Со Крстот Христов кон прегратката на Богомајката

Постот е пат. Пат на враќање кон себеси, на стишување на вревата во срцето, на очистување на погледот за повторно да можеме да Го видиме Бога и да ја почувствуваме Неговата близина. А светиот Богородичен пост, кој денес го започнуваме, е еден особено нежен и благодатен пат – пат што нè води кон сечесното Успение на Онаа Која целиот Свој живот Му го принесе на Бога и стана најчисто живеалиште на Несместливиот.

И неслучајно, на самиот праг од овој краток, но духовно богат посен подвиг, светата Црква пред нас го положува Чесниот и Животворен Крст Господов. Пред да нè повика кон воздржание, молитва и очистување, таа најнапред нè упатува кон Крстот – кон знакот на најсовршената љубов, кон Дрвото на животот, кон изворот од кој секој христијански подвиг ја црпи својата сила и својата смисла.

Зашто без Крстот, постот лесно би можел да остане само телесно лишување; со Крстот, пак, тој станува принесување. Без љубовта Христова, воздржанието би било само напор; со Него, тоа станува слобода. И токму затоа, додека пред нас се отвораат овие благословени денови посветени на Пресветата Богородица, Црквата како да ни го посочува Крстот и ни вели: ова е патот по кој одеше и Таа – патот на смирението, на послушанието, на жртвата – и на љубовта.

Во таква молитвена атмосфера денес се собра и Бигорското светилиште. Согласно древниот богослужбен поредок, од светиот олтар беше торжествено изнесен Чесниот Крст и положен среде храмот за поклонение на верните. Нашиот возљубен старец и игумен, Неговото преосвештенство, епископот Антаниски г. Партениј, со архипастирска љубов го изнесе светото Дрво пред монашкото братство и присутните верници, та од него сите да примат благослов и духовна крепост за деновите што претстојат.

Потоа, пред Крстот на Оној Кој Себеси се принесе „за животот на светот“, беше принесена и највозвишената благодарност на Црквата – Божествената Евхаристија, на која претстоеше нашиот Старец. Во молитвеното единство околу светата Чаша, почетокот на постот ја доби својата вистинска смисла: не како време на тага и мрачно лишување, туку како радосно приближување кон Христа, како очистување на срцето за во него да има повеќе место за Бога и за ближниот.

Денешниот ден го краси и споменот на светите седум маченици Макавеи, нивната мајка Соломонија и нивниот учител Елеазар – светли примери на верност, воздржание и непоколебливо чување на Божјиот закон. Нивното сведоштво на самиот почеток од постот нè потсетува дека вистинското воздржание не е просто откажување од нешто, туку решителност ништо да не поставиме над љубовта и верноста кон Бога.

Пред нас се две седмици во кои Црквата особено нè повикува да бидеме блиску до Мајката Божја: со молитва, со чистота, со милосрдие, со простување, со тивко преиспитување на сопственото срце. Да ги оставиме, колку што можеме, непотребната врева и расеаноста; да го смириме јазикот, мислите и желбите; да станеме повнимателни кон болката на другиот и поусрдни во молитвата. Така постот ќе престане да биде само правило и ќе стане средба.

А Крстот што денес стои среде храмот нека остане и во средиштето на нашето срце во текот на целиот овој подвиг – како потсетник дека патот кон воскресението секогаш минува низ љубовта што се дарува, низ смирението што не бара свое и низ жртвата што не се плаши да се принесе.

Нека ни е благословен почетокот на светиот Богородичен пост! По молитвите на Пречистата Владичица наша Богородица и Приснодева Марија, и со силата на Чесниот и Животворен Крст Господов, да го поминеме ова свето време во мир, покајание и духовна бодрост, та со очистени срца и со синовска љубов да пристигнеме до светлиот празник на нејзиното сечесно Успение.