Во светлината на Тавор – повик за нашето лично преображение

Среде благословениот пат на Богородичниот пост, кога душата преку молитва, воздржание и покајание се подготвува за средбата со тајната на Успението на Пречистата Владичица наша Богородица, Светата Црква денес нè изведува на една друга гора – на светиот Тавор. Таму, пред очите на тројцата избрани ученици, Петар, Јаков и Јован, Господ Исус Христос ја открива Својата Божествена слава и им дозволи, колку што можеа да понесат, да ја созерцуваат светлината на Неговото Царство.

„И се преобрази пред нив; и лицето Негово светна како сонце, а алиштата Му станаа бели како светлина“.

Со овие едноставни, а неискажливо длабоки зборови Светото Евангелие нè внесува во една од највозвишените тајни на Христовиот живот. На Тавор не се случува промена во Христа, како дотогаш Он да немал Божествена слава, па во тој миг да ја стекнал. Напротив, се менува способноста на учениците да гледаат. За еден краток миг нивните духовни очи се отвораат и тие Го гледаат својот Учител таков каков што Он отсекогаш е – вечниот Син Божји, облечен во славата на Отецот.

Токму затоа Преображението не е само празник на светлината. Тоа е празник на видението. Празник на очистениот поглед. На човекот кој, ослободен барем малку од затемнетоста на страстите, почнува да го гледа светот со други очи – да го гледа Бога во Неговата близина, ближниот како икона Божја, а сопствениот живот како повик кон вечноста.

Во таа таворска радост денес беше облечена и нашата свештена Обител. Во молитвеното продолжение на празничното богослужение, нашиот возљубен старец и игумен, Неговото преосвештенство, епископот Антаниски г. Партениј, тајноводеше со светата Божествена Литургија, во сослужение со браќата свештенослужители од манастирот. Околу Светата Трпеза, монашкото братство, сестрите од Рајчица и Пречиста и многубројните присутни верници се собраа во онаа света заедница во која Тавор престанува да биде само далечна гора од евангелската историја и станува духовна стварност што Црквата ја живее и денес.

По читањето на светото Евангелие, Старецот особено вдахновено говореше за самиот празник и за неговото огромно богословско значење, откривајќи ја пред присутните длабочината на Таворската тајна и нејзината жива порака за преобразбата на секој човек во Христа.

Зашто токму Светата Евхаристија е местото на нашето најдлабоко преображение. Во неа Христос не нè повикува само да Му се восхитуваме оддалеку, туку да се соединиме со Него; не само да ја гледаме Светлината, туку да станеме нејзини причасници. Човекот доаѓа пред Бога со својата слабост, со раните и немоќите, со сето она што во него сè уште е недовршено и затемнето, а Христос го прима и постепено го преобразува со Својата благодат.

Да Го замолиме затоа денес нашиот преобразен Господ и Спасител да ги просветли и нашите духовни очи. Да го преобрази она што во нас е старо, закоравено и затемнето; да ги омекне нашите срца, да ги очисти нашите мисли и да нè научи да Го препознаваме Неговиот лик во секој човек.

И додека го продолжуваме патот на светиот Богородичен пост, со молитвеното застапништво на Онаа Која најсовршено ја прими во себе Божествената Светлина, Пресветата Богородица, и ние да се искачуваме кон својата внатрешна Таворска гора, та очистени и преобразени од благодатта да можеме со целиот свој живот да посведочиме: Господи, добро ни е да бидеме со Тебе!