
Почитувани верници и смирени поклоници на Мајка Божја,
Со особена чест и во духот на Успенската радост, ве известуваме дека по повод големиот празник Успение на Пресвета Богородица, со благослов на нашиот возљубен старец и игумен, Неговото преосвештенство, епископот Антаниски г. Партениј, во манастирот „Пресвета Богородица – Пречиста“ кај Кичево, ќе биде отслужено празнично сеноќно бдение.
И оваа година празничната радост ќе биде особено голема, бидејќи по благослов на Старецот, целата наша монашка заедница од Бигорски, Рајчица и Пречиста ќе биде собрана во Пречистанската обител, за заедно со верниот народ молитвено да го прославиме преселувањето на Мајката на Животот во Царството на живите.
На богослужбеното торжество ќе претстои владиката г. Партениј.
Особен украс на бдението ќе биде присуството на светски познатиот хор по источно-православно пеење „Тропос“, кој за првпат ќе пее во манастирот Пречиста.
Во текот на Утрената богослужба ќе биде изнесена Богородичната Плаштаница, ќе бидат испеани погребните статии, а потоа ќе следува свечена литија околу храмот. Празничното бдение ќе биде крунисано со Божествена архиерејска Литургија со којашто ќе чиноначалствува Преосвештениот Антаниски.
Со љубов ги повикуваме сите благочестиви верници да ни се придружат во оваа света и радосна богослужбена ноќ и заедно да ја прославиме Пресветата Владичица наша Богородица.
Распоред на сеноќното бдение
- 21:30 часот – Мало повечерие и празнична Вечерна богослужба
- Околу 02:00 часот – Утрена богослужба, изнесување на Богородичната Плаштаница и пеење на Статиите
- Околу 06:30 часот – Торжествена литија со Плаштаницата и Водосвет
- 07:30 часот – Облекување на Архиерејот и почеток на Божествената архиерејска Литургија
Нека ни е за многу години!
Пресвета Богородице, спаси нè!











