Има ноќи во кои времето како да престанува да се мери со часови, за да почне да се мери со молитвата; ноќи во кои земното се повлекува пред небесното, а човечкото срце, ослободено барем за миг од вревата на минливото, чувствува дека стои пред една друга, повисока и поблага стварност.
Таква беше оваа благословена Успенска ноќ во древната светиња на Мајката Божја – манастирот „Пресвета Богородица – Пречиста“ кај Кичево. Под нејзиниот Mајчински покров, во храмот осветен од вековни молитви, солзи и надежи, се почувствува она тивко и неискажливо присуство на Царицата Мајка, која и во своето сечесно Успение не го остава светот, туку уште посилно го прегрнува со своето застапништво пред престолот на својот Син и Бог.
Со благослов на нашиот возљубен старец и игумен, Неговото преосвештенство, епископот Антаниски г. Партениј, во Пречиста се собра целото монашко семејство од Бигорски, Рајчица и Пречиста, заедно со множества благочестиви верници од разни краишта, така што седумвековната светиња повторно оживеа во полнотата на своето древно молитвено достоинство.
Во текот на речиси четиринаесет часа, од раната вечер па сè до пладневните часови, молитвата непрестајно се издигаше кон Мајката Божја, неуморната Застапница на родот христијански. Нашиот сакан Старец неуморно претстоеше на целото сеноќно богослужение, молитвено носејќи го собраниот народ пред лицето на Пречистата, а на неговиот крај чиноначалствуваше со Светата Божествена Литургија, во сослужение со браќата свештенослужители од Бигорската обител.
Бдението постепено се претвораше во едно величествено свештенодејствие на љубовта и благодарноста. По празничната Вечерна и долгото ноќно молитвословие, во текот на Утрената беше изнесена Богородичната плаштаница. Пред нејзиниот свет лик, монасите и верниот народ со умиление ги испеаја Статиите на Успението, созерцувајќи ја тајната на оној блажен сон кој за Мајката Божја стана премин од земјата кон небото, од времениот живот кон вечната слава покрај нејзиниот Божествен Син.
Особена возвишеност на богослужението му подари присуството на светски прочуениот хор за источно-православно црковно пеење „Тропос“, кој за првпат ги исполни сводовите на Пречистанскиот храм со своето длабоко, молитвено и беспрекорно псалмопение. Предводен од истакнатиот хорарх и професор по источно-православно црковно пеење г. Константин Ангелидис, хорот „Тропос“ не беше само музички украс на празникот, туку вистински молитвен служител на неговата тајна. Со извонредна дисциплина, благородство на изразот и длабоко познавање на преданието на византиската псалмодија, неговите членови ги претвораа древните црковни напеви во благодатна молитва, водејќи го собранието кон она внатрешно издигнување и созерцание во која човекот повеќе не ја слуша само мелодијата, туку и длабочината и мистиката што таа ја носи.
Со нив во прекрасна молитвена хармонија пееја и псалтите од хорот „Митрополит Козма Пречистански“ од Кичево, како и Бигорскиот хор, така што двете певници, соединети во истиот молитвен дух, создадоа едно моќно и достоинствено славословие кон Пресвета Богородица. Различните гласови станаа една молитва, а храмот – едно големо срце што биеше во ритамот на вековното православно предание.
По завршувањето на Утрената, со Богородичната плаштаница беше извршена свечена литија околу храмот, проследена со молитвено пеење и водосвет, додека првите утрински зраци го осветлуваа манастирскиот комплекс. Во тој миг, по долгите часови на бдението, телесниот замор како да исчезнуваше пред духовната радост. Се чувствуваше дека целата природа околу древната Пречистанска светиња се придружува кон празничното славословие на онаа која Црквата ја нарекува „Мајка на Животот“.
Круна на сеноќното бдение беше, се разбира, Божествената архиерејска Литургија, со којашто тајноводеше Преосвештениот владика г. Партениј.
По читањето на светото Евангелие, нашиот сакан Старец им се обрати на присутните со вдахновено и суштинско слово посветено на Пресветата Владичица наша Богородица и на тајната на нејзиното сечесно Успение. Неговите зборови повторно го насочија вниманието на верните кон онаа безмерна љубов и смирение со кои Богородица Му се предаде на Бога, станувајќи преку својата послушност и чистота Мајка на воплотениот Син Божји и, во Него, духовна Мајка на целиот човечки род.
Успението, во духот на црковното искуство, не е жалосен крај, туку празник на победата на животот над смртта; премин на Пречистата од земното кон небесното и уверение дека човековата конечна цел не е гробот, туку вечната заедница со Бога.
