Слово на Неговото преосвештенство епископ Антаниски г. Партениј, изговорено на празникот Преображение Господово, на Божествената Литургија, по читањето на светото Евангелие, на 6/19 август 2026 лето Господово
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Денес, возљубени, прославуваме навистина величествен празник – Преображението Господово. Празник којшто во себе содржи и носи неизмерна богословска и духовна длабочина, зашто сето она што се случило на Тавор, се случило заради нашето спасение и обожение. Таму, за миг, пред очите на учениците се открива не само славата Христова, туку и возвишената цел кон која е повикан секој човек: преку благодатта Божја да се очисти, просветли и преобрази, станувајќи заедничар на Божествениот живот.
И по шест дена Исус ги зеде Петар, Јаков и Јован, брат му, и ги изведе сами на висока гора – така чувме пред малку од светото Евангелие.[1] Гората. Според едно традиционално толкување на имињата на светите места, самото име Тавор значи светлина што доаѓа.[2] И навистина: на таа гора се искачи Господ и им ја покажа на учениците славата Своја. Не туѓа слава, ами Својата.
И тука, внимавајте добро, зашто во ова е содржано целото богословие на празникот. Не Он се преобрази во апсолутна смисла, како да примил нешто што претходно го немал. Он е Бог, извор и полнота на светлината, и во Него нема промена, ни сенка од менување.[3] Учениците се преобразија. Ним им се отворија духовните очи и им беше дадено, за еден миг и според мерата на нивната човечка сила, да воспримат дел од славата и светлината на Оној Кој отсекогаш е таков. Значи, на Тавор не се измени Христос, туку се измени способноста на апостолите да Го гледаат: она што дотогаш било сокриено од нивната немоќ, сега им се откри по благодат.

Така учат светите отци. Свети Јован Дамаскин вели дека Господ на Тавор не примил на Себе нешто ново, ниту станал она што претходно не бил, туку им покажал на Своите ученици она што отсекогаш бил.[4] А свети Григориј Палама, толкувајќи го истото, вели дека Спасителот не јавил некаква друга светлина, туку онаа којашто дотогаш беше сокриена под покривалото на плотта; очите, пак, на учениците беа изменети со силата на Божествениот Дух, за да можат да ја поднесат таа светлина.[5]
Затоа и пееме: колку што можеа. Не гледаа онолку колку што навистина е Божествената светлината, туку само онолку колку што им допушти немоќта нивна. И сепак, лицето Му светна како сонце, а облеката Му стана бела како светлина.[6]
✻ ✻ ✻
Значи, светлината не дојде врз Христа однадвор. Христос е Светлината: Јас Сум светлината на светот.[7]
И оттука, чеда мои, извира сето наше духовно делание. Никогаш надвор од себе не ја бараме Божествената светлина – ја бараме внатре, во срцето. Оти и ние сме веќе светлина.[8] Со крштението ни е дадена таква благодатна светлина, којашто доаѓа од несоздадените божествени енергии; онаа почетна благодат што ни е дадена на сите. А потоа, со нашиот труд и со молитвата, и по Божјата милост, таа благодат и таа светлина се умножуваат во нас.
Кога исихастите го бранеле учењето за несоздадената Божја енергија – учење и опит кои во Црквата постеле со векови – особено се истакнал свети Григориј Палама, големиот исихаст и светогорец, којшто тоа искуство го примил од светите отци и ја созерцувал Божествената светлина внатре во срцето, преку Исусовата молитва.[9] Монахот никогаш не ја бара светлината надвор. Ја бара внатре во срцето.
И затоа, возљубени, дури и самите православни икони се сликаат така. Зографите ги сликаат без сенки, бидејќи светлината е прикажана како да доаѓа одвнатре, од самите светии, а не однадвор. Тоа не е само уметнички избор, туку исповед на верата: светителот не е претставен како обичен човек врз кого паѓа земна светлина, туку како човек преобразен од Божјата благодат, како сад што ја примил и ја одразува несоздадената светлина. Затоа и лицата на иконите не се реалистички портрети, туку сведоштво за обновената човечка природа и предвкус на идниот век. Што не е случај со реализмот: откако во западната Црква се напуштила таа прекрасна, вистинска традиција на сликањето на светите икони – традиција тесно поврзана токму со ова богословие – во ренесансата почнале да сликаат реалистички, па таму веќе има и сенки и сѐ друго што православната икона не го познава на ист начин. Зашто иконата не прикажува само тело осветлено однадвор, туку човек кој, очистен и осветен, самиот свети со Божјата светлина.
