Во молитвената прегратка на Царицата Мајка во Ростуше

Во благодатната клима на Богородичниот пост, кога погледот и молитвите на Црквата се особено свртени кон Пречистата Владичица Богородица, вечерва прекрасниот и пречесен храм посветен на Царицата Мајка во с. Ростуше стана место на едно особено молитвено собрание. Со благослов на нашиот возљубен старец и игумен, Неговото преосвештенство, епископот Антаниски г. Партениј, беше отслужен Молебниот канон кон Пресвета Богородица, во присуство на множество благочестиви верници од Ростуше, Битуше, Дебар, Река и други места.

Под живописаните сводовите на Богородичниот храм се слеаја во едно гласовите и срцата на собраниот народ, принесувајќи ѝ ги на Пречистата своите благодарности, своите грижи и надежи, своите болки и молитвени воздишки. Зашто токму во неа Црквата низ вековите ја препознава Онаа Кој со мајчинска љубов стои крај секој човек што со вера ѝ се обраќа и го приведува кон својот Син и Бог наш, Господ Исус Христос.

Особена радост и благослов за верниот народ беше присуството на нашиот Старец, епископот г. Партениј, кој претстоеше на архиерејскиот трон и го украси овој молитвен собор со топло и вдахновено слово за Пресвета Богородица. Зборувајќи од богатството на црковното предание, но и од живото искуство на верата, тој потсети дека Пречистата е неуморна Мајка на христијанскиот род, најблиска застапничка на оние што прибегнуваат кон неа и сигурна патеводителка кон Христа.

Особено во деновите на нејзиниот свет пост, Црквата нè повикува да ѝ се приближиме не само со зборови и песнопенија, туку пред сè со очистено срце, со покајание, смирение и љубов. Зашто целиот живот на Богомајката е едно непрестајно „да“ на Божјата волја – тивко, смирено и целосно предавање на Бога. Токму затоа нејзиното присуство во животот на Црквата е толку утешително: таа нè учи дека патот кон вистинската слобода и радост започнува тогаш кога човекот ќе Му го отвори срцето на Христа.

Во таа топла молитвена атмосфера, храмот во Ростуше вечерва беше исполнет со народ кој, обединет во молитвата, ја почувствува убавината на црковното заедништво и мајчинската близина на Онаа на Која со векови христијанскиот род ѝ воскликнува во своите неволји и радости: „Пресвета Богородице, спаси нè!“

Нека Царицата Мајка, чиј чесен храм вечерва ги прими молитвите на своите чеда, го простира својот свет покров над Ростуше и над целиот наш крај, над нашите домови и семејства, над болните, натажените и осамените, и нека нè води сите кон својот Син – единствениот Извор на животот, мирот и спасението. Амин.