на четирите литијни крстови од манастирската збирка. Два дена претходно, на 15 јули, во манастирот беа вратени и последните два реставрирани и конзервирани литијни крста: „Распетие Христово / Вознесение Христово“ и „Распетие Христово / Воскресение Христово“. Станува збор за исклучително значајни и скапоцени дела, творби на прочуените зографи Михаил од Самарина и неговиот син Димитар, односно монах Даниил, чиешто творештво зазема особено место во историјата на црковната уметност на овие простори. Нивните дела се препознатливи по длабоката богословска содржина, благородната ликовна изведба и вештото соединување на иконописот, резбата и позлатата во единствена молитвена целина. Преку овие крстови, како и преку нивното пошироко зографско наследство, Михаил и Даниил оставиле траен печат врз духовниот и уметничкиот идентитет на Бигорската обител, но и на мијачкиот крај и пошироко, сведочејќи за високите дострели на православната сакрална уметност и за живата врска меѓу верата, убавината и преданието.
Претходно, пак, на 24 септември 2024 година, по успешно извршената реставрација и конзервација, во Бигорски беа вратени и првите два литијни крста. Со враќањето и на вторите два беше заокружена конзервацијата на сите четири литијни крстови, кои повторно го зазедоа своето достојно место во ризницата на Бигорскиот манастир. На тој начин се комплетира уште едно особено значајно поглавје во заштитата и зачувувањето на ова свето и драгоцено наследство.
Конзерваторско-реставраторските зафати опфатија стручна обработка на дрвените носачи, резбата, подлогата, боениот и позлатениот слој, заштитните премази и металните држачи. Во рамките на процесот беа извршени консолидација, прочистување, отстранување на старите лакови и несоодветните претходни интервенции, китирање и ретуширање, како и соодветна заштита на металните елементи. За крстовите беа изработени и посебни постаменти со држачи, кои претставуваат дар од стручниот тим.
Нашиот старец, епископот г. Партениј, изрази искрена благодарност до директорот на Националниот конзерваторски центар, до раководителките на проектот и до сите членови на стручниот тим за нивната пожртвувана, високопрофесионална и научно-темелна работа, а особено за љубовта, вниманието и почитта со кои пристапија кон светите предмети од Бигорската ризница.
Покрај заокружувањето на конзервацијата на литијните крстови, во изминатите денови во Бигорски се вршеа и нови конзерваторски истражувања на иконите „Воведение на Пресвета Богородица во Храмот“, „Свети Николај“ и „Симнување во адот“, со цел да биде изработен соодветен проект за нивна конзервација и реставрација. Овие активности претставуваат уште еден значаен чекор во долгорочната грижа за зачувување на богатото уметничко, историско и духовно наследство на нашата света Обител.
Нека оваа плодотворна соработка продолжи и во иднина, за бесценетото наследство што сме го примиле од нашите предци да биде сочувано, обновено и достојно предадено на идните поколенија.
























