Во тајната на Божјата промисла, човечките различности престануваат да бидат бездна на разделувањето, станувајќи простор во кој се прославува неискажливото благодатно заедничарење како дар на Светиот Дух. Неприкосновена вистина, која најсилно одекнува токму денес, на празникот на светите апостоли Петар и Павле, во чиишто ликови Црквата ја согледува и ја празнува големата антиномија на спасението. Зашто самиот нивен живот сведочи за тој чудесен спој на рибарската едноставност и фарисејската ученост, на пламената импулсивност и пресметаниот прогон – спротивности, коишто огнот на Дамаск и тишината на Галилејското езеро ги обединија во едно срце и една мисла. Така, едниот, кој трикратно се одрече од Господа, преку горчливите покајнички солзи стана непоколеблива карпа на верата; другиот, кој до смрт ги гонеше Христијаните, по чудесното Божјо јавување беше преобразен во најусрден благовесник на народите.
Токму преку оваа нивна ревносна проповед, Светиот Дух ја подигна Црквата, го утврди нејзиното единство, ги собра распрснатите чеда Божји, немудрите ги научи на мудрост, а простите ги исполни со духовно знаење. Со тоа, овие двајца великани ни покажаа дека Бог не бара беспрекорни садови, туку скрушени срца, подготвени за преобразување и обожение. Затоа, нивното братољубиво заедничарење останува непоклатен доказ дека Црквата никогаш не се втемелувала врз човечката моќ и совршенство, туку единствено врз Распнатиот и Воскреснат Спасител, Кој преку доброволното Свое страдање на Крстот непрестајно ги исцелува раните на светот.
Оваа празнична и таинствена благодат силно се почувствува во свештениот простор на Бигорскиот манастир, каде што литургискиот спомен за овие столбови на Христијанството се прелеа во богослужбена реалност преку величественото сеноќно бдение и Божествената Литургија. Со ова соборно молитвено собрание, во сослужение со браќата свештенослужители, чиноначалствуваше нашиот старец и игумен, Неговото преосвештенство епископот Антаниски г. Партениј. За него овој ден има особено длабоко и лично значење, бидејќи токму на празникот на Првоапостолите, тој го прими возвишениот архиерејски чин. Цели шест лета тој е сведок на едно автентично, крстовоскресно апостолско служење, коешто секојдневно е исполнето со тивко носење на туѓите немоќи, неуморно бдеење над душите и деноноќна евангелска грижа за монашкото братство, сестринствата и целиот верен народ, кој со неумолива надеж постојано притекнува кон овие светилишта.
Затоа денес, смирено и сплотено стоејќи пред Бога и Неговите Апостоли, со синовска благодарност од сѐ срце му ја честитаме годишнината на нашиот најсакан Старец. Во овие празнични мигови усрдно просиме за него долгоденствие, благодатна сила и небесна поткрепа, за да истрае во тешкиот подвиг, духовниот товар и големата одговорност пред Бога и народот.
Нека нашиот Господ Исус Христос, по молитвите на светите Свои Првопрестолници, духовно го чува, укрепува и вдахновува нашиот Старец, дарувајќи му уште многу благословени години во апостолско служење, за радост на нашата Црква, за спасение на народот Божји и на вечна слава на Троединиот Бог.































