Кога височините стануваат храм – Евхаристија на Голем Крчин

Под пространиот небесен свод на Дешат, каде величествениот Крчин како стамен стражар се издига над живописната Река; таму каде што длабоката ноќ го остава својот мистичен плашт за во раното утро да се облече во милна светлина; каде планинската тишина зборува на својот препознатлив јазик; каде секој нагорен чекор станува благословен подвиг на човечкото восходење кон Бога, а секој здив молитвен копнеж и благодарствен принос – таму човечката снага смирено сведочи дека е само сад во кој благодатта Божја, која невидливо ги крепи нозете и го загрева срцето, е силата со која секој духовен и телесен подвиг е возможен.

По Божјата изобилна милост, и оваа година, со благослов на нашиот сакан Старец, епископот Антаниски г. Партениј, чијашто непресушна духовна грижа и љубов продолжуваат да бидат силно вдахновение за верниот народ, по единаесетти пат, на самиот планински врв, висок 2341 м., се случи уште едно литургиско обединување на небото и земјата – свештено собрание, во кое бескрвната Евхаристиска жртва, смирено и благодарно принесена од нашиот собрат архимандритот Кирил, се вознесе под отворено небо, за спасение, преображение и просветување на сите.

Голем број вљубеници во висините се искачија на овој крстоврв, Голем Крчин, не само за да поминат уште еден ден среде убавините на Божјото создание, туку пред сè, да заедничарат со Бога Создателот. Затоа ова искачување останува запечатено во нивните срца како жива потврда дека Црквата Христова е неограничена со простор и време, и дека таму каде што верните се собираат околу Телото и Крвта Негови, таму е домот Божји и вратата небесна.

И овој пат, упатуваме длабока благодарност и почит кон сите кои со својата пожртвуваност и професионалност ја обезбедија сигурноста на ова литургиско восходење, и тоа на планинските водичи од Федерацијата на планинарски спортови на Македонија (ФПСМ) и Македонската асоцијација за интернационални водичи во планина (МАИВП), како и на Службата при Националниот парк „Маврово“ за нивната поддршка, грижа за природата и постојаната соработка во чувањето на оваа свештена традиција.

Нека несоздадената Таворска светлина продолжи да ги грее сите верни срца, а оваа единаесетгодишна литургиска традиција да биде светилник што ќе нè повикува секогаш одново, и телесно и духовно, кон височините на Божјата љубов. Амин.