✻ ✻ ✻
Погледнете, чеда мои, колку овој празник е поврзан со целиот домострој на нашето спасение; колку има длабоко богословие во него и колку е врзан за нашето спасение! Господ ја покажа славата на Своите ученици токму пред Распетието. Оти Мојсеј и Илија, вели евангелистот, зборуваа за Неговото заминување, што требаше да го изврши во Ерусалим.[10] Излез – тоа е Крстот. Светлината на Тавор е предговор на Голгота. Затоа овој празник, по историски ред, би се празнувал некаде кон крајот на февруари, почетокот на март, односно четириесет дена пред Велики Петок. Но Црквата, гледате, го поместува, за да не се нарушува светата Четириесетница; и го преместува четириесет дена пред друг празник, којшто повторно ни ја претставува Голгота – Воздвижението на Чесниот Крст.[11] Така што и овој пост, иако е востановен во чест на Пресвета Богородица, со самиот распоред на празниците нѐ води кон Крстот.

Ова е добар пример за оние што се, да кажеме, прилепуваат за бројки, за датуми, а особено за календари. Деновиве ми кажаа како некојси неупатен им коментирал на децата што беа на гости кај Вселенскиот Патријарх и го прославија Успението на Пресвета Богородица на 15 август, според реформираниот православен календар: „Вие славите, а Богородица уште не е дојдена!“ Што е, се разбира, многу смешно и покажува основно непознавање и на херотологијата и на догматиката на Црквата. Имено, времето е во рацете на Црквата, во рацете на Господа, Кој е надвор од времето. Времето е за нас. А Црквата има благослов да ги толкува и календарите, и времињата. И гледајте како Црквата овој празник, којшто се случил непосредно пред Распнувањето на Господа Исуса Христа, го поместува за сега. Затоа не треба да се приврзуваме за такви нешта, ниту да правиме догматика од технички работи. Сѐ е во слава Божја; и оние коишто го прифатиле новиот календар, за којшто сите православни се договориле, се наши браќа, и тоа не смее да нѐ дели од нив. Секој што се заглавува во такви работи, не размислува православно и е далеку од Бога.
✻ ✻ ✻
Значи, откако на апостолите им беше дадено, според нивните сили, да Го видат Господа на гората Тавор во дел од Неговата слава и да ја видат таа преобразувачка светлина – којашто пред сѐ нив ги преобрази – слушнаа и глас од облакот: Овој е Мојот возљубен Син, врз Кого е Мојот благослов; Него послушајте Го.[12] Ова значи дека нам ни е заповедано од Бога Отецот да Го слушаме Христа. Само со послушание кон Христа можеме да стигнеме до целта поради којашто сме создадени, а тоа е да бидеме обожени. А ќе бидеме обожени токму преку таа несоздадена Божествена енергија, односно преку енергиите коишто им се даваат единствено на крстените, и се даваат единствено во Црквата, преку Светиот Дух. Не станува човекот бог по природа – тоа е невозможно, зашто Божјата суштина е сосема непристапна – туку бог по благодат.[13] И така се обожуваме и стануваме едно со Бога, едно со Света Троица, Којашто на Тавор Му се јави на светот.
✻ ✻ ✻
Од друга страна, чеда мои, Преображението не значи и самодоволност.
Гледате: Господ ја покажа Својата сила и Својата Божественост. Навистина, Бог има сѐ, и Нему ништо не Му треба. Но Бог е љубов.[14] И затоа, веднаш по Преображението, покажа дека ќе оди на страдање за нас. Влезе во нашата историја Таквиот – Светлината, Божествениот, Кој има сѐ, Кој е Создател на светот. Не е самодоволно Божеството. Тоа е љубов. И затоа се преобрази пред учениците и отиде на страдање, за да им покаже дека тоа го прави заради нас. И таму, на Крстот, како што карактеристично се изразуваат светите отци, ќе го потпише документот за човечкото ослободување.[15] Ќе ни даде прошка на сите; прошка на секој што ќе побара.
Евангелскиот расказ не завршува на врвот.
Учениците посакале да останат таму. Петар, восхитен од она што го гледа, Му вели на Господа: Добро ни е да бидеме овде.[16] Но Христос ги симнува од гората. Долу ги очекува човечката болка, немоќта, страдањето, Крстот. Тоа е една од најважните пораки на празникот. Таворската светлина не ни се дава за да побегнеме од светот, туку за преобразени да се вратиме во него. Вистинската средба со Бога не го затвора човекот во духовно самозадоволство, туку го прави почувствителен кон другиот. Оној што навистина вкусил нешто од Божјата светлина станува помилостив, потивок, потрпелив, помалку склон кон осудување и повеќе подготвен да го понесе товарот на својот брат.