По завршувањето на Божествената Литургија, Старецот повторно ја изрази својата длабока радост за ова исклучително молитвено собрание – радост која, како што истакна, не е само негова и на монашката заедница, туку и радост на самата древна Пречистанска светиња. Овој седумвековен дом на Мајката Божја, кој низ вековите примил безброј човечки молитви, воздишки, благодарности и солзи, вчеравечер повторно ги отвори своите прегратки за толку големо и благословено собрание и, како Мајка, ги прими и ги благослови сите што со вера дојдоа под нејзиниот покров.
Со особена благодарност Старецот им се обрати на членовите на хорот „Тропос“, истакнувајќи ја големата жртва што ја направија за да бидат присутни и со своето небесно псалмопение толку силно да го збогатат празничното бдение. Неговата благодарност особено беше упатена кон нивниот хорарх, професорот г. Константин Ангелидис, чијашто љубов кон црковната музика, високата уметничка одговорност и верноста кон византиското музичко предание беа почувствувани во секој отпеан стих.
Тој сесрдно им заблагодари и на псалтите од хорот „Митрополит Козма Пречистански“, како и на сите оние што со својот труд и дар ја помогнаа убавината на богослужението.
Посебни зборови на благодарност и љубов Старецот му упати и на благочестивиот г. Горан Мојсоски, добротвор на Пречистанската светиња. Потсетувајќи на евангелските зборови дека добриот човек „од доброто сокровиште на своето срце изнесува добро“, Владиката истакна дека вистинската дарежливост не се мери според количеството на материјалното богатство, туку според широчината на срцето. Иако самиот не располага со големо материјално изобилство, г. Мојсоски со љубов и пожртвуваност смогнал сили да го понесе трошокот за изработката на прекрасниот нов иконостас на храмот – вистинско и уникатно ремек-дело, кое отсега ќе остане како траен принос кон Мајката Божја и како сведоштво за верата и љубовта на еден човек, но и на едно цело поколение, кон нејзиниот свет дом.
Пред последните благодарности на Старецот, кон него се обрати старешинката на манастирот, монахиња Харитина, која во името на сестринството му упати срдечни зборови на благодарност:
„Ваше Преосвештенство, наш возљубен Старче,
Денес, по целоноќното бдение, кога манастирот Пречиста се исполнува со молитва и благодат, сакаме да Ви принесеме еден крајно скромен, но симболичен дар – мала претстава за пречекот на Пресвета Богородица на Света Гора.
Во неа ние симболично го гледаме и почетокот на едно духовно чудо што Бог ни го подари: Вашето доаѓање и закотвување во Бигорскиот манастир во 1995 година. Оттогаш, како да започна повторно да се открива присуството на Пресвета Богородица на нашата мала Света Гора – во манастирите што под Вашето духовно раководство повторно оживуваат, се исполнуваат со молитва, со жртва и со љубов.
Ви благодариме што за нашиот народ донесовте светлина во која повторно можеме да ја гледаме добрината Божја – светлина што води низ Крстот кон Воскресението. Велиме повторно, бидејќи требаше едно чисто и судбоносно „да“, за да пробие светлината Христова по долго време на овие простори.
Ви благодариме и за овој свет празник, за ова бдение и за благодатта со која Пречиста денес се исполни во изобилие.
Радосни сме што преку Вас и за нас и за народот наш дојде Мајчинската помош на Пресвета Богородица. И од сè срце ја молиме таа помош да остане со нас, со нашите манастири и со нашиот народ – засекогаш.
На многу години, Старче! Нека Пресвета Богородица Ве покрива со Својот свет мајчински омофор и нека Ве укрепува во Вашето свето дело.“
Потоа, како израз на благодарност од целото сестринство, монахиња Харитина му подари на Старецот уникатна икона – претстава на пречекот на Пресвета Богородица на Светата Гора Атонска.
На крајот, Старецот им заблагодари на сите присутни верници и поклоници, кои со својата истрајност, молитва, љубов и трпение останаа соединети со богослужението во текот на целата ноќ. Токму нивното молитвено учество, заедно со монашкото собрание и псалтите, го претвори ова бдение во вистинско соборно торжество – во една ноќ во која Небото изгледаше необично блиску до земјата.
И кога по тринаесетчасовното бдение последните литургиски прозби се издигнаа кон Бога, а пладневната светлина целосно ја облеа древната Пречиста, во срцата остана едно длабоко чувство: дека Мајката Божја повторно ги собра своите чеда околу Себе. Зашто Нејзиното Успение не е разделба. Нејзиниот гроб не е место на отсуство, туку сведоштво за животот. И Нејзината љубов кон светот не престанува со преселувањето на Небесата, туку станува уште поширока, уште поблиска и уште помајчинска.
Затоа Црквата и во ноќта на нејзиното Успение не плаче без надеж, туку празнува. И затоа и древната Пречиста ова утро како да одекнуваше со истиот вековен повик на православното срце:
Пресвета Богородице, спаси нè!































