Соопштение по повод манастирската слава

Чудотворната икона на Св. Јован Крстител

Во пресрет на главната манастирска слава на Бигорската свештена обител, посветена на Усекновението на чесната глава на Светиот славен Пророк, Претеча и Крстител Господов Јован, нашиот небесен закрилник, молитвен застапник и вечен домаќин на ова древно Светилиште, со особена духовна радост ги покануваме сите благочестиви верници и почитувачи на Светиот Претеча да се присоединат кон празничното торжество.

Овогодишното чествување ќе биде збогатено со еден особено значаен и трогателен духовен настан за нашата Обител: за време на празничното бдение, на кое молитвено ќе претстои нашиот почитуван митрополит Дебарско-кичевски, Неговото високопреосвештенство г. Георгиј, три нови монашки рожби на нашиот возљубен старец и игумен, Неговото преосвештенство епископот Антаниски г. Партениј, ќе бидат облечени во светиот ангелски монашки образ. Така, радоста на патронот на Обителта ќе се соедини со радоста на новото монашко принесување – со доброволното предавање на три млади души во целосна служба на Христа и на Неговата Црква, под молитвеното покровителство на свети Јован Крстител.

Особена чест и радост за празникот ќе претставува и учеството на прочуениот хор по источно-православно пеење „Свети Јован Кукузел“ од Тирана, Р. Албанија, кој ќе пристигне во нашата Обител со благослов на Неговото Блаженство, Архиепископот на Тирана, Драч и на цела Албанија, г. г. Јован. Заедно со хорот при Бигорското братство, гостите од сестринската Православна Црква на Албанија ќе го украсат празничното бдение и богослужението со древното византиско црковно пеење, претворајќи го празникот и во прекрасно сведоштво за православното единство и братољубие во Христа.

Четврток, 10 септември 2026

16:00 ч. – Мала вечерна богослужба

18:30 ч. – Повечерие

19:00 ч. – свечен пречек на архиереите и почеток на празничното сеноќно бдение

20:00 ч. – чин на монашење на тројца нови браќа на Бигорската обител

По монашењето продолжува празничното бдение.

22:00 ч. – празнична Утрена богослужба

00:00 ч. – Прв час

Празничните богослужби ќе бидат разубавени со пеењето на хорот при Бигорското братство и на византискиот хор „Свети Јован Кукузел“ од Тирана.

Петок, 11 септември 2026

Усекновение на чесната глава на Свети Јован Крстител

08:00 ч. – Трет и Шести час

08:30 ч. – свечен пречек на архиереите

08:45 ч. – почеток на светата архиерејска Златоустова Литургија

16:00 ч. – Ктиторска вечерна богослужба


Славното Бигорско светилиште, коешто низ вековите било и останало гордост и пофалба на нашите предци, столб на нивната православна вера и духовно прибежиште на безброј поколенија, и денес со истата апостолска ревност продолжува да сведочи за евангелската Вистина и да ги собира своите духовни чеда околу светињата на Христовиот Претеча.

Особено оваа година, празничната радост добива уште подлабока смисла. Пред светиот олтар Божји, пред чудотворната Бигорска икона и светите мошти на Чесниот Претеча, во присуство на архиереи, монаштво, свештенство и верен народ, тројца нови браќа ќе го положат својот живот пред Христа во монашкиот подвиг. Нивното принесување е радост не само за нивниот духовен отец и за братството, туку и за целата Црква, зашто секое ново монашко „да“ кон Бога е сведоштво дека и во наши дни е жив оној евангелски и апостолски повик кон целосно предавање на срцето на Господа.

Во истата таа духовна полнота, присуството на хорот по источно-православно пеење „Свети Јован Кукузел“ од Тирана, Албанија, со благослов на Блаженејшиот Архиепископ г. г. Јован, ќе внесе уште една светла димензија во славата: братско сведоштво дека православната вера, молитвата и свештеното предание ги надминуваат сите граници и ги соединуваат народите во едната Христова Црква. Со нив и со нашите браќа псалти, древните химни кон Светиот Претеча ќе се вознесуваат во Бигорски како заедничка молитва и благодарност.

Затоа, со особена чест и љубов, во името на Христовиот Пророк и Крстител, ги повикуваме сите благочестиви Христијани, поклоници и почитувачи на свештеното дело на свети Јован да се присоединат кон неговото големо торжество.

Да дојдеме пред неговата чудотворна икона и неговите свети мошти, да му ги принесеме своите молитви, своите благодарности и своите надежи, уверени дека оној кого Самиот Господ го нарече „најголем меѓу родените од жена“, со особена благодат ги посетува и закрилува оние што со вера и љубов го чествуваат неговиот спомен.

Молитвите на светиот славен Пророк, Претеча и Крстител Господов Јован да бидат со сите нас! Амин!