Тавор неминовно води кон Голгота, но Голгота, пак, води кон Воскресението.
Затоа Христос им ја покажал Својата слава на учениците пред Своите страдања – за кога ќе Го видат распнат, понижен и отфрлен, да знаат дека Крстот не е пораз, туку доброволно слегување на Божествената љубов во најдлабоката човечка темнина. И можеби токму затоа празникот Преображение ни е толку потребен и нам денес. Во свет исполнет со немир, со стравови, поделби и многу духовна темнина, Црквата не ни нуди евтин оптимизам. Таа нè носи на Тавор и ни покажува дека зад сета привидна темнина постои Светлина која темнината не може да ја опфати.
Таа Светлина е Христос.
✻ ✻ ✻
Претходната недела, вие кои бевте в црква на Литургија, го слушнавте Евангелието за Господарот Кој сакаше да ги расчисти сметките со Своите слуги и ги повика сите.[17] Еден Му должеше илјадници таланти – долг што ниту еден човечки живот не може да го исплати. А тој бараше само време: Стрпи се, и сѐ ќе Ти вратам.[18] И сепак, на крајот, Господарот сѐ му прости. Зарем ќе ни стаса некогаш време да се оправдаме пред Господа? Не разбираме колку сме сиромашни спрема Бога, и никогаш не ќе можеме да го вратиме тоа што Он ни го дал. Сепак, човекот, во своето ситнодушие, бара време. А Бог простува безгранично.
Ама, вели, дава еден услов, многу важен услов: да проштава и човекот. Ако не им ги простите на луѓето нивните гревови, ни вашиот Отец нема да ви ги прости вашите гревови.[19] Доколку не проштаваш, кога ќе излезеш надвор од храмот, тогаш не барај ни ти прошка. Значи, еве го условот: да љубиме, да проштаваме, и потоа уште повеќе да се вивнеме, или да навлеземе подлабоко во длабочината на духовното богословие, во молитвата. И тогаш во нашето срце ќе ја гледаме онаа нетварна светлина, којашто ја видоа апостолите на гората Тавор.
✻ ✻ ✻
Тоа не е нешто недостапно. Не е тоа само запишано таму, во Евангелието, и толку, па ние да си спомнуваме за него како за некој историски момент. Не, не е така. Самиот апостол Петар, којшто беше горе, потоа сведочи: Ние ви ја покажавме силата и доаѓањето на нашиот Господ Исус Христос не преку измислени приказни, туку самите бевме очевидци на Неговото величие.[20] Тоа се случи за да ни покаже Господ, преку апостолите, дека со сите нас ќе се случува истото доколку сме со Него. Сите ние можеме да ја гледаме во нашето срце таа Таворска светлина, од несоздадените Божествени енергии. Тоа особено го практикувале монасите низ историјата, преку Исусовата молитва, но тоа не значи дека и световните луѓе не можат да го прават тоа.[21]

А тоа богословие особено се разјасни во оние векови кога Ромејското царство веќе тонеше и кога врз православните народи почна да се спушта отоманското иго. Еден голем отец на Црквата, архимандрит Емилијан Симонопетриски, вели: „Но токму во оној час, кога Турците ги гаснеа кандилата на Света Софија, ги гаснеа свеќите, ги варосуваа иконите и ги затвораа портите, во истиот тој час силно засветли овој светилник – исихазмот – кој Византија особено го беше сочувала токму за тој миг. И поробениот народ на Византија ја разнесе насекаде пораката на исихазмот, по целата вселена.“[22] Тогаш се разјасни тоа богословие на свети Григориј Палама, и православното царство продолжи да живее како Царство Божјо во срцата на луѓето.
И зошто ви го кажав сега ова? Затоа што и ние издржавме ропство. Затоа што нашите предци го правеа токму ова: среде маки, сиромаштија и неизвесност, ја бараа и ја гледаа Таворската светлина преку молитвата, постот и верноста кон Црквата. Таа внатрешна светлина им давала сила да не ја изгубат надежта, верата и свеста за тоа кои се пред Бога. Во тоа треба да се трудиме и сега, и така ќе се спасиме од духовното ропство што му се заканува на современиот човек преку духот на модернизмот и глобализмот. Тоа е едно поинакво, невидливо ропство, кое не го врзува телото, туку се обидува да ја зароби душата, да го расее умот, да ја олади молитвата и да го прилепи човекот само за земното, минливото и потрошливото. Наместо да ја гледаме светлината, ние почнуваме да ја прифаќаме темнината како нешто природно; наместо слободата во Христа, ни се нуди зависност од страстите, стравот и непрестајната врева на светот. Но, да не се плашиме. Да Го возљубиме Христа, да останеме во Неговата Црква и смирено да побараме од Него, според нашата желба и духовна мера, да ни ги очисти срцата и да ни ги отвори духовните очи, та и ние да ја гледаме нетварната Таворска светлина и со неа да го осветлуваме патот на оние кои се покрај нас.
