Со голема благодарност кон Бога и неискажлива духовна радост, во Бигорскиот скит посветен на Светите рамноапостолни браќа Кирил и Методиј во живописното село Битуше, со благослов на нашиот сакан игумен и епископ Антаниски, г. Партениј, се одржа уште еден, петти по ред, летен камп по Вероучение за деца.
Покрај редовните часови по Вероучение, молитвените собранија, работилниците, рекреацијата и наставата во природа, овој камп беше дополнително збогатен и со уште една исклучително интересна и едукативна активност за развивање на креативното пишување, наречена „Од книга до полица“. Водена под вештото менторство на професорката по македонски јазик Наташа Брезовска Богоевска и библиотекарката каталогизатор Павлина Најдова, триесетина деца имаа уникатна можност да се запознаат со патот на пишаниот збор, со важноста на зачувувањето на нашиот мајчин јазик, како и со процесот на создавање книги. Така, преку интерактивни вежби, младите учесници го развиваа својот творечки капацитет и ја продлабочија својата љубов кон книгата и писменоста.
Летниот камп по Вероучение во Битуше, кој веќе прераснува во омилено место каде што детските срца се напојуваат од чистите извори на православната вера, љубовта и заедничарењето, овој пат беше одбележан со посебна радост и длабоки емоции. Имено, дечињата-учесници на кампот, по повод годишнината од монашењето на нашиот Старец подготвија изненадување, кое ги стопли срцата на сите присутни, изведувајќи кратка, но исклучително емотивна претстава.
Под професионално и грижливо раководство на актерот Христијан Танчевски, малите талентирани актери со својата искреност и чистота успеаја да пренесат силна порака на благодарност и љубов. Големиот синодикон на Бигорскиот манастир беше место каде што се испреплетија искрените детски насмевки, длабоката љубов, но и пораките на сострадалност, милост и победата над суровоста и оттуѓувањето – изведба што го трогна срцето на нашиот најсакан Старец, како и на сите монаси и монахињи и гости, кои воопшто не ги сокриваа своите емоции.
Скитот во Битуше уште еднаш посведочи дека кога младите ќе се соберат околу Христа радоста е во полнота, а плодовите од тоа заедничарење ќе останат трајно запишани во нивните чисти души.
Нека Бог ги благослови сите учесници и ментори, а на нашиот Старец, владиката Партениј да му дарува уште многу години преизобилна благодат и духовна сила!































