Кога носијата станува сведоштво

Раскошната машка мијачка носија – од Галичник до Бигорски, од музејски документ до жива традиција

Постојат облеки што го покриваат телото, и постојат облеки што раскажуваат и пренесуваат пораки. Народната носија припаѓа на вторите. Во нејзиниот крој, во изборот на ткаенината, во бојата на гајтанот, во бројот на клиновите, во начинот на закопчување, па дури и во она што денес би ни изгледало како сосема мал украсен детаљ, една заедница оставала податоци за себе: од каде е, на која возраст е носителот, дали е младоженец, домаќин или човек со определена служба, дали е облечен за секојдневие, за свадба, за празник или за свечено излегување пред заедницата.

Токму затоа, кога денес во Бигорскиот Манастир ќе се појават момчињата во раскошната бело-црвено-црна мијачка облека, со долами, бечви, појаси и ќостеци, пред нас не стои произволна сценска костимографија. Уште помалку станува збор за обид да се имитира некаква туѓа воена формација. Пред нас е современо оживување на еден прецизно документиран костимски тип од Мијачијата – раскошната машка мијачка, односно галичка носија од Дебарскиот крај.

За тоа не сведочи само усното предание. Сведочи музејската документација.

Еден од најзначајните документи е монументалното издание „Македонски народни носии“, објавено во Скопје во 1963 година од тогашниот Етнолошки музеј. Материјалот го средила и избрала Вера Кличкова, која го напишала и воведниот текст, а објаснувањата кон носиите ги подготвиле Кличкова и кустосот Аница Петрушева. Уметничките табли се дела на Марија Малахова и Олга Бенсон. Изданието е тријазично – македонски, француски и англиски – и претставува систематски музејски обид не само визуелно да се претстават носиите, туку и да се забележат нивните називи, материјали, составни делови и кројни особености.

Меѓу нив, таблите XXVII, XXVIII и XXIX се особено значајни за нашиот случај. Насловот не остава простор за произволни толкувања: „Машка мијачка носија, село Галичник – Дебарско“ и „Детали од машка мијачка носија, село Галичник – Дебарско“. Покрај целосниот изглед на носијата, приложени се и кројни шеми. Тоа значи дека истражувачот не располага само со слика на човек облечен во носија, туку со своевидна техничка документација за самата облека.

Облека во која ништо не е случајно

Основата е кошулата, изработена од тенко домашно памучно платно. Врз неа се гради целиот костимски ансамбл. Таа е наједноставниот и најнепосредниот слој, но токму нејзината белина ја создава основата врз која подоцна ќе се развие карактеристичниот контраст меѓу белата клашна, темната чоја и црните декоративни линии.

Секојдневна (обична), машка мијачка носија, село Галичник – Дебарско – табла XXVII од изданието „Македонски народни носии“

Над кошулата се облекува џамаданот, односно минтанот. Во музејскиот опис тој е изработен од „свита“ – чоја, со рабови обработени со машински „тегели“ од жолт и црвен конец, додека предниците и ракавите се украсени со петлици и копчиња. Кај зетовскиот минтан декоративноста станува уште понагласена: облеката е поставена со бело платно, рабовите се внимателно истакнати, а предниците и ракавите се збогатени со копчиња. Тоа веќе не е само функционална облека, туку свечен предмет што го означува посебниот статус на младоженецот.

Долниот дел го сочинуваат прочуените бечви од бела клашна. Нивната силуета е една од најпрепознатливите одлики на машката галичка носија. Рабовите се нагласени со црни гајтани, а по страните се наоѓаат џебови. Музејската документација забележува и конструктивни отвори кај предниот дел што го олеснувале облекувањето. Кројните прилози покажуваат дека зад привидната едноставност стои мошне промислена конструкција: делови, клинови и споеви што овозможуваат облеката истовремено добро да прилега на телото и да му остава слобода на движењето.

Токму тука се гледа нешто што фотографијата често го крие. Народната носија не била „фолклорен костим“ во денешната смисла. Таа била високо развиен систем на кроење, со сопствено техничко знаење, терминологија и специјализирани мајстори.

Бечвите се стегаат со појас, исткаен од вишново обоена чиста волна, во повеќеслојна ткаенина и со правилно распоредени шарки. Кај свечените варијанти појасот добива посложена игра на црвени, бели и потемни полиња и завршува со реси. Тој не служи само за практично собирање на облеката околу половината. Во композицијата на носијата појасот е нејзиниот визуелен центар – црвен акцент меѓу белата основа и темните горни облеки.

Детали од празнична машка мијачка носија, село Галичник – Дебарско – табла XXVIII од изданието „Македонски народни носии“

Над минтанот се појавува и „зобанчето зетовско“, изработено од темна или црна клашна. Кусо е, до половината, со куси ракави и со мошне широка јака – „ќулавка“ – која, според музејскиот запис, можела да послужи како заштита на главата при дожд, ветер или друга непогода. Во него функционалното и декоративното не се судираат. Напротив, токму тоа е една од големите одлики на традиционалната облека: убавината произлегува од конструкцијата и од употребата.

На главата секојдневно се носело ќече – пониска црна сатенска капа, декоративно простегана со машински бодови. Во деталната табла е забележан и орнаментот „ѕвезда“ на горниот дел. Тунофесот, пак, бил особено свечена капа: црвена, односно црвено обоена, со долг син свилен пискул, носена во посебни пригоди и церемонии. Иако во музејските белешки неговата употреба често се врзува со времето до Првата светска војна, тоа не треба да се разбере како нагол и конечен прекин. Таквиот начин на облекување се забележувал и подоцна, особено во посвечени или традиционално обележани пригоди; но со постепеното навлегување на новата европска мода, особено во првата половина на XX век, носењето на ваквите капи и на целокупната традиционална машка носија почнало сè повеќе да опаѓа.

На нозете биле црни волнени чорапи – „ластиклии“, а обувката можела да биде од различен тип: црни кожени чипили, но и сејменски опинци со ремени, изработени од говедска кожа.

Самите тие варијации се важни. Не постоела една „замрзната“ мијачка носија што сите мажи ја носеле идентично и во секоја прилика. Како и секој жив систем на облекување, таа се менувала според возраста, статусот, пригодата, имотната состојба и функцијата на носителот.

Древна мијачка носија во Бигорски

Доламата – свеченоста претворена во крој

Ако еден предмет треба да ја покаже монументалноста на машката мијачка носија, тоа несомнено е доламата.

Во табла XXIX е претставена бела долама – долга горна облека со ракави, која се спушта до под колената. Нејзиниот долен дел е широко развиен со повеќе клинови, поради што при движењето таа не паѓа безживотно, туку добива широка, достоинствена силуета.

Рабовите се следени со темни гајтани, додека по предниците и ракавите се распоредуваат декоративни мотиви, петлици и други терзиски украси. Во музејскиот опис таа е определена како посебна зетовска облека, наменета за свадбени и големи свечени пригоди.

Детали од празнична машка мијачка носија, село Галичник – Дебарско – табла XXIX од изданието „Македонски народни носии“

Токму доламата е одличен пример зошто народната носија мора да се чита како целина. Одделно земена, бела долга облека со гајтани може да има паралели на повеќе места на Балканот. Но кога ќе се постави во системот кошула – минтан – бечви – мијачки појас – долама – капа – специфичен накит, кога ќе се поврзе со локалните називи, музејските примероци, Галичник како провениенција и со прецизниот крој, тогаш етнографската идентификација станува недвосмислена.

Ќостекот – украс, статус и знак

Особено место во машкото украсување има ќостекот, во локалната терминологија познат и како топкалија. Табла XXIX од изданието од 1963 година експлицитно прикажува сребрен ќостек како градна декорација, изработена од кујунџија. Станува збор за цивилен ќостек што го носел обичното население.

Цивилен ќостек – топкалија

Тој е мал предмет во споредба со доламата или бечвите, но неговата симболичка тежина е голема. Металниот накит на градите веднаш внесува свеченост, имотен престиж и достоинство. Тој му дава завршен акцент на машкиот изглед, токму на она место каде што погледот природно се задржува.

Но во Бигорски постоел и еден посебен вид ќостек, тесно поврзан не само со свечената носија, туку и со една сосема определена историска служба.

Тоа е сејменскиот/сердарски крстест ќостек. Таква појава забележуваме и кај другу помоќни манастирски центри, како, на пример, во Рилскиот манастир.

Сејмените/сердарите – вооружените чувари на Бигорската светиња

Приказната за машката мијачка носија во Бигорски не може целосно да се разбере без нејзиниот особен сејменски контекст.

Сејмените, т. е. сердарите, не биле декоративна придружба на Манастирот, ниту некаква фолклорна гарда во денешната смисла на зборот. Тие биле вистински манастирски чувари, луѓе со определена и одговорна служба, задолжени за безбедноста на Обителта, братството, поклониците и манастирскиот имот, како и за заштита од разбојничките дружини што во несигурните времиња претставувале реална опасност за изолираните планински манастири.

Сејменската кула (прва зграда, лево) – архивска фотографија

За нивното историско присуство во Бигорски сведочи и самата архитектура на комплексот – Сејменската кула, чие име ја чува меморијата за некогашните манастирски чувари. Бигорското предание и современите манастирски извори изречно ја поврзуваат сејменската служба со заштитата на Обителта.

Ѓурчин Илиов Кокалески (1775-1863)

За правилно да се разбере колку била особенa таа положба, треба да се има предвид и правниот и општествениот амбиент на Отоманската Империја. Во различни периоди на османлиското владеење немуслиманското население било подложно на значајни ограничувања во однос на носењето оружје. Практиката, секако, не била идентична во секој век и во секоја област, а постоеле и службени исклучоци. Токму луѓето на кои им била доверена определена заштитничка, полициска, стражарска или воено-помошна функција можеле, со дозвола или по силата на својата служба, да бидат вооружени. Добро познати се и христијански каваси, кои токму како овластени чувари можеле да носат оружје, иако за обичните немуслимани тоа било ограничено.

Затоа вооружениот сејмен не бил обичен човек што самоволно носел оружје. Оружјето било дел од неговата служба.

Таквата практика не била непозната ни кај другите големи православни манастири на Балканот. Рилскиот манастир, на пример, располагал со свои манастирски пандури – вооружени чувари задолжени за неговата заштита. Станува збор за една поширока балканска појава: големите, имотни и често оддалечени духовни центри, изложени на напади и разбојништво, во определени околности организирале сопствена стража.

Униформа на пандур со украс на градите – препознатлив знак на пандурите (пазачите) на Рилскиот манастир.

Истата животна потреба ја објаснува и сејменската служба во Бигорски.

За сејменската, односно сердарската, традиција во мијачкиот крај сведочи и добро познатото творештво на Григор Прличев. Неговата поема „Сердарот“, изворно објавена на грчки како Ο Αρματωλός („О Арматолос“), го опева Кузман како заштитник на населението во галичко-реканскиот простор. И самиот наслов ја чува смислата на вооружен чувар: зборот αρματολός е поврзан со латинското arma („оружје“, „воена опрема“), навлезено во средновековниот грчки јазик како ἄρμα, најчесто во множинската форма ἄρματα („оружја“). Од овој корен се образувала сложенката αρματολόγος – „човек што се занимава со оружје“, односно „вооружено лице“ – која низ говорна и фонетска редукција се развила преку формата αρματολόος до конечниот облик αρματολός. Така, македонскиот наслов „Сердарот“ не е само книжевна ознака, туку и јазично сведоштво за ликот на вооружениот предводник и заштитник.

Не се работело за приватна вооружена дружина, ниту за чета со политичка или востаничка функција. Сејмените/сердарите  биле чувари на светињата. Нивната задача била одбранбена: да го заштитат манастирот и луѓето што престојувале во него.

Сејменскиот/сердарски крстест ќостек – знак на чест и служба

Токму во овој контекст треба да се чита и посебниот сејменски ќостек.

Ако обичниот сребрен ќостек – топкалија – бил дел од раскошното машко мијачко украсување, сејменскиот крстест ќостек добивал дополнително значење: тој бил знак на службата и достоинството на манастирскиот чувар.

Во бигорската традиција станува збор за мошне раскошно изработен метален накит, со вкрестени четири синџири, со посебно обликувани запетлувалки во вид на лавови и со ликот на Свети Јован Крстител, Чесниот Претеча – патронот и небесниот покровител на Бигорската обител.

Тој лик не е случаен декоративен мотив.

Сердарски крстест ќостек, што имале право да го носат само сејмените на Бигорскиот манастир како посебен сталеж. За разлика од нив, цивилите носеле обичен, топчест ќостек – топкајлија.

Сејменот го носел на градите образот на Светителот чиј манастир го чувал.

Со тоа ќостекот добивал речиси хералдичка функција. Тој веќе не бил само накит што покажува материјална состојба или свечен статус, туку и визуелен знак на припадност: кому му служи чуварот, која светиња ја брани и под чие духовно покровителство ја извршува својата задача.

Токму поради тоа овој посебен сејменски крстест ќостек во бигорската традиција не бил општ украс што можел произволно да го носи секој, туку обележје поврзано со самата сејменска служба. Него не можеле да го носат обичните цивили.

И во современата возобнова таа симболика е задржана. При свечените настапи на Бигорската сејменска гарда, капетаните, т. е. сердарите, носат ќостек со ликот на свети Јован Крстител, а тоа е повеќепати забележано и во описите на традиционалната Струшка Еордија.

Учество на бигорската сејменска гарда на традиционалната Струшка Еордија.

Гуната – зимската облека на манастирскиот чувар

Но сејменот не стоел пред манастирската порта само на празник, ниту само во убаво време.

Бигорски се наоѓа во суров планински предел, со некогаш долги зими, дождови, силни ветрови и снег. Чуварите морале да ја извршуваат својата служба во сите годишни времиња. Затоа зимската сејменска опрема ја дополнувала и гуната – тешка надворешна наметка од козји влакна, со капуљача.

Гуната – зимската облека на манастирскиот чувар

Кај неа функцијата го диктира материјалот. Густите козји влакна создаваат тешка и отпорна површина што го штити телото од влага, студ и ветер. Навлечена врз повеќеслојната носија, со капуљачата преку главата, гуната го претвора сејменот во она што тој навистина бил: човек подготвен да помине долги часови надвор, на стража, во услови во кои свечената убавина на носијата морала да ѝ отстапи место и на чистата практичност.

И токму тука се открива уште една важна страна на народната носија. Таа не е создадена само за да биде убава. Таа е производ на географијата, климата, занимањето и начинот на живот.

Од музејски предмет до повторно облечена традиција

Особено драгоцено е што ова наследство не останало затворено меѓу кориците на старите етнолошки изданија или во музејските депоа.

Пред околу една деценија, по иницијатива и со непосредно залагање на Старецот и игумен на Бигорската обител, Неговото преосвештенство епископот Антаниски г. Партениј, започна трудот за сериозно возобновување на раскошната машка мијачка носија и на почесната сејменска гарда.

Фамилија од Лазарополе

Не станува збор за тоа некој да погледне стара фотографија и слободно да „направи нешто слично“. Беа истражувани зачуваните примероци во Етнолошкиот музеј на Македонија, беа консултирани познавачи на народната носија и луѓе од фолклорната практика, а од оригиналните примероци беа земани кројните и декоративните параметри. Во Музејот беше сочувана комплетна мијачка, сејменска носија и, со претходна официјална дозвола, беа проучени нејзината кројка и плетот; во процесот помогна и познавач од Ансамблот „Македонија“, а посебен предизвик беше да се најдат мајстори што сè уште ги владеат старите техники на везење и изработка. За ваквата истражувачка работа при возобновувањето на мијачката гарда сведочат и објавените бигорски извори.

Тоа е важна разлика.

Ансамблот „Македонија“ облечен во мијачка носија по повод илјадагодишната прослава на Бигорскиот манастир

Реконструкцијата не е маскенбал.

Добрата етнолошка реконструкција не го измислува минатото. Таа го чита. Го мери. Го споредува. Го проверува материјалот, го следи кројот, бара стар термин, разговара со кустос, гледа како бил изведен бодот, каде поминувал гајтанот и зошто еден клин стои токму таму каде што стои.

Затоа обновената бигорска мијачка носија е интересна токму како пример за враќање на музејски документираното наследство во живиот културен простор.

А што е со „сличноста со андартска облека“?

Одговорот на ова прашање, всушност, е многу поинтересен од самата полемика.

Балканот никогаш не бил составен од херметички затворени етнографски острови.

Со векови низ исти пазари минувале ткаенини; во истите градски центри работеле терзии, абаџии, кујунџии и чевлари; луѓето патувале, печалеле, тргувале, се селеле. Османлискиот културен простор создал широка костимска лексика. Називи и облици како минтан, долама, џамадан, фес, различни видови гајтанска декорација и кроеви со клинови се среќаваат во повеќе области и кај повеќе балкански народи.

Тоа е нормално.

Типична андартска носија

Исто како што присуството на сако, елек и шешир во повеќе европски земји во XIX век не значи дека сите тие луѓе припаѓале на една иста етничка група, така ни една бела горна облека, темен елек или фес не може сам по себе да биде етничка легитимација.

Етнологијата не ја определува припадноста на една носија според тоа на што му наликува оддалеку.

Таа прашува: од каде потекнува предметот? Кој го носел? Како го нарекувал? Во која прилика? Кој го изработувал? Каква е неговата конструкција? Со кои други делови се комбинирал? Што кажува теренскиот запис? Што стои во музејската инвентарна книга?

А кога ќе ги поставиме тие прашања за носијата што е предмет на оваа возобнова, одговорот е сосема конкретен:

Галичник – Дебарско; машка мијачка носија.

Така е заведена во етнолошката документација.