Да нѐ озари и нам, грешните, светлината Твоја вечна, со молитвите на Богородица, Светлодавче, слава Ти![23]
Амин.
[1] Мт. 17:1. Сп. Мк. 9:2; Лк. 9:28, каде што евангелистот Лука вели „околу осум дена“ – разлика којашто светите отци ја објаснуваат како вклучување на почетниот и на завршниот ден во пресметката. Сп. Свети Григориј Палама, Беседа 34, на светото Преображение, PG 151, 424–436.
[2] Толкувањето на името „Тавор“ како ’светлина што доаѓа‘ (лат. veniens lumen) потекнува од старата ономастичка традиција на светите имиња, којашто на Запад е позната преку блажени Јероним. Современата семитска филологија го изведува името поинаку (најчесто од арам. tabbūr – ’папок, возвишение‘; сп. Суд. 9:37).
[3] Јаков 1,17.
[4] Свети Јован Дамаскин, Беседа на Преображението Господово (Homilia in Transfigurationem Domini), PG 96, 545–576. Критичко издание: B. Kotter, Die Schriften des Johannes von Damaskos, Bd. V, Berlin 1988.
[5] Свети Григориј Палама, Беседа 34, На светото Преображение на Господа и Бога и Спасителот наш Исуса Христа, PG 151, 424–436.
[6] Мт. 17:2.
[7] Јн. 8:12; сп. Јн. 9:5; Јн. 1:9.
[8] Мт. 5:14; сп. Јн 12:36; 1 Сол. 5:5; Мт. 13:43.
[9] Учењето за разликата меѓу непристапната Божја суштина и несоздадените Божји енергии е соборно потврдено на Цариградските собори од 1341, 1347 и 1351 година, а нивните определби се внесени во Синодиконот на Православието. Сп. Свети Григориј Палама, Тријади во одбрана на светите исихасти (изд. J. Meyendorff, Défense des saints hésychastes, Louvain 1959, 1973²).
[10]Лк. 9:31. Грчкиот израз е ἔξοδος – ’излез, исход‘, којшто светите отци го читаат како непосредно укажување на страдањето, смртта и воскресението во Ерусалим.
[11] Ова е класичното објаснување на хеортолошката традиција, забележано во синаксарските толкувања на празникот: бидејќи Воздвижението на Чесниот Крст (14 септември) во богослужбениот поредок се доживува како втор Велики Петок, Преображението е поставено четириесет дена претходно, на 6 август. Постојат и други објаснувања за датумот (замена на старозаветниот празник Сеници; осветување на храмот на Тавор).
[12] Мт. 17:5; сп. Мк. 9:7; Лк. 9:35.
[13] За разликата меѓу обожението по благодат и невозможноста на човекот да стане бог по природа сп. Свети Григориј Палама, Тријади III; свети Максим Исповедник, Ambigua 10, PG 91, 1105–1205 (толкувањето на Преображението).
[14]1 Јн. 4:8, 16.
[15] Колос. 2:14: „извршувајќи го ракописаниот закон, кој со своите прописи стана наш непријател, кого Тој го зеде од средината и го прикова на крстот“.
[16] Мт. 17:4.
[17] Мт. 18:23–35 – евангелско четиво на единаесеттата недела по Педесетница.
[18] Мт. 18:26. Десет илјади таланти (Мт. 18:24) во тогашната сметка претставуваат буквално неисплатлив долг; сп. со стоте динарии што му ги должел собратот (Мт. 18:28).
[19] Мт. 6:15; спор. Мт. 6:14; Мт. 18:35; Мк. 11:25.
[20] 2 Петр. 1:16 – апостолското четиво на празникот (2 Петр. 1:10–19).
[21] Свети Григориј Палама изречно го брани созерцанието на несоздадената светлина и за оние што живеат во светот; на тоа се посветени и неговите беседи упатени до градскиот народ на Солун. Сп. Тријади I, 3.
[22] Мисла на Старец Емилијан Симонопетриски извадена од негова аудио-проповед за Исихазмот.
[23] Тропар на Преображението Господово, глас 7.











