Слово на Неговото преосвештенство епископ Антаниски г. Партениј, за празникот Успение на Пресвета Богородица, изговорено на Божествената Литургија во манастирот Пречиста Кичевска, по читањето на светото Евангелие, на 15/28 август 2026 лето Спасителово
Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Од светото Евангелие, мили мои, чувме како една жена, слушајќи Го Спасителот како говори, извика со висок глас, блажувајќи ја Неговата Мајка: Блажена е онаа која Те родила и од чии гради си се хранел.[1] И самата Богородица прорече дека ќе ја блажуваат сите поколенија[2]. Ја блажувале уште во нејзино време; ја блажувале апостолите, се поучувале и се утврдувале од неа[3].
А на денешен ден таа – милата Мајка, утврдувањето на Црквата и прибежиштето на христијаните[4] – заминала откај апостолите во Царството Небесно. Навистина, само таа е таму во полнота, зашто била вознесена на небесата и со своето пречисто и пренепорочно тело[5]. Не било угодно, ниту возможно онаа којашто станала сместувалиште на Спасителот да види трулеж во гробот. И таа, како и нејзиниот Син, на третиот ден била вознесена во Царството Небесно, каде што има уште поголема сила.

Иако апостолите на овој ден тагувале, сепак знаеле што се случило со нивниот Спасител и како Он уште повеќе им помагал од Царството Небесно, откако го вознел Своето обожено и преобразено тело. Кога Марија Магдалена стоела расплакана пред гробот, најнапред не Го препознала Господа; но штом Он ја повикал по име, таа веднаш извикала: Равуни! – Учителе! Во мигот на најсилна љубов и восхит посакала да Го допре и да се увери дека пред неа навистина стои Оној Кој умрел и телесно воскреснал, а не само некакво привидение. Но Христос ѝ рекол: Не допирај Ме, зашто уште не сум се вознел при Мојот Отец.[6] Со тоа не ја отфрлил нејзината љубов, ниту ја одрекол стварноста на Своето тело, зашто подоцна му дозволил на Тома да ги допре Неговите рани, а на учениците им рекол: Допрете Ме и видете.[7] Напротив, ја издигнал нејзината вера од поранешната, сетилна перцепција кон новиот начин на заедничарење со Воскреснатиот. Свети Јован Златоуст објаснува дека Марија сакала да разговара со Него како порано, а Господ ги издигнал нејзините мисли и ја научил дека по Воскресението односот со Него веќе не може да остане ист.[8]

Слично, мили мои, се случило и со Пресветата Богородица. Со своето Успение таа не се оддалечила од Црквата, туку на таинствен и благодатен начин станала уште поприсутна во нејзиниот живот. Како што Христос, вознесувајќи се при Отецот, не ги оставил Своите ученици сираци, туку им ветил: Јас сум со вас во сите дни до свршетокот на светот,[9] така и Неговата Мајка, преминувајќи од земјата во небесната слава, не престанува да биде Мајка на верните и застапничка за светот. Свети Јован Дамаскин вели дека нејзиното пречисто тело не било оставено на земјата, туку било пренесено во небесните царски живеалишта; оттаму таа е благослов за светот, утеха на нажалените, пристаниште за оние во опасност и брза помош за сите кои ѝ се молат.[10] А свети Григориј Палама сведочи дека преку своето Успение таа се издигнала над ангелските сили поради својата единствена близина до Бога и дека, како Мајка Божја, останува посредничка на благодатта за човечкиот род.[11] Затоа нејзиното заминување не е отсуство, туку поинакво присуство: невидливо за телесните очи, но живо и дејствително во молитвата, Литургијата и целокупниот живот на Црквата.
Токму во оваа таинствена промена – од видливо присуство кон подлабока, благодатна близина – ни се открива нешто што не се однесува само на Богородица, туку и на сите нас. Нејзиното Успение не е крај, туку премин; не е исчезнување, туку влегување во полнотата на животот во Христа. Она што во неа веќе се исполнило, Црквата го очекува и за секој човек: воскресение на телото, преобразување на целото наше битие и вечна заедница со Бога. Затоа нашата мила Богородица не е само света личност од минатото, која со благодарност ја спомнуваме, туку жив знак на нашата иднина и сигурна надеж дека смртта го нема последниот збор. Сè што се однесува на неа, преку нејзиниот Син и наш Спасител Христос, непосредно се однесува и на нас: нејзиното смирение ни го покажува патот, нејзиното прославување ја открива целта, а нејзиното мајчинско застапништво нè придружува на тој пат кон Царството Небесно.

