Архијерејска Литургија во Галичник

Денес, во највнатрешното срце на планината Бистра, каде мирисот на традицијата по милоста Божја сè уште благоуха и благородството на нашите предци најсилно се чувствува, во светителородниот Галичник, нашиот старец, игумен и епископ г. Партениј отслужи Света архијерејска Литургија, во сослужение со браќата јеромонаси и јероѓакони од Бигорската Обител.

Во оваа непресушна духовна и културна река, во ова духовно раскошно село, сместено среде таа симфонија од природни облици, архитектура и народен бит, среде тој дух што сè уште се чувствува, Бог секогаш наоѓа храбри срца за во нив да се всели и преку нив да ни проговори – срца кои не се само чувари, туку и двигатели на христијанските добродетели: верата, надежта и љубовта; души во кои живее и од кои се пренесува богатата мијачка традиција, па дури и во најтешките мигови од нашето постоење.

А кој е поголем и поупорен борец за сочувување на оваа прекрасна христијанска и културна традиција, ако не монаштвото, кое собрано во мијачката Бигорска лавра, го продолжува континуитетот на духот и на верата? Така, нашиот старец, владиката г. Партениј, кој секогаш со посебна љубов и огромна надеж во духовната сила на Галичник, дојде и денес, за да го испроси благословот Божји врз новите галичките младенци. И оваа година, неговата татковска грижа и предаденост за духовното издигнување на народот повторно го доведе во храмот на Светите Првоврховни Апостоли Петар и Павле, за да ја предводи Светата Литургија, на која нескриено проговори за болката предизвикана од духовната незаинтересираност на потомците на славните и духоносни Галичани:

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!

Она што е телесниот орган – срцето за човекот, тоа, во духовна смисла, е верата за внатрешниот, автентичен човек. Доколку престане срцебиењето на некој човек, тоа во медицината се смета за смрт – тој човек биолошки умрел. Слично е и со внатрешниот, духовен човек: доколку престане да бие верата во човекот, кај таквиот настапува духовна смрт. Тоа го потврдува и Спасителот Христос во Своето Евангелие, за секој што ќе остане надвор од Него. Имено, кога Он повикал некој Свој ученик да врви по Него и да Го последува, тој Го замолил да отиде најнапред да го погребе татка си. На ова Христос му одговорил: Врви по мене, и остави ги мртвите да ги погребуваат своите мртовци! (Матеј 8,22) Со ова сака да каже дека секој што ќе остане надвор од Него, секој што нема да има цврста вера во Него, Животодавецот и Воскресителот, е всушност духовен мртовец.


Од Светото Евангелие пред малку чувме за настанот кога Христос, влегувајќи во градот Капернаум, бил пресретнат од еден римски војник, стотник на царската војска. Овој стотник побарал од Христа да го исцели слугата негов: Господи, слугата мој лежи дома фатен и многу страда. Значи, не молел за самиот себе, ами за еден слуга негов – факт што ја открива неговата широчина и човекољубие. Во одговор на неговата молба, Господ му вели: Ќе дојдам и ќе го излекувам. Меѓутоа, погледнете сега колку голема и чудесна вера од еден римски војник и незнабожец: Господи, не сум достоен да влезеш под мојот покрив; но кажи само збор и слугата мој ќе оздрави. Навистина, вера и смирение, достојни за секаков восхит и пофалба! Иако неговата молба се однесувала на друг, т.е. на некаков слуга; иако бил човек со висока војничка титула и со чест и власт меѓу локалното население, тој покажува толку големо смирение што понизно Го пресретнува Христа, Му се поклонува и смирено Го моли да каже само едно слово за неговиот слуга, бидејќи тој не бил достоен за Он да влезе во неговиот дом!

Овој римски офицер, слушајќи за делата што ги вршел Христос, за Неговата необична моќ да прави чуда, за Неговата превозвишена наука, дошол до едно откровение, до една мошне силна констатација: дека Он може да прави големи нешта, затоа што Неговата власт доаѓала однекаде одозгора – не била човечка, туку со огромна сила, Божествена. Направил паралела помеѓу себе и Христа: како што самиот бил поданик на римскиот цар и преку неговата власт ја имал и сопствената позиција, така, според него, и Христос добивал Божествена власт одозгора: и јас сум човек подвластен, а имам и потчинети војници; па кога ќе му речам на еден од нив: „Оди!“ и тој оди; на другиот: „Дојди!“ и тој доаѓа; и на слугата: „Направи тоа!“ и тој прави. Очигледно, знаел колку е важно послушанието и за земските работи; знаел, исто така, дека Христа Го слушаат Неговите слуги, светите духови, ангелите, кои ја исполнувале волјата Негова и вршеле чуда по Негово повеление. Но, и самото Негово слово е чудотворно и оживотворува; преку Своето Слово Бог го создаде сиот видлив и невидлив свет: нека биде… и би. Оваа голема тајна на теологијата како да ја спознал во своето срце римскиот стотник – затоа и Му рекол на Словото Божјо: кажи само збор и слугата мој ќе оздрави.


