Споменот на Св. Николај во Бигорски – радост за Обителта

Сѐ што се наоѓа под сонцето ги раскажува твоите чудеса и бездната на добродетели, Николае триблажени: на бедните – застапник; на сираците и вдовиците – хранител; на слепите – патеводител, а за сите – бранител.

Благословен е споменот за праведникот, ни сведочи Светото Писмо, а долговековната животна пракса на Црквата Христова само го потврдува тоа. Споменот на праведникот ги весели срцата, ги успокојува душите, ги обновува и храни духовните сили на човекот. Особено, пак, кога станува збор за некој голем и омилен помошник и утешител на народот, каков што е денешниот славеник, кој е пофалба на вселената, небесен столб на Црквата, Светител на љубовта, на верата, на саможртвата, на кротоста и на праведноста, победник на Христијанскиот род – Светиот и славен богоносен отец наш, Архиепископот на Мира Ликиска, Николај Чудотворец.

Бигорската Обител, која поради љубовта на нејзиниот игумен кон ова незаодно Светило на Црквата, негува посебна почит кон него, го прослави неговиот светлозрачен спомен со умилително бдение и Божествена Евхаристија, отслужена и во соборниот бигорски храм на Свети Јован Претеча и во параклисот на Свети Николај, каде што со посебен духовен восторг чиноначалствуваше нашиот старец и владика, Епископот г. Партениј.

Малиот по димензии параклис денеска се покажа со необично широки духовни размери, кога Старецот Владика служеше во него со таква посветеност и љубов кон великиот застапник за народот Христов. Тој мал простор навистина стана недогледно пространство на благодатта Божја, измолена од благословот на Светителот, која ги прегрна сите души…

Вдахновен од тоа духовно величие, нашиот старец и владика по читањето на Светото Евангелие изговори прекрасна поука за споменот на големиот Божји угодник:

Синот Божји дојде на Земјата, мили мои, за да му го даде на човекот она што го немаше, да му го врати она што го беше изгубил кога го прекрши Божјото предопределение за вечен живот во неизмерна љубов. Дојде, за да му го возобнови Божественото достоинство, изгубено во Едем. Се снижи себеси и се облече во човечка природа, за да ја исцели раната Адамова, за да го обожи човекот, да го направи повторно свет, да го направи подобен на Себеси, бог по благодат.

Господ Исус Христос слезе како Исцелител на човештвото. Пред малку од Евангелието ги чувме прекрасните зборови со кои евангелистот Лука Го опишува Христа: Сиот народ, вели тој, сакаше да се допре до Него, зашто од Него излегуваше сила и ги лекуваше сите (Лука 6,19). Господ дојде како источник на исцелителна сила, како извор на обожувачка енергија за секого што ќе посака да се допре до Него со вера и со отворено срце.

Денес го славиме споменот на еден голем светител, на светиот и богоносен отец наш Николај Мирликиски Чудотворец, кого го велича сета вселена, Исток и Запад, Север и Југ. Бездруго целиот свет го почитува и слави овој најславен Христов Светител. А причината за тоа е што тој станал едно живо Евангелие. Целосно обожена, охристовена личност, човек којшто станал сад на Божјата благодат, па затоа и од него излегувала и до денес излегува сила со која ги лекува и им помага на сите што со вера и смирение му се обраќаат. Свети Николај никого не оставил празен во надежите кон него. Облетува насекаде како ангел Господов и ги слуша молитвите на оние коишто имаат потреба. Бог му дал таква изобилна благодат, да биде голем утешител и помошник на верните. Зашто, за време на својот живот тој целиот Му се предал на Христа и во Негово име секогаш ги слушал и ги помагал немоќните, болните, страдалниците, оние кои имале потреба; плачел со расплаканите, се радувал со радосните (сп. Рим. 12,15). И токму затоа сега во Царството Небесно светли како невечерен Светилник Божји, осветлувајќи им го на многумина патот кон добродетелите.

Во неговиот тропар, во неговата свечена песна, меѓу другото, пееме: „правило на верата“. Свети Николај станал правило, образец за тоа како треба да веруваме во Христа и ние. Велиме ‘станал’, а не се родил таков. Зашто и тој бил човек како нас, но со својата љубов кон Господа, со истрајната борба против егоизмот, страстите и гревовите, со целосното себепредавање на Христа, станал она што е денес: великан на Божјата благодат, херој во христијанските добродетели, „правило на верата, образ на кротоста“. Цели седумнаесет столетија Црквата Христова со радост го слави неговиот спомен и секое поколение го чувствува толку силно, толку драг и близок и сака молитвено да се допира до него, бидејќи од него излегува сила и стануваат многу чудеса.

Да се поучиме и ние, мили мои, од овој блескав пример на верата во Христа, та подобно на него, да се трудиме да ги победуваме нашите страсти, гревовите и егоизмот со силата на верата, на молитвата и на милосрдието. Овