Ревност што не старее

Беседа на Неговото преосвештенство епископ Антаниски г. Партениј, игумен на Бигорската свештена обител, изречена по повод празникот на светиот пророк Илија и на светите Пречистански преподобномаченици Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј, по читањето на светото Евангелие, на Божествената Евхаристија во храмот на светиот великомаченик Георгиј Победоносец во с. Лазарополе, на 20 јули / 2 август 2026 лето Господово


Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Сечесни отци,

Браќа, сестри и чеда мои возљубени,

Му благодариме на Великиот Бог што и оваа година нè удостои да се собереме во овој свет и славен храм, изграден од нашите богопредани предци, за да Му оддадеме слава и чест на Седржителот и на Неговиот пророк, свети Илија – огноносен пророк којшто живеел во IX век пред Христа, во времето на израелскиот цар Ахав. Тој е пророк од Стариот завет, еден од најголемите пророци, а истовремено многу славен и во Новиот: имено, не само што се јавил на гората Тавор заедно со Мојсеј во часот на Преображението Господово[1], туку се очекува, според пророштвото Малахиево, да дојде и пред второто и славно пришествие на Господа.[2] Затоа слободно можеме да кажеме дека тој, помеѓу православниот народ, е најславен од старозаветните пророци.

Времето во коешто живеел свети Илија многу наликува на времето во коешто денес живееме ние, христијаните. Народот којшто некогаш верувал во вистинскиот Бог, Израил, се беше оддалечил од преданијата на своите предци во вистинската вера и почнал да им се клања на други богови, затоа што така било „модерно“. Мнозинство биле отпадниците; многумина биле оние коишто не верувале во богооткриената вера. Дури и оние коишто ја знаеле вистината, сепак се одлучувале да тргнат по мнозинството, наместо со малцинството коешто ја чувало. Онака како што и ние толку пати правиме – некогаш се срамиме да бидеме малцинство, иако многупати токму малцинството е тоа коешто ја исповеда и ја чува вистината. Сепак, нам ни е полесно да тргнеме по множествата по толпата, отколку да останеме, макар и сами, во вистината.

Такво било отпадништвото и во времето на свети Илија: разврат и блуд на сите страни. Дури и меѓу Израил во тоа време постоел култот на божицата Иштар[3], според кој биле почитувани блудот и развратот; слични биле, впрочем, сите народи коишто отпаднале од вистината уште пред Христа. Затоа Бог ги подигал пророците, како свети Илија, за да го подготват човештвото за доаѓањето на новото време – времето кога Самиот Бог ќе слезе од небото, ќе се воплоти од Пречистата Дева Марија и ќе стане како еден од нас, луѓето, за да го спаси светот и да даде нов, благодатен закон. Затоа и Светото Писмо се дели на два дела: Стариот завет, којшто Бог го склучи со луѓето коишто веруваа во Него – народот наречен Израил – и Новиот завет, склучен преку Синот Божји со целиот свет.

Свети пророк Илија бил дел од тоа малцинство коешто ја зачувало вистинската вера. Но не бил само обичен верник и следбеник на Господа; тој бил исполнет со ревност и сила Божја, којашто, гледате, низ вековите никогаш не старее. Свети Илија останал низ целата историја пример за ревност и за љубов кон Бога и кон вистината. И токму него Бог го избрал да го укори не само народот, туку и самата власт којашто застранила: имено, царот Ахав, оженет за Језавела, идолопоклоничка и незнабошка, почнал да ја слуша неа и во палатата да воведува идоли, измислени богови, привиденија демонски, што биле далеку од вистината. И народот, најпрво палатата, а потоа и целиот народ, почнал да се поклонува на тие лажни божества.

Свети Илија громогласно го укорил царот, а знаејќи Бог дека царот нема лесно да послуша, испратил знак: му рекол на свети Илија дека нема да испраќа дожд на земјата.[4] Според сведоштвото на апостол Јаков, сушата траела три години и шест месеци.[5] И така било, зашто Бог ги слуша Своите праведници и чудотвори преку нив со Својата благодат. Се случиле тогаш големи знаменија: најнапред сушата, а потоа чудото со жртвата на гората Кармил, кога оган слегол од небото и ја опалил жртвата на свети Илија пред очите на сиот народ, додека жртвениците на лажните пророци останале неми и студени. И најголемиот дел од народот тогаш се обратил, извикувајќи: Господ е Бог, Господ е Бог![6] Така, малцинството коешто верувало во вистинскиот Бог станало мнозинство.

Но што нè поучува, мили мои, светиот пророк Илија со својот живот? Нè поучува дека човештвото, за жал, низ историјата многупати паѓало и се оддалечувало од Бога, но Господ никогаш не допуштил сите да пропаднат. Не е Бог Тој Кој го вовлекува човекот во искушение; човекот, по својата слободна волја, избира дали ќе оди по патот на вистината или ќе тргне по заблудата. Сепак, секогаш останувале и оние малкумина коишто ја прифаќале Божјата благодат, ја чувале верата и не се поклонувале пред духот на времето. Отпадништвото, значи, никогаш не било целосно. Дури и самиот свети Илија, во еден миг на човечка слабост и малодушност, Му се пожалил на Бога: Господи, ги избија пророците Твои и ги раскопаа жртвениците Твои; јас останав сам, и сакаат да ми ја земат душата.[7] Но Господ му открил дека не е сам, дека Си оставил седум илјади мажи коишто не ги преклониле колената пред Ваала. На овој настан се повикува и светиот апостол Павле кога вели дека во секое време има еден остаток избран по благодат.[8] Ете, возљубени, низ целата историја Бог имал Свои верни луѓе – можеби малкумина пред очите на светот, но силни преку благодатта; малцинство коешто не отстапувало од вистината и преку кое Господ повторно го подигнувал народот.

Денес, заедно со светиот пророк Илија, ги празнуваме и светите Пречистански преподобномаченици Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј, коишто во 1558 година пострадале во манастирот „Пресвета Богородица – Пречиста“ во Кичево. Кога кон светата обител тргнала многубројна турска војска, со намера да ја запали и ограби, само овие тројца монаси решиле да останат. Тие добро знаеле што ги очекува, но со мир во душата и со вера во Христа рекле: „Ние ќе останеме во манастирот“. И останале – верни до смртта. Биле убиени, но не загинале; зашто оној што умира за Христа, живее вечно во Него. Нивната крв станала семе на христијанската вера, семе од кое израснале нови поколенија верни – па еве нè и нас денес, собрани во овој крај, како плод на нивното сведоштво и на нивната жртва.

Во времето на Отоманската Империја имало страшни притисоци врз христијанскиот народ, но малцинството издржа и на крајот стана мнозинство коешто победи. Така е и денес. Гледаме дека состојбата со христијанскиот свет насекаде е тешка. Секако, и меѓу западните народи има многубројни верни луѓе коишто искрено Му се поклонуваат на Христа и на Неговиот чесен Крст и со својот живот сведочат за Евангелието. Но во изминатите столетија, особено во последниве сто години, еден силен тренд на модернизација и секуларизација постепено го потисна христијанскиот поглед на светот од јавниот и од личниот живот. Не модернизацијата сама по себе, ниту напредокот на науката и општеството, туку нејзиниот облик што го претставува Бога како непотребен, а Црквата како застарена и надмината, доведе мнозина до оддалечување од верата и од црковната заедница. Последиците од тој процес денес се чувствуваат не само ширум Европа, туку, за жал, сè посилно и кај нас: христијанското предание слабее, а најнапред страда најсаканото и најблагословено катче на сите – цивилизациската придобивка на христијанството: семејството. Токму семејството најнапред пропаѓа. А семејството е темел на здравото општество. Но како ќе биде здраво општеството, ако тие коишто го движат не се втемелени на Христа? И каква ќе биде државата, ако го заборави духовниот темел врз којшто со векови се градело европското општество? Зашто европските народи дадоа голем придонес за светската цивилизација и затоа што, примајќи Го Христа, го вградија Евангелието во својата култура, во своите установи и во своето разбирање за достоинството на човекот. Нивниот темел и нивниот корен беа засадени во Христа Исуса; затоа и денес обновата не значи осуда на народите, туку повторно враќање кон тој животворен корен.