Таа е централна личност во Божјиот домострој[12], зашто со својата слободна волја и со својот подвиг се осветила, а нејзиното „да“ Го донело Господа на земјата[13]. Се очекувала таква личност, достојна, за преку неа да се овоплоти Синот Божји.
Богородица знае што е болка. Со тоа Бог ни покажува дека во овој живот, односно во светот што ние, со својата слободна волја и со својот избор, сме го направиле ваков каков што е – долина на плачот и болката[14] – нема да бидеме оставени. Имаме Бог Кој станал како еден од нас. Имаме и Мајка поголема од нашите мајки: Мајка на нашите мајки и Мајка на сите мајки, која секогаш ќе нè услишува и која знае што е болка.
Иако целиот живот го поминала во смирение и се удостоила да биде Мајка Божја, за време на Своето распетие, Господ од Крстот ѝ вели: Мајко, еве ти син[15] и ја доверува на свети Јован Богослов[16]. Свети Јован Богослов живеел во соседството на првосвештениците Ана и Кајафа, кои Го распнале нејзиниот Син. Значи, куќата во која Богородица отишла по распнувањето и воскресението била во соседството на најголемите непријатели на нејзиниот Син – на оние што Го понижувале, плукале и ја донеле пресудата за Неговото убиство.

Замислете: смирената, голема Мајка живеела во нивното соседство и сигурно го поздравувала првосвештеникот, зашто знаела што значи архијереј и ја почитувала архијерејската благодат. Какво смирение! Нејзиниот живот е смирение; нејзиниот живот е најголем подвиг.[17] Во неа имаме голема застапничка и пример.
Сето она што ѝ се случило нејзе, во однос на Царството Небесно, ќе ни се случи и нам: еден ден нашите души и тела повторно ќе се соединат[18] и во полнота ќе бидеме во Царството Небесно. Денес само таа е покрај Христа – човек во полнота во Царството Небесно. Божјите светии се таму само со своите души, на местото каде што пребиваат душите на праведниците[19], а Богородица е веднаш до Светата Троица:[20] обожена личност, Мајка на сиот свет, која на сите нас овде ни помага и нè утврдува во подвигот, за да станеме вистински деца на нејзиниот Син и наш Спасител.
Оваа вечер ѝ ја посветивме на онаа која постојано е со нас и ја утврдува Црквата. Бдението е навистина голем подвиг. Светите отци велат дека едно вакво светогорско бдение – бдение според светогорското предание, кое трае со часови, можеби дванаесет или тринаесет часа во храмот – заменува еден цел четириесетдневен пост.[21] Тоа, се разбира, не значи дека треба да се утешиме со тоа и да не постиме. Сепак, колку повеќе се подвизуваме и Му го посветуваме својот живот на Бога, толку поголема благодат, радост и духовно задоволство ќе чувствуваме и толку повеќе ќе се издигнуваме кон Царството Небесно.

