Во името на Отецот, и Синот, и Светиот Дух!
Минуваме, возљубени, по милоста Божја, низ светиот пост посветен на Пресветата Владичица наша Богородица. Овие четиринаесет дена Црквата не ги положила случајно: ги отворила со Изнесувањето на Чесниот и Животворен Крст; во нивната средина, како светилник го поставила Преображението Господово, а ги запечатила со Успението на Пречистата. Затоа овој пост е истовремено и Крстов, и Таворски, и Богородичен – три светлини од еден ист Оган. И бидејќи Црквата знае дека постот без молитва е само диета, предвидела на секое вечерно последование во овие дена да се придодава молебниот канон кон Пресвета Богородица.[1] Во нашиот манастир, секоја вечер го пееме овој канон. Тој е една прекрасна поетска творба-молитва кон Пресвета Богородица; има и хармонична мелодија, којашто како да ја носи душата на раце пред престолот на Царицата.

Но вечерва дојдовме сите тука, на ова свето место, во ова село, за да ѝ направиме заедничка чест на Богородица и на овој нејзин сечесен храм, и согласно да ѝ ги пренесеме нашите молитви преку овој чудесен молебен канон, преку неговите прекрасни стихословија. Дојдовме, значи, заедно да се помолиме – бидејќи заедничката молитва има голема сила. Христос во Евангелието вели: Каде што се двајца или тројца собрани во Мое име, таму сум и Јас среде нив.[2] Забележете го глаголот, возљубени: не вели „ќе бидам“, туку „сум“. Не ветува дека ќе дојде – сведочи дека веќе е тука. Ние доаѓаме на средба со Некој Кој нè предвари во љубов.
✻ ✻ ✻
Молитвата, возљубени, е од суштинско значење за животот на човекот, бидејќи преку неа срцето се отвора пред Бога, душата се смирува, а целиот наш живот добива вистинска насока и смисла. Особено драгоцена е личната молитва: таа е искрено себепредавање на Бога, доверување на нашите радости, болки, надежи и немоќи во Неговите раце. Но вистинската молитва никогаш не нè затвора во самите себе. Напротив, таа е дело на љубов и кон Бога, и кон ближниот. Затоа Господ нè поучува најнапред да се молиме за другите, а потоа и за себе; и молитвата што ни ја остави како вечен образец не започнува со „мој“, туку со „наш“: Оче наш. Уште првиот нејзин збор нè изведува од тесниот круг на сопственото јас и нè воведува во заедницата на браќата и сестрите, потсетувајќи нè дека пред Бога никогаш не стоиме сами.
Токму затоа, покрај личната, неопходна е и заедничката молитва – молитвата на соборната Црква, во која многуте гласови стануваат еден глас, а многуте срца едно срце пред Бога. Во храмовите се вознесуваат бројни молитви и богослуженија во кои сите заедно учествуваме, но нивна круна, полнота и средиште е Божествената Евхаристија, светата Литургија. Многу од црковните молитви можеме да ги твориме и лично, во тишината на својот дом; така и овој молебен канон мнозина го читаат или пеат како своја домашна молитва. Но Евхаристијата никој не може да ја соврши сам, ниту во осаменост. Таа се врши во светиот храм, од раката на свештенослужителот и во собранието на верниот народ, бидејќи по својата суштина е тајна на заедницата – наша заедница со Христа и, преку Него, едни со други.[3]
✻ ✻ ✻
Вечерва, значи, се собравме сите заедно да ѝ се помолиме на Пресветата Владичица наша Богородица, знаејќи дека нејзиното мајчинско застапништво има голема сила пред Бога. Таа е молитвеница за целиот свет, но и врата низ која во светот влезе Семоќниот – Оној Кој сè исполнува и Кој е Создател на сè. Господ дојде при таа смирена Девојка; Светиот Дух ја осени и Таа стана Мајка на нашиот Бог. А зошто токму Таа? Затоа што целиот нејзин живот бил молитва, целосно предавање на волјата Божја. Токму затоа стана света врата и живо сместувалиште на Несместливиот,[4] како што парадоксално говорат светите отци: нејзината утроба се стори поширока од небесата.[5]
Бог е насекаде присутен и сè исполнува, а сепак е Еден Бог во Три Лица – Отец, Син и Свет Дух. Второто Лице на Светата Троица, Синот и Словото Божјо, предвечно и неискажливо се раѓа од Отецот: не според човечкиот начин на раѓање, туку безвремено, бестрасно и бестелесно; како што и Светиот Дух вечно исходи од Отецот. Никогаш немало миг во кој Синот не постоел.[6] Но Оној Кој предвечно се раѓа од Отецот, од неизмерна љубов кон човекот посака да влезе и во времето, да ја прими нашата природа и да стане еден од нас.

