Во вечер исполнета со духовна убавина, благодарност и благородна уметничка инспирација, во петокот, на 10 јули 2026 година, во националната установа Центар за култура „Кочо Рацин“ во Кичево беше промовирана фотомонографијата посветена на свештената Пречистанска обител „Благовештение на Пресвета Богородица“, придружена со отворањето на првата самостојна фотоизложба на авторот Јован Ангелески.
На настанот, по претходна покана на авторот, присуствуваше и нашиот старец, Неговото преосвештенство, епископот Антаниски г. Партениј, кој со своето присуство ја почести и благослови овој значен културен настан. На промоцијата присуствуваа и старешинката с. Харитина со сестринството на манастирот Пречиста, како и бројни љубители на фотографската уметност, културата и духовното наследство.
Фотомонографијата претставува плод на повеќегодишната љубов и посветеност на авторот кон ова древно светилиште. Низ страниците на книгата, преку внимателно избрани фотографии, не се открива само надворешната убавина на манастирскиот комплекс, туку и неговото живо срце – молитвата, богослужбениот ритам, монашкиот подвиг, тишината и благодатта што непрестајно извираат од овој свет дом на Пресвета Богородица.
Рецензијата на оваа фотомонографија, со благослов на владиката г. Партениј, е напишана од архимандритот Кирил Бигорски. Во неа тој го согледува ова дело не само како уметнички израз, туку и како сведоштво за духовната стварност. Во својот осврт, отец Кирил ја истакнува способноста на авторот да го долови она што не може лесно да се опише со зборови – благодатниот мир, светлината на молитвата и животот што се раѓа во заедницата со Бога.
За самиот автор, ова дело има и длабоко лично значење. Неговата поврзаност со манастирот започнала уште во детските години, а низ времето прераснала во искрена желба преку фотографијата да ја пренесе неговата убавина и духовна сила. Благодарение на довербата и љубовта на сестринството, му било овозможено одблизу да го запознае секојдневниот манастирски живот и да овековечи мигови што ретко остануваат забележани од очите на посетителите.
Во текот на промоцијата беше изразена благодарност до епископот г. Партениј за неговиот благослов, доверба и постојана духовна поддршка, како и до старешинката монахиња Харитина и сестринството на манастирот „Пречиста“ за нивната несебична соработка и отвореност при создавањето на ова вредно дело.
Свеченоста беше збогатена со музичка изведба на маестро Филип Михајлоски на канон, по што присутните имаа можност да ја разгледаат изложбата и да се запознаат со фотомонографијата, која претставува драгоцено сведоштво за еден жив духовен организам, во кој и денес, како и со векови наназад, непрестајно се вознесува молитва кон Бога.
Со ова свое прво самостојно дело, Јован Ангелески не создаде само збирка фотографии, туку остави траен визуелен летопис за едно од најзначајните светилишта во нашата татковина, потврдувајќи дека кога уметноста ќе се соедини со љубовта кон светото, таа станува сведоштво што ќе им зборува и на идните поколенија.





























