По повеќечасовното бдение, кога ноќта се преточи во утро и сончевите зраци веќе го прегрнуваа врвот на Бистра, со голема чест и почит, пред почетокот на светата Литургија, го пречекавме и нашиот почитуван митрополит Дебарско-кичевски г. Георгиј, кој допатува заедно со игуменот на манастирот „Свети Наум Охридски“ – архимандритот Нектариј и протоѓаконот Николче Ѓурѓиноски. И во соборно сослужение, митрополитот г. Георгиј, заедно со епископот г. Партениј и браќата свештенослужители, го соврши најголемото од сите таинства, Божествената Евхаристија, во којашто и небото и земјата стануваат еден жртвеник, и Господ Христос им се раздава Себеси на верните, без никогаш да се намалува. Освен светите архиереи и манастирските свештенослужители, на светата Литургија сослужуваа и високопочитуваните отци: архимандритот Матеј од митрополијата на Верија, старецот Антипа од Света Гора, архимандритот Нектариј од Охрид, архимандритот Продром од митрополијата на Карпениси, архимандритот Филарет од митрополијата на Тива, протопрезвитерот Темистокле од Атина, јеромонахот Теодосиј од Света Гора, протопрезвитерот Јован од Романија, презвитерот Наум од Австралија, презвитерот Илија од Радовиш, презвитерот Павел од Охрид, јероѓаконот Хризостом од Света Гора и протоѓаконот Николче од Охрид.
Со своето молитвено присуство на светата Литургија, Бигорската обител ја почести и удостои и Неговото превосходство, цивилниот управител на Светата Гора Атонска, г. Алкивијадис Стефанис, архонт на Светата Христова Велика Црква и на Александриската Патријаршија.
Посебна радост на денешната богослужба беше и молитвеното присуство на една благословена група верници од Албанија, која, заедно со гостите од Света Гора, Грција, Романија и Србија, го збогати празничното торжество со уште еден светол белег на братска соборност.
На крајот од богослужбата, со пригодно празнично слово се обрати Неговото високопреосвештенство митрополитот Дебарско-кичевски г. Георгиј. Во своето вдахновено слово, митрополитот Георгиј им се заблагодари на сите: на Неговото преосвештенство епископот Партениј, и на гостите што дојдоа од разни краишта на светот за заедно, во соборно торжество, да го прославиме овој голем ден. Заблагодари и на псалтите за нивните прекрасни пеења, а потоа ги покани сите заедно, по молитвите на свети Јован, да се помолат: Господ да ни ја даде трпеливоста на света Елисавета, послушноста на свети Захарија и смелоста на свети Јован, та по неговите молитви да можеме да одиме по патот на покајанието, кое тој непрестајно, до последниот ден, го проповедаше, кон Царството Небесно. И им посака честит ден и многу години на сите.
Нашиот сакан старец, пак, епископот г. Партениј, од свое име им се заблагодари на сите почитувани гости, и по повод манастирската слава, како и по повод годишнината од митрополитската служба, на митрополитот г. Георгиј му подари уникатен манастирски архиерејски енколпион, со претстава на Царицата Богородица на царски престол, а лево и десно од неа, во молитва, стојат свети Јован Крстител и свети Јован Дебранин, првиот ктитор на нашата света обител. Воедно, Старецот ги искажа своите молитвени благопожелби за добро здравје на почитуваниот Митрополит, и за продолжение на добрата меѓусебна соработка, просејќи ги неговите молитви.
Со своето небесно пеење, членовите на романскиот хор по византиско пеење „Нектариј Протопсалт“ од Букурешт, освен синоќешното бдение, ја разубавија и денешната света Литургија.
Во пладневните часови, пак, на свети Јован дојде да му оддаде чест и Неговото високопреосвештенство митрополитот на Тамасос од Кипарската Архиепископија г. Исаија, заедно со група од шеесетина поклоници од Кипар. Ценетиот гостин беше срдечно пречекан од нашиот Старец и од братството, во дух на братска љубов и црковна радост.
Множества народ. Голема радост. Радост силна и длабока, светла и соборна; радост што се читаше на лицата, се слушаше во молитвите и се прелеваше во секое славословие. Радост каква што ја имаа некогаш соседите и роднините на Елисавета, кога чуја дека Господ ѝ ја возвеличил Својата милост, та дојдоа да се радуваат заедно со неа. И како што тогаш една куќа се исполни со чудење и благодарење заради раѓањето на Претечата, така и сега целата обител, заедно со народот Божји, стана еден дом на радоста, едно срце што благодарно Го славеше Бога за Неговиот голем угодник.
Оти, празникот на свети Јован Крстител за нас има една длабока духовна смисла. Свети Јован е пријателот на Женихот, оној кој не ја задржува славата за себе, туку ја покажува: „Еве Го Јагнето Божјо“. Тој е човекот на пустината, но и човекот на најдлабоката црковна полнота. Тој е молкот што станува глас, постот што станува радост, смирението што станува сведоштво, строгоста што станува љубов. Тој не го привлекува народот кон себе, туку кон Христа. Затоа денес ние чувствуваме дека свети Јован повторно нѐ учи: Црквата живее кога сведочи; монаштвото живее кога гори; пастирството живее кога станува жртва; архиерејството живее кога е икона на Христовото смирено служење. И токму таквото сведоштво ни е потребно во нашево време, време на многу зборови, но малку тишина; многу информации, но малку мудрост; многу конекции, но малку заедница; многу надворешност, но малку внатрешен човек.
Затоа, душо моја, и ти радувај се денес. Зашто ако Претечата уште од утробата препозна радост и заигра, колку повеќе ти, што го имаш и крштението, и гласот на Женикот, и Неговата трпеза? Поклони ѝ се на оваа света слава, прифати го благословот на собраните пастири, и научи се од Претечата на единственото нешто што спасува: Он да расте, а ние да се смалуваме, за да Му се воздаде слава на Отецот и Синот и Светиот Дух, сега и секогаш и во вековите на вековите.
Амин.
Благодарение на пожртвуваниот тим од „2С Студио“, сеноќното бдение беше пренесувано во живо на официјалниот YouTube-канал и Facebook-профил на Бигорскиот манастир, за што им изразуваме искрена благодарност. Со благодарност ги спомнуваме и Александар Пауновски, Јани Патче и Јован Ангелески, кои со љубов, труд и професионална грижа се погрижија ова духовно торжество да остане забележано во убави и достоинствени визуелни сведоштва.