Бог го љуби човекот и го создал слободен, способен да избира и да одговори на Неговата љубов. Но од Светото Писмо знаеме дека човекот го избрал погрешниот пат; а тој избор, за жал, и денес многупати го повторуваме. Преку непослушноста гревот влезе во светот, а преку гревот – смртта. Така пред човештвото се исправи страшното и нерешливо прашање на смртта. Сите старозаветни праведници заспиваа во нејзината сенка, па дури и великиот свети Јован Крстител, зашто се упокои пред Христовото Воскресение. Но и таму остана Претеча: и на оние во адот им Го навести Бога јавен во тело.[7] Она што човекот не можеше да го разреши, го направи Самиот Бог. Христос преку крсната смрт слезе во адот, им проповедаше на духовите што беа во темнината, а потоа воскресна, ја скрши силата на смртта и ја избави човечката природа од распадливоста.[8] Со тоа ни го отвори патот кон спасението. Затоа сега сме повикани внимателно и одговорно да живееме, бидејќи соединувањето со Бога повторно ни е дарувано преку Неговите божествени и нетварни енергии. Ние се обожуваме по благодат, а не по природа, и преку нашиот Спасител можеме да станеме наследници на вечниот живот.[9] А Он дојде во светот преку Својата Мајка, која стана и наша Мајка и вечен образец на молитвено предавање на Бога. Кога, по нејзиниот пример, и ние Му се предаваме на Господа, тогаш знаеме дека Неговата милост нема да нè остави.
И светот околу нас ќе стане подобар доколку почесто и поискрено ѝ се предаваме на молитвата. За жал, голем дел од животот го минуваме во суета, расеаност и грижи, па така и христијанскиот живот лесно може да се сведе само на навика и надворешна форма. Но Бог не бара од нас формалност, туку жива и суштинска молитва – вистинско отворање на срцето и целосно предавање на Неговата волја. Од таквата молитва природно се раѓаат добрите дела, милосрдието и грижата за ближниот, бидејќи молитвата, како што рековме, е дело на љубов и кон Бога и кон човекот. Кога таа љубов ќе го преобрази нашето срце, тогаш преку нас ќе почне да се преобразува и светот.

Затоа, од срце ви благодарам на сите за вашето присуство и за учеството во молитвата на ова наше заедничко собрание, благословено од Пресвета Богородица. Но нашата молитва нека не заврши со оваа вечер, ниту нека остане затворена само во рамките на овој храм. Да продолжиме да се молиме за целиот наш народ, за сите луѓе и за сиот свет: христијаните да стануваат сè подобри и поверни христијани, за преку нивниот живот, љубов и сведоштво да се преобразува и светот околу нив. Зашто многу нешта – а во духовна смисла и сè – зависат од живиот однос на верните со Бога. Правоверни, пак, се православните христијани, бидејќи во Црквата, како во жива ризница, се чува полнотата на Божјото откровение: од создавањето на човекот, преку сведоштвото на пророците, до воплотувањето на Христа и непрекинатиот живот на Црквата до денес – едно, свето и неразделно откровение и предание на спасението.
А на тој пат пред нас стои Пресвета Богородица – нежна и грижлива Мајка, која трпеливо нè очекува слободно да Го избереме Бога и да ги отвориме срцата за нејзиниот Син. Таа не ја укинува нашата слобода, туку со своето застапништво ја просветлува и укрепува, за нашата волја да се соедини со волјата Божја. Кога со доверба ќе ѝ се предадеме на нејзината мајчинска закрила, Таа нè поведува по сигурниот пат на покајанието, молитвата и љубовта – патот што секогаш води кон Христа, а преку Него и кон Царството Небесно.
