Во благословените денови на светиот Богородичен пост, кога Црквата нè повикува кон поголема молитвена будност, воздржание и очистување на срцето, денешната, единаесетта недела по Педесетница, пред нас го поставува едно од најсилните Христови евангелски слова за човечкиот однос кон милоста и проштавањето.
По синоќешното воскресенско бдение, во благодатниот молитвен ритам на манастирското утро, нашиот возљубен старец и игумен, Неговото преосвештенство, епископот Антаниски г. Партениј, денес тајноводеше со светата Божествена Литургија, во сослужение со браќата свештенослужители од обителта. Собрани околу светата Трпеза, монашкото братство и многубројните присутните верници повторно ја вкусија радоста на евхаристиското единство – она место каде што човекот стои пред Бога не со своите заслуги, туку со потребата од Неговата бескрајна милост.
Евангелското четиво според светиот апостол и евангелист Матеј (18,23–35) ја донесе пред духовниот поглед познатата Христова парабола за немилосрдниот должник. Еден слуга му должел на својот господар долг толку голем, што практично не можел никогаш да го отплати. Кога, беспомошен, паднал пред него и побарал трпение, господарот не му дал само продолжение на рокот, туку нешто многу поголемо – целосно му го простил долгот. Но истиот човек, штотуку помилуван, не успеал да покаже милост кон својот собрат, кој му должел неспоредливо помалку.
Во таа потресна несразмерност меѓу примениот дар и одбиената милост се открива една од најдлабоките трагедии на човечкото срце: човекот лесно ја заборава милоста што самиот ја примил, но долго ја памети неправдата што му ја нанеле другите.
Вдахновен токму од ова евангелско слово, нашиот Старец се обрати кон присутните со длабоко и суштинско слово за човечката мерка и за проштавањето. Тој потсети дека човекот често го мери ближниот со строга и ситничарска мерка, додека за себеси очекува разбирање, снисходење и милост. Нашите сопствени падови ги гледаме низ призмата на околностите, слабоста и болката; падовите на другиот, пак, неретко ги претвораме во пресуда за целата негова личност. Но Божјата мерка е поинаква…
Првата недела од Богородичниот пост затоа ни доаѓа како ненаметлив, но сериозен повик кон внатрешно помирување. Чекорејќи кон празникот на сечесното Успението на Пресветата Мајка Божја, повикани сме не само да го очистиме телото преку постот, туку уште повеќе да го растовариме срцето од старите сметки, осуди и непомирливости. Зашто срцето натежнато со непростување тешко може да стане место за благодатта.
А Онаа кон Која особено го вперуваме својот поглед во овие свети денови, Пречистата Богомајка, целиот свој живот го претвори во едно големо „да“ на Божјата волја. Стоејќи дури и под Крстот на својот Син, таа остана во тивката бездна на верата и љубовта. Нејзиниот пример нè учи дека вистинската духовна сила не е во возвраќањето, туку во љубовта што останува љубов и тогаш кога е ранета. Од таа љубов да научиме и ние да проштаваме. Не со малата човечка мерка, туку според силите – со мерката на Христовата љубов.































