Во тивката и живописна прегратка на планината Дешат, бигорскиот скит „Свети Кирил и Методиј“ во Битуше, уште еднаш и за последен пат ова лето, ги отвори своите порти за да биде сведок на една прекрасна духовна бајка. Со завршувањето на шестиот по ред камп заврши и овогодишната летна сезона, која зад себе остави стотици насмеани детски лица, стоплени срца и спомени кои нема да избледат. Овој пат наши гости беа триесетина дечиња од Битола, Скопје, Ресен и Кичево, кои дојдоа во придружба на нивните пожртвувани наставнички Весна Атанасова и Катерина Лазаревска од „Академија Атанасова“ и „Хелен Дорон“.
И ова лето, скитот на Светите Кирил и Методиј беше живо училиште на љубовта. Детската насмевка која се забележуваше од секој агол, додека младите учесници, пристигнати од сите краишта на Македонија, но и од далечните Австралија, Америка, Австрија, Германија, Италија, Шведска и Албанија, чекореа по патот на спознавањето на Бога. Заедно созреваа низ молитвата и часовите по Вероучение, откривајќи ја длабочината на православната вера и литургискиот начин на живот. Низ уметничките и катихетските работилници ги изразуваа сите свои таленти, а низ секојдневните обврски околу домаќинството учеа за скромноста, трудољубието и вистинското другарство. Секој залез на сонцето над Дешат беше потсетник дека најголемото богатство е токму тоа: да се биде заедно, но како едно во Христа.
За целата оваа духовна симфонија која веќе со години суштински го менува животот на најмладите, нашата најдлабока почит и благодарност му припаѓаат на возљубениот ни Старец, епископот Антаниски г. Партениј. Неговата татковска грижа и неуморна молитва се темелот врз кој што израсна ова катихетско прибежиште.
Ова дело немаше да го има својот целосен сјај без несебичноста на многубројните предавачи, уметници и волонтери. Срдечно им благодариме на актерите Кристијан Танчевски и Владо Дојчиновски, режисерката и социјален работник Розе Симоновска, Марија Саздева, тимовите на Весна Атанасова од „Академија Атанасова“ и „Хелен Дорон“, Милена Ристова Михајловска од „Академија Еуроарт“, на докторот Никола Николовски, како и на куварот Сашо Крстевски. Исто така, упатуваме искрена благодарност до сите општествено одговорни компании и спонзори: „Жито Лукс“, „Жито Полог“, „Просветно дело“, „Драни Премиум“, „Кристал 1923“, „Витаминка“, „Салмак – МБ“ и сите други благодетели кои трајно се вградија во ова добро дело.
Летните школи по Веоручение завршија за оваа година. Се надеваме дека благословеното семе, кое беше засадено во домот на светите браќа Кирил и Методиј во селото Битуше ќе продолжи да цути во срцата на децата низ сите денови што доаѓаат.