Нека ни е напомош Пресвета Богородица! Да си го довршиме во мир, во спокој и молитвено светиот нејзин пост, и да го дочекаме големиот празник – Успението, при коешто Таа не умре, туку се пресели кон Животот.[10]
Да сте живи и здрави и благословени! Убава и благословена вечер на сите вас, возљубени мои!
Амин.
[1] Според Типикот, во дните на Успенскиот пост секоја вечер наизменично се пеат Малиот и Големиот молебен канон (параклис) кон Пресвета Богородица; параклисот се изоставува во сабота вечер и вечерта пред Преображението (5 август). Малиот молебен канон преданието му го припишува на Теостирикт Монах (IX век), а некои и на митрополитот Теофан Никејски; Големиот молебен канон е дело на никејскиот император Теодор II Дука Ласкарис (1222–1258), кој пред упокојувањето се замонашил под името Теодосиј.
[2] Мт. 18,20.
[3] Сп. Свети Игнатиј Богоносец, Послание до Смирненците, VIII, 1–2: Евхаристијата е полноважна кога ја врши епископот или оној кому тој ќе му довери. PG 5; крит. изд.: Ignace d’Antioche, Lettres, éd. P. Th. Camelot, Sources Chrétiennes 10, Paris 1958. Оттаму и самото име на Црквата – ἐκκλησία – значи собрание на повикани.
[4] Богословскиот парадокс е изразен во самиот иконографски епитет на Богородица: Πλατυτέρα τῶν οὐρανῶν – Поширока од небесата. „Сместувалиште на Несместливиот“ ја следи истата светоотечка мисла: Оној Кого небото и земјата не Го собираат, се собра во утробата на Дева.
[5] Задостојник на Литургијата на свети Василиј Велики, „Заради Тебе се радува“: „…утробата Твоја престол стана и Неа ја стори поширока од небесата“. Преданието му ја припишува оваа химна на свети Јован Дамаскин.
[6] Св. Григориј Богослов, Слово 29 (Трето богословско слово), 2–3: Отецот раѓа „бестрасно, безвремено и бестелесно“, и „немаше време кога Го немаше“. PG 36; крит. изд.: Grégoire de Nazianze, Discours 27–31, éd. P. Gallay, Sources Chrétiennes 250, Paris 1978.
[7] Тропар на свети Јован Претеча и Крстител: „…и на оние во адот им Го благовести Бога јавен во тело“. Претечата и во адот останува Претеча – слегувањето негово не е пораз, туку последна служба пред Христовото слегување.
[8] 1 Пет. 3,18–19; сп. Еф. 4,9–10. Редоследот е догматски суштествен: Христос најпрво со душата Своја слегува во адот, а потоа воскреснува – затоа Црквата пее: „Христос воскресна од мртвите, со смрт смртта ја погази, и на оние во гробовите живот им дарува“.
[9] Учењето за разликата меѓу непристапната Божествена суштина и нетварните Божествени енергии е изложено кај св. Григориј Палама, Триади во одбрана на светите исихасти, особено III, 2 (крит. изд.: J. Meyendorff, Défense des saints hésychastes, Louvain 1959), а е соборно потврдено на Цариградските собори од 1341, 1347 и 1351 година.
[10] Тропар на Успението, глас 1: „Богородице, и во раѓањето го сочува девството, а по своето успение не го остави светот, туку се пресели во животот, Мајко на Животот, и со своите молитви ги избавуваш од смртта душите наши.“ Црквата зборува за преселување (μετάστασις), а не за вознесение во смислата во којашто Христос се вознесе со сопствена сила. Сп. свети Јован Дамаскин, Втора беседа за Успението на Пресвета Богородица, PG 96, 722–754; крит. изд.: Homélies sur la Nativité et la Dormition, éd. P. Voulet, Sources Chrétiennes 80, Paris 1961.