Христос и стотникот од Капернаум, уметник: Аквила Пиетро, крај на 17 век

Господ се зачудил на верата на стотникот: Кога го чу тоа, Исус се восхити. Впрочем, Он на ништо друго не се воодушевува во овој свет, освен на верата на човекот. Затоа, во продолжение, на учениците и на народот што врвел по Него, Он им рекол: Вистина ви велам: ни во Израел не најдов толку голема вера. И ви велам дека мнозина ќе дојдат од Исток и од Запад и ќе седнат на трпеза со Авраам, Исак и Јаков во царството небесно, а наследниците на Царството ќе бидат фрлени во крајната темнина (Матеј, 8-5,12). На наследниците на Царството, т.е. на избраниот Божји народ – Израилот, кој единствен бил призван во вистинската вера; кој го имал и го знаел Светото Писмо – секоја сабота го слушале словото во Синагогите, го имале Законот Мојсеев – сепак, не им бил доволен зборот на Словото Божјо, ниту им биле доволни големите чудеса и знаменија што Господ ги правел пред нивни очи, иако тие настојчиво ги барале од Него како доказ за Неговата власт. А еве, на еден римски војник, на еден незнабожец, доволно му беше Господ да каже само збор…

Мили мои, да се угледаме на денешниот смирен римски стотник и во понизност да молиме од Бога, за да Го слушаме како ни зборува. Неговото слово прави чуда. Тоа оживотворува, воскреснува, нè радува, нè возвишува, нè облагородува. Секогаш кога го читаме Светото Писмо, било во храмот или во домот, тоа животворно ги храни нашите души, ги преобразува, ги обожува и спасува. Предуслов за тоа, сепак, е да имаме настроение со вера како овој стотник.


Денеска дојдовме во ова село со богато духовно минато, за литургиски да се сретнеме со нашите предци, со Светиите Божји, со небесната Црква. Има многу светии и угодници Божји, чиишто имиња не се запишани во Диптихот на Светиите, но тие, сепак, имаат голема слобода пред Бога и се застапуваат за нас. И од нашиот народ има многу светии во Небесната Црква. Вие кои сега сте во храмот го знаете тоа. Гледаме дека селото во моментов е прилично полно со луѓе, но интерес за Литургијата, за жал, нема. Да не бевте вие, воцрковените верници, храмот ќе беше празен. Како народ сме постанале слични со Евреите од старозаветното доба, коишто денес Христос ги укори и разобличи преку примерот на еден римски војник, кој за нив беше презрен, омразен и долен. Јудеите, всушност, не сакале никако да општат со другите незнабожечки народи, бидејќи според нивното сфаќање тие не биле богоизбрани, односно не ја поседувале вистинската вера и го немале преданието. Но, ете, чувме како еден паганин со силна вера ги разобличи во нивната гордост, незаинтересираност и ладнотија.

По Божја промисла, мили мои, на ова литургиско собрание во Четвртата недела по Духовден, се прочита овој евангелски расказ за преголемата и трогателна вера на римскиот војник, кој отпосле, според преданието, станал посветен Христијанин, па дури и епископ и маченик за Христа. Да му се помолиме нему, за да се врати верата во нашиот народ, да се обнови духовното срце во народот. Зашто, во спротивно, тој е осуден на духовна ерозија и на мртвило. Мртовци да ги погребуваат своите мртовци. Впрочем, веќе гледаме порази и падови насекаде, како резултат на нашето отпадништво од верата. Кај поголемиот дел од народот не постои воопшто интерес за духовниот живот. А за жал, и дел од тие што се во Црквата се занимаваат со минливи и глупави нешта. И навистина, прашува Апостолот Павле, штом меѓу вас има завист, кавга и неслога, не сте ли телесни и не живеете ли како обични луѓе? (1. Кор. 3,3) Ова можеме да го забележиме по социјалните мрежи и по разговорите што ги водат верниците. Наместо да се каат, да се смируваат и да се молат, да бидат како овој стотник кој го истакна послушанието како нешто многу возвишено, тие се занимаваат со нешта што се вон нивниот домен, предизвикувајќи дух на непослушание и на безредие.

Стотникот знаел што значи да се има поредок и ред. И Апостол Петар, иако во тоа време владеела незнабожечката Римска империја, вели дека власта е од Господ допуштена и како таква треба да се почитува, за да не би настанал хаос во општеството. Не може без држава и без власт да има поредок. И затоа секој Христијанин е повикан да ја почитува секоја власт, сè до оној момент кога таа отворено ќе истапи против Бога и Божјиот закон. Исто како во општеството, и во Црквата има поредок што сме должни да го почитуваме, со послушание кон духовните власти. Секоја душа да им се потчинува на претпоставените власти, зашто нема власт што не е дадена од Бога, и оние што ги има се одредени од Бога (Рим. 13,1) – вели Божествениот Павле. Па така, ако Христијаните коишто живеат со Црквата немаат послушание кон црковните власти, тогаш како ќе има благослов од Бога и ред и поредок во нашите души? За жал, кај нас гледаме дека и во општествениот и во црковниот поредок, ниту власта, ниту Христијаните се однесуваат долично на својот призив.

Затоа, мили мои, да се молиме на богоразумниот стотник, кој уште додека не бил крстен во Христа покажал толку силна вера, та да ни ги отвори Господ духовните очи, за да можеме да сфатиме колкава е силата на верата и како таа нè одржувала низ историјата; колку значајна и голема улога одиграла за нас како општество и култура и како таа животворна вера, којашто ја имаме ние православните, го наполнила Небото со нашите дедовци и прадедовци низ минатото. А денес… Денес гледаме една духовна беда и пустош, мртовци ги погребуваат своите мртовци. Но, не можеме никого да обвинуваме за тоа, ниту да зборуваме за оние што се духовно бедни, бидејќи ние, воцрковените Христијани, ја носиме најголемата одговорност. Христијаните престанале да бидат солта на светот, преку вистинската вера. Господ нека ни ја утврди верата во сила, во послушание и љубов кон Триединиот Бог наш. Амин!

Во продолжение по Литургијата, со благослов на старецот и епископ г. Партениј, Неговото Високопреподобие архимандритот г. Доситеј го изврши чинот на светото венчание на галичките младоженци Филип Будновски и Катерина Илиевска, во рамките од манифестацијата „Галичка свадба“.