Светот во којшто живееме денес, мили мои, во многу нешта наликува на Израил од времето на светиот пророк Илија. Но и неговата порака останува иста, жива и непроменлива: макар мнозинството да го оставило Светото Писмо, макар Европа да се оддалечила од Евангелието, ние сме повикани да стоиме цврсто во верата. Зашто христијаните се сол на земјата и квас на светот;[9] и кога се малкумина, ако живеат вистински со Христа, можат да направат многу. Затоа не смееме да очајуваме, ниту да се затвораме во себе, туку со тивко сведоштво, со љубов и со сопствениот живот да ја пренесуваме евангелската порака на сите – најнапред во својата околина и во својата татковина, а потоа, колку што можеме, и во целиот свет. На тоа нè поучува денешниот свет и славеник, огнениот пророк Илија.

А дека за Бога сè е возможно, мили мои, тоа прекрасно го гледаме и во денешниот неделен евангелски расказ.[10] Учениците се најдоа среде разбрануваното море, опкружени од темнината на ноќта и од силните бранови, и помислија дека ќе загинат. Додека нивните срца беа обземени од страв, а нивната вера како да избледела, бурата ненадејно ги притисна и тие, немоќни сами да се избават, завикаа кон Господа. И ете, Он не ги остави: им се јави среде немирот, чекорејќи по водата, покажувајќи дека и морето, и ветровите, и сите сили на природата Му се покоруваат на својот Создател. А апостол Петар, секогаш ревносен и пламенен, штом Го здогледа нивниот Учител, посака и самиот да тргне по водата кон Него. И навистина тргна – не затоа што водата стана тврда под неговите нозе, туку затоа што верата го држеше над бездната. Додека неговиот поглед беше вперен единствено во Христа, тој одеше и го победуваше невозможното. Но штом го сврте вниманието кон разбеснетите бранови и си помисли: „Како е можно јас, човек, да одам по вода?“, сомнежот му ја ослабе верата и тој почна да тоне. Тогаш повторно извика: „Господи, спаси ме!“ – и Христос веднаш ја подаде Својата рака, го извлече од длабочината и му рече: Маловерниче, зошто се посомнева? Гледате, возљубени? Кога човекот гледа во Христа, минува и преку брановите; кога, пак, гледа само во сопствената немоќ и во стравотиите околу себе, почнува да тоне. За Господа сè е возможно, доколку веруваме, доколку Го повикуваме и доколку не ја испуштаме Неговата спасителна рака.

Да го замолиме овој голем пророк, свети Илија, којшто се покажал голем чудотворец и е толку присутен во животот на христијаните и на Црквата, да Го моли Господа со ревност, та сѐ повеќе срца да го прифатат евангелскиот призив и да станат вистински христијани. А заедно со него, да ги повикаме во молитвата и светите Пречистански преподобномаченици Евнувиј, Пајсиј и Аверкиј, кои со својата жртва покажаа дека оној што останува верен на Христа и во најстрашниот час не загинува, туку преминува во вечниот живот. По нивните свети молитви, Господ да ни дарува и нам непоколеблива вера, храброст во искушенијата и ревност што не старее, за да останеме Негови до крајот. Амин.


[1] Мт. 17:3; Мк. 9:4; Лк. 9:30.

[2] Мал. 4:5-6: „Еве, ќе ви го испратам пророкот Илија, пред да дојде Господовиот Ден, ден голем и страшен. Тој ќе ги обрне срцата на татковците кон синовите, а срцата на синовите кон татковците, за да не дојдам и да не ја удрам земјата со проклетство.“

[3] Иштар (сумерско-акадски: Инана/Иштар) е месопотамска божица на развратот и плодноста, чиј култ преку феникиската Астарта бил тесно поврзан со култот на Ваал, вклучително и во дворот на царицата Језавела; во нејзините светилишта на Блискиот Исток биле засведочени форми на храмова проституција (сп. 3. Цар. 14:23-24). Поврзаноста меѓу овој круг божества и религиозниот разврат е добро засведочена и во библиските, и во вонбиблиските историографски извори.

[4] Сп. 3. Цар. 16:29-33.

[5] Старозаветниот текст (3. Цар. 17:1; 18:1) не го наведува точниот број на години на сушата, туку само вели дека настанала „во тие години“ и завршила „во третата година“; апостол Јаков (5:17) и Евангелието по Лука (4:25), сепак, сведочат дека таа траела три години и шест месеци – сведоштво што светите отци традиционално го прифаќаат како појасно и попрецизно.

[6] 3. Цар. 18:38-39.

[7] 3. Цар. 19:10, 14.

[8] Рим. 11:2-5.

[9] Сп. Мт. 5:13; 13:33.

[10] Мт. 14:22-33.