Богородица се радува поради подвигот што сите вие го направивте оваа вечер и ова утро, стоејќи пред Лицето Господово[22], во чест и слава на Неговата величествена Мајка, Пресветата наша Владичица Богородица.
Нека нè закрилуваат нејзините молитви, не само нас кои стоевме на ова целовечерно бдение, туку и сите ваши блиски што имаат потреба, како и сите што ги спомнавме на светата Проскомидија. Нека Царицата Мајка благодатно ги закрилува сите кои имаат потреба и целиот свет, за кој гледаме дека особено му е потребна нејзината закрила.
Нека има што повеќе покајници во светот. Ако има повеќе покајници, молитвеници и луѓе кои се подвизуваат, бидете сигурни дека и овој свет ќе биде подобар. Во тоа најмногу може да ни помогне Пресветата Владичица наша Богородица. Амин.
[1] Лк 11:27.
[2] Лк 1:48 (Величание, Лк 1:46–55): зборовите се на самата Богородица при средбата со праведната Елисавета.
[3] Дела 1:14; сп. Дела 2:1–4. Богородица е меѓу апостолите во молитва пред Педесетницата.
[4] Сп. Свети Јован Дамаскин, Homilia I in dormitionem BMV, PG 96, 700–721; Свети Герман Цариградски, In dormitionem BMV I–III, PG 98, 340–372; Свети Андреј Критски, In dormitionem BMV I–III, PG 97, 1045–1110 – трите основни омилитички корпуси на кои почива богословието на празникот.
[5] Свети Јован Дамаскин, Homilia II in dormitionem BMV 18, PG 96, 748–752, го предава извештајот на Јувеналиј Ерусалимски пред царицата Пулхерија (т.н. „Евтимиева историја“) – најраниот наративен извор за преданието. Телесното вознесение на Богородица во православното богословие е содржина на литургиското предание; сп. Свети Јован Дамаскин, Hom. II in dorm. 2–3.
[6] Јн 20:17.
[7] Лк 24:39.
[8] Свети Јован Златоуст, Омилија 86 на Евангелието според Јован.
[9] Мт 28:20
[10] Свети Јован Дамаскин, Втора омилија за Успението на Пресвета Богородица; сп. Пс 115:6 и Изреки 10:7.
[11] Свети Григориј Палама, Омилија 37: За сечесното Успение на Пречистата Владичица наша Богородица и Секогаш Дева Марија; сп. Пс 115:6, Изреки 10:7 и Рим 9:5.
[12] Класичната паралела Ева–Марија: Свети Иринеј Лионски, Adversus haereses III.22.4 (SC 211, 438–444) и V.19.1 (SC 153) – врзаното со непослушноста на Ева се разврзува со послушноста на Марија; претходно Свети Јустин Философ, Dialogus cum Tryphone 100.
[13] Лк 1:38: „Ете ја слугинката Господова; нека ми биде по твојот збор.“
[14] Пс 83:7; сп. Битие 3:16–19; Рим 8:20–22.
[15] Јн 19:26–27. Во библискиот текст обраќањето е „Жено, еве ти син!“, а на ученикот: „Еве ти мајка!“
[16] Егзегезата на Јн 19:26–27: Ориген, Commentarii in Ioannem I.6 (GCS IV, 8–9) – ученикот станува син на Дева Марија по благодат; Свети Јован Златоуст, In Ioannem homilia 85, PG 59, 461–464.
[17] Смирението како темел на Богородичното богословие: Свети Григориј Палама, Homilia in dormitionem BMV, PG 151, 460–472; Свети Јован Дамаскин, Hom. I in dorm. 9, PG 96, 712–713; сп. Свети Исак Сирин, Подвижнички слова, сл. 68 (изд. Специјали, Никифор Теотокис, Лајпциг 1770).
[18] 1 Кор 15:42–44, 51–53; 1 Сол 4:16–17; сп. Јн 5:28–29.
[19] Евр 12:23; Откр 6:9–11; сп. Лк 23:43.
[20] Свети Григориј Палама ја определува Богородица како „граница меѓу создадената и несоздадената природа“ (Homilia in praesentationem BMV, PG 151, 165–177); сп. Свети Јован Дамаскин, Hom. II in dorm. 2, PG 96, 725–728. За состојбата на душите до општото воскресение: Свети Григориј Ниски, De anima et resurrectione, PG 46, 11–160; Свети Јован Дамаскин, Expositio fidei IV.27.
[21] За богословската вредност на бдението: Свети Симеон Солунски, De sacra precatione, PG 155, 535–670; Свети Јован Лествичник, Scala paradisi 19, PG 88, 937–940.
[22] Сп. Лк 1:19; Пс 42:3; Откр 7:15 – стоење пред Божјото лице во непрестајно славословие.











