На карпата на апостолското исповедание

Слово на Неговото преосвештенство епископ Антаниски г. Партениј, изговорено по читањето на светото Евангелие на Божествената Литургија, на споменот на светите првоврховни апостоли Петар и Павле, на 29 јуни / 12 јули 2026 лето Господово


По целата земја излезе возгласјето нивно и до краиштата на вселената изреченијата нивни.[1]

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Возљубени мои во Христа,

Денес светата Црква свечено ги прославува своите првенци меѓу апостолите – светите славни, сефални и првоврховни Петар и Павле, тие два непоколебливи столба, тие живи темели врз коишто Господ ја соѕида Црквата Своја. Тоа се тие сесветли мажи коишто Спасителот Сам ги избра да ја проповедаат Неговата света и спасоносна наука по целата вселена.

Од светото Евангелие, коешто секогаш се чита на нивниот празник,[2] чувме како благиот Господ, општејќи со Своите ученици и поучувајќи ги на Божествената наука за спасението, посака и самите тие да исповедаат Кого препознаваат во Него. И доаѓајќи во пределите на Кесарија Филипова, ги запраша: За кого Ме сметаат луѓето Мене, Синот Човечки? А тие одговорија: Едни за Јована Крстителот, други за Илија, а трети за Јеремија или за некој од пророците. Тогаш Он, свртувајќи го прашањето право кон срцето на нивната вера, им рече: А вие за кого Ме сметате? И Симон Петар, распален од благодатта, извика: Ти си Христос, Синот на живиот Бог!

И што му одговори Господ? Блажен си ти, Симоне, сине Јонин, зашто не ти го открија тоа тело и крв, туку Мојот Отец, Кој е на небесата. Не од човечко мудрување произлезе тоа исповедание, мили мои, ниту од плот и крв, туку одозгора. Тоа им беше откриено од страна на Бог Отецот. А ова небесно откровение никому не му се дава, освен преку Светиот Дух, зашто, како што вели апостолот, никој не може да рече дека Исус е Господ, освен преку Светиот Дух.[3] Ете ја, значи, целата Света Троица во ова кратко и светло исповедание: Отецот открива, Синот бива исповедан, Духот дарува.

И затоа Господ го нарече Симона Петар, односно карпа: А Јас тебе ти велам: ти си Петар и на тој камен ќе ја изградам црквата Своја, и вратите на пеколот нема да ја надвладеат.Но внимавајте добро, возљубени: не врз кревката човечка природа на еден рибар ја соѕида Господ Црквата Своја, туку врз карпата на неговото исповедание – врз таа вера и врз тоа исповедание на светите апостоли.[4] Таа вера ѝ е темел на Црквата; таа вера требаше апостолите да ја понесат по целиот свет, проповедајќи го сето она што го видоа и што им се откри од воплотеното Слово Божјо.

Оти тие беа сведоци: сведоци на Неговите безбројни чудеса, сведоци на Неговото крајно смирение на Крстот, сведоци на Неговото славно Воскресение. Тие Го допреа Воскреснатиот со рацете свои и посведочија дека Он навистина воскресна; оти она што беше од почетокот, она што го чуја, што го видоа со очите свои… и што го допреа рацете нивни,[5] токму тоа и го проповедаа. И тргнаа по светот – но тргнаа без никаква поддршка од силните на овој свет. Оти Он им рече: Одете! Еве, Јас ве праќам како јагниња меѓу волци.[6]

И денес, во ова време на дехуманизација во коешто живееме, нивното слово пак останува највисоко. Нивната чудесна проповед и денес ги крши коските и на најсилните мудрувачи на овој свет. Оти токму таа проповед ја скрши гордоста на атињаните, ја скрши гордоста и на Римјаните во она време. Апостолите, без никаква сила и без никакви средства за притисок од овој свет, ги покорија и философите, и силниците, и царевите, и го придобија целиот свет за Христа.

Следствено, мили мои, нема почудесна ниту посилна вера од христијанската. Оти, ако испитаме историски, ќе видиме дека сите други верувања се ширеле на световен начин: со сила, со власт, со методи од овој свет. Единствено христијанската вера е чудесна и е над сѐ: нејзините проповедници, учениците на благиот и крајно смирен Господ беа кротки како јагниња, исти како Него. Се трудеа да бидат вистински Негови ученици. И иако и самите носеа човечки слабости, сепак благодатта на Словото Божјо ги држеше непоколебливи до крајот. А над сѐ, нивната огромна љубов кон Христа ги одржа, та вистината којашто ја проповедаа и заради којашто живееја, најпосле ја запечатија со сопствената крв, преселувајќи се во Царството Небесно.

Го знаеме и начинот на нивното погубување. Апостол Петар, во првиот век, во времето на гонењата на царот Нерон, во Рим беше распнат на крст. Кога Римјаните чуле дека тој е првиот ученик Христов и одлучиле да го распнат како неговиот Учител, тоа за Петар беше чест; но сметајќи се себеси недостоен да прими смрт еднаква со онаа на својот Господ, тој измоли да биде распнат со главата надолу.[7]

Големиот, пак, Апостол, наречен и „Апостол на народите“[8], свети Павле – оној од кого ги имаме преубавите посланија, тие неисцрпни извори на Црквата и на христијанскиот живот, тоа чудесно Божјо откровение – како римски граѓанин, во истиот тој град беше погубен со отсекување на главата.[9] И таму, во Рим, нивните свети мошти и нивните гробови станаа темели на Божјата Црква низ вековите.

Ете така, возљубени, имаме вера којашто е од Бога откриена, со Крвта Христова потврдена и со крвта на апостолите и мачениците запечатена. Да ги молиме, затоа, овие духовни великани, коишто до крајот на светот и додека траат вековите ќе останат единствени и неповторливи, како што е единствена и нашата спасоносна вера, чудесна до ден-денес – да се молат за нас, та и ние да ја имаме кон Христа нивната љубов, нивната вера и нивната ревност.

А мене недостојниот, и сите вас, дародавецот Бог, по молитвите на Своите првоврховни апостоли, нека нѐ утврди на карпата на вистинската вера и нека нѐ удостои со дел во нивното наследство. Амин.


[1] Пс. 18, 5.

[2] Евангелско зачало на празничната Литургија: Матеј 16, 13–19.

[3] 1 Кор. 12, 3

[4] Сп. св. Јован Златоуст, Беседи на Евангелието според свети Матеј, Беседа LIV – каде што вели дека Црквата се гради „врз верата на исповеданието“ (PG 58).

[5] Сп. 1 Јован. 1, 1.

[6] Лука 10, 3.

[7] За распнувањето на апостол Петар со главата надолу, на негова сопствена молба, сведочи Ориген (наведен кај Евсевиј Кесариски, Црковна историја, III, 1); за маченичката кончина на двајцата првоврховни Апостоли во Рим при владеењето на Нерон сп. и Прво послание на св. Климент Римски, 5.

[8] Сп. Рим. 11, 13 и Гал. 2, 7–8.

[9]Апостол Павле, како римски граѓанин (сп. Дела 22, 25–28), не бил распнат, туку погубен со меч; сп. Евсевиј Кесариски, Црковна историја II, 25.