Слово на Неговото преосвештенство епископ Антаниски г. Партениј, игумен на Бигорската свештена обител, изговорено по повод празникот Собор на светиот архангел Гавриил, на Божествената Литургија во Долнодримколскиот манастир, на 13/26 јули 2026 лето Господово
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Чесни отци и возљубени браќа, сестри и чеда,
По милоста Божја и со благословот на светиот архангел Гавриил, денес се собравме на ова чудесно и свето место, кое до пред само две години, беше речиси сосема заборавено со децении наназад. Имено, ова е веќе трета година откако се отвори патот што нè води овде. Иако до манастирот сè уште не се стигнува со онаа леснотија на која сме навикнати ние, современите луѓе, сепак, со малку труд и трпение, патот се поминува. Се надеваме дека до крајот на овој или почетокот на идниот месец ќе започне и неговото асфалтирање, па, со Господ напред, да сме живи и здрави, идната година многу полесно ќе можеме да доаѓаме во овој свештен манастир.
Сепак, и трудот што го вложивме за да стасаме до овде не е без значење. Тој нè потсетува дека до секое вистинско добро во животот се доаѓа со подвиг, со трпение и со вера. Бог секогаш прв ни ја отвора вратата на Својата милост, но од нас очекува да направиме чекор кон Него, да го принесеме она малку што го имаме – нашата волја, нашиот труд, нашата молитва и благодарност. Токму на тоа нè поучува и денешното свето Евангелие, преку чудото што Господ го сотвори со петте лебови и двете риби: дека малото, кога е принесено со вера во Неговите раце, станува изобилство за сите.[1]

За Бог, Творецот на целиот универзум, апсолутно сè е возможно. Он го постави човекот, венецот на Своето создание, како цар на творението, и давајќи му ја драгоцената слобода на волјата, посака човекот да не биде само примач на Неговите добра, ами и соучесник во сопственото спасение и најпосле – во обожението. Во денешното евангелско четиво гледаме дека Бог твори чудо не поради потреба од докажување на Сопствената семоќ – зашто Нему ништо не Му недостига – туку поради потребата на оние коишто Го бараат со вера, како и поради потребата за соучество на човекот. Луѓето што тргнале по Христа кон пустото место не се надевале дека таму некој ќе ги нахрани телесно; тргнале заборавајќи на сè, барајќи ја духовната храна на Неговите зборови на живот. Местото било оддалечено од населените места, а сепак народот сакал да Го слуша, насладувајќи се од Неговите поуки. И потполно внесени во убавината и длабочината на Неговите слова, заборавиле дека времето поодминува и дека патот до дома е далечен. И кога дошол часот да се разотидат, а сите биле веќе гладни, учениците доаѓаат при Христа и Му велат: Местово е пусто и времето е веќе поодминато; распушти ги мноштвата да отидат по селата за да си купат храна. А Он им одговори едноставно: Нема потреба да одат; дајте им вие да јадат! Учениците пак Му рекоа: Тука немаме ништо, освен само пет леба и две риби.[2] И Господ рече: „Доста е“ – зашто Семоќниот може да го умножи и малото, кога има потреба, како што и од ништо создал сѐ.
Бог е секогаш со нас и никогаш не нѐ остава. Потребно е само да имаме доверба во Неговата љубов и промисла. И во часот кога ние ќе помислиме дека сме веќе оставени, дека сме притеснети до ѕидот, дека сме го допреле дното на нашиот живот, Он ќе дојде и ќе ни помогне, само доколку имаме вера и подготвеност за содејство од наша страна. Затоа Господ не ги нахрани мноштвата народ непосредно, туку благословените лебови и риби им ги даде на учениците, а тие – на народот, покажувајќи дека и во Божјото чудо човекот е повикан да стане соработник на благодатта. Токму затоа и им рече: Дајте им вие да јадат! – за да ни покаже дека и најскромниот човечки принос, кога е соединет со вера и послушание, може да стане орудие на Божјата милост и благослов.
И токму таквото содејство меѓу Божјата благодат и човечкиот труд го гледаме и во ова свето место: Бог ја отвора вратата на Својата милост, но очекува и ние да тргнеме, да се потрудиме, да дојдеме и да Му принесеме благодарност. Така и денес, овде се искачивме со труд, за да му оддадеме чест и слава на светиот архангел Гавриил, во денот на неговиот Собор, на ова негово свето место, толку долго заборавено. И ете, по Божјо чудо, кога сите можеби мислеа дека историјата на ова место е засекогаш затворена, пред две години, со голем труд, го отворивме патот и дојдовме овде да ја отслужиме првата света Литургија во чест на великиот Благовесник, којшто низ целата свештена историја многупати доаѓал на земјата и на луѓето им ги обзнанувал тајните и волјата Божји.

Светото предание на Црквата го именува архангелот Гавриил не само како Благовесник на Спасителовото зачнување, туку и како учесник во целото домостроителство на нашето спасение: тој му се јавил на пророкот Даниил, откривајќи му ги идните искушенија на избраниот народ;[3] тој му се јавил на свештеникот Захарија, известувајќи го за раѓањето на Претечата и Крстител Господов свети Јован;[4] тој ѝ се јавил и на Пресвета Богородица, соопштувајќи ѝ ја радосната вест за зачнувањето на Спасителот[5] – тој самиот за себе засведочи дека стои пред лицето Божјо.[6]
А светото Предание ни кажува дека токму тој бил оној кој на пророкот Мојсеј му ги открил тајните на создавањето на светот „од самиот негов почеток“, вдахнувајќи го во пустината да ја напише светата книга Битие. Не живеел тогаш Мојсеј со своите сонародници, та да ги слушне старите преданија на својот народ: откако морал да го напушти Египет, тој отишол сам, далеку од своите, и го чувал стадото на својот тест Јотор.[7] И таму, во тишината на пустината, во созерцанието на срцето, во таинството на молитвата и на стоењето пред Творецот, преку виденијата со кои Бог го подготвувал за неговото идно пратеништво, овој голем архангел Божји му ги открил на слугата Божји почетоците на светот. А во посебно, друго Божествено видение, Самиот Бог му се јавил и му рекол дека треба да го избави Израил од ропството.[8]
Некои преданија додаваат дека Архангелот му ги открил на Мојсеја и основите на броевите, мерите, математиката, аритметиката и геометријата. Затоа пророкот Мојсеј, кој важи за најголемиот законодавец во Стариот завет, ни сведочи дека секое вистинско знаење, кога е насочено кон доброто, својот извор го има во Бога. Денес мнозина мислат дека науката и верата се спротивставени една на друга, но тоа е крајно погрешно. Сè што служи за добро на човекот Бог го дарува и им го открива на луѓето. Затоа е многу важно сето она што ни е дадено за наше добро – и науката, и технологијата, и секое корисно знаење – да го употребуваме во слава Божја и за доброто на нашиот ближен.

Така нè поучува Бог; така нè учат и Неговите слуги ангелите, кои, иако создадени пред нас, сепак, според зборовите на апостол Павле, не се ли сите тие службени духови, испратени да им служат на оние, кои ќе го наследат спасението?[9] Гледате какво достоинство Бог му дарувал на човекот и колку го засакал Своето создание, повикано слободно да Му одговори на Неговата љубов. Ангелите, како духовни и разумни суштества, исто така биле создадени со слобода; но откако се определиле за Бога, останале непоколебливо утврдени во доброто и во светлината на Неговата волја.[10] Ние, пак, додека живееме во овој век, секојдневно сме повикувани слободно да избираме по кој пат ќе тргнеме: дали ќе се свртиме кон злото, или ќе го твориме благословеното добро. Во тој подвиг ангелите не се далечни набљудувачи, туку наши помошници и служители на Божјата промисла. Дури секој човек има свој ангел пазител, кој во секој час нè пази и ни помага, оти, како што е речено, на ангелите Свои ќе им заповеда за тебе, да те сочуваат на сите патишта твои.[11]
Возљубени, ви благодарам што денеска во толкав број дојдовте на ова свето место. Некои од вас дојдоа пеш, а и јас поминав извесно растојание така; други, пак, пристигнаа со голем труд. И тоа е благословено, зашто свето дело е човек да направи подвиг заради Бога. Некогаш луѓето намерно оделе пеш до светињите, сметајќи дека, ако немаат ништо друго да Му принесат на Господа, барем со својот телесен труд, со молитва и смирение, ќе Му оддадат слава. Ви благодарам на сите што дојдовте од сите краишта на нашата Македонија!
А сега, по застапништвото на светиот архангел Гавриил, великиот Божји благовесник, и на сите небесни бестелесни Сили, молејќи се со нив заедно, да ја довршиме, во мир, молитва и благодарност, светата Божествена Литургија. За многу години!
[1] Матеј 14:15-21; сп. Марко 6:35-44 и Лука 9:10-17.
[2] Матеј 14:15-17.
[3] Дан. 8:16; 9:21.
[4] Лука 1:11-20.
[5] Исто, 26-38.
[6] Исто, 19.
[7] Исход 2:15; 3:1.
[8] Исто 3:1-10.
[9] Евр. 1:14.
[10] Свети Јован Дамаскин, Точно изложение на православната вера, кн. II, гл. 3, „За ангелите“ (PG 94, кол. 865–873). Светиот Дамаскин учи дека ангелската природа, разумна и слободна по создание, откако еднаш го извршила својот избор помеѓу доброто и злото, останува неподвижна во него, зашто ангелите, бидејќи бестелесни, не ја трпат телесната слабост преку која на човекот му е овозможено покајание и промена.
[11] Псалм 90:11.