Така е насловена во изданието на Етнолошкиот музеј од 1963 година – не во некоја денешна квазипатриотска публикација, туку во музејско издание подготвено пред повеќе од шест децении за научно и меѓународно претставување на македонските народни носии.

Галичка свадба пред Втората светска војна

Затоа присуството на определени типолошки сличности со облеката што во други историски околности ја носеле луѓе во Епир, Тесалија, Албанија или на други места на Балканот не претставува никаков проблем за мијачката атрибуција. Напротив, тие сличности се очекувани и научно интересни. Тие зборуваат за интерференција, за комуникација, за патишта на занаетчиството и трговијата, за заемни влијанија меѓу соседни култури.

Но влијанието не е исто што и идентитетот.

Сличноста не е исто што и потеклото.

И костимската паралела не може да ја поништи провениенцијата.

Доламата не е фустанела

Во овој контекст треба да се расчисти и една мошне конкретна визуелна заблуда.

Она што во иконографијата на грчките вооружени групи од XIX и почетокот на XX век – вклучително и подоцнежните андартски формации – веднаш се препознава како фустанела, конструктивно е сосема различно од мијачката долама.

Фустанелата е посебен вид широка, силно набрана или плисирана облека на долниот дел од телото, со голем број вертикални набори. Етнолошката литература токму набирањето и плисирањето го третира како нејзина суштествена морфолошка особеност.

Мијачката долама, напротив, не е здолниште.

Таа е долга горна облека со ракави, скроена од бела клашна, отворена на предната страна и проширена во долниот дел со конструктивни клинови. Се облекува над другите составни делови на носијата и целосно ја следи логиката на капутеста, ракавна горна облека.

Мијаци облечени во мијачка носија каде што јасно е прикажана мијачката долама

Тоа не е ситна разлика во декорацијата.

Тоа е различна конструктивна категорија.

Кај фустанелата впечатливата широчина се добива со многубројни набори околу половината. Кај галичката долама нејзината монументална силуета ја создаваат кројните клинови вметнати во долниот дел на долгата ракавна облека.

Изглед на мијачката носија денес

Двете конструкции можат од далечина, особено во движење и поради употребата на бел материјал, да создадат впечаток на определена визуелна сродност. Но доволно е да се погледне кројот за забуната веднаш да исчезне.

Токму затоа кројните прилози во изданието од 1963 година се толку значајни. Тие не ни оставаат простор да проценуваме според впечаток. Тие ја покажуваат конструкцијата.

А конструкцијата е јасна: тоа е долама од машката мијачка носија од Галичник.

Оттука, вооружен човек со бела долама, бечви, појас, минтан и ќостек не станува „андарт“ затоа што на современиот набљудувач некој негов елемент му наликува на општата балканска воинска иконографија.

Тој треба да биде прочитан во сопствениот историски контекст.

А тој контекст во Бигорски има свое име:

мијачки сејмен – чувар на Манастирот.

Мијачки сејмен – чувар на Манастирот

Кога момчињата повторно ќе ги облечат доламите

И можеби токму тука се наоѓа најголемата вредност на оваа возобнова.

Носијата во музејот е сочуван предмет. Носијата облечена на човек повторно станува движење.

Доламата повторно се отвора при чекорот. Бечвите повторно ја добиваат својата вистинска силуета. Појасот повторно лежи на половината, а не во витрина. Ќостекот повторно блеснува на градите. Гуната повторно ја добива својата смисла како заштита од студот. Она што етнологот го гледал како инвентарен број повторно станува дел од една човечка фигура.

Така традицијата не се „измислува“ повторно. Таа се враќа од архивот во животот.

И кога денес пред Бигорски ќе застанат сејмените во своите раскошни носии, најмалку што гледаме е некаква претстава на војничка чета. Она што навистина стои пред нас е многу подлабоко: современа церемонијална возобнова на документирана мијачка костимска традиција и на историската меморија за манастирските чувари, неразделно поврзани со Бигорски, Галичник и Мијачијата – со културниот простор во кој Манастирот со векови бил едно од неговите главни духовни средишта.

Некогаш тие луѓе стоеле на манастирската порта со оружје затоа што времињата го барале тоа. Не за освојување, туку за заштита. Не како чета што тргнува кон туѓ простор, туку како стража што останува покрај својата светиња.

На градите го носеле знакот на својата служба.

Пред себе ја имале манастирската порта.

А зад себе – светињата што им била доверена да ја чуваат.

Зашто носијата, кога е вистински прочитана, не е само облека.

Таа е документ.

А понекогаш – документ напишан не со мастило, туку со чоја, клашна, волнен конец, гајтан и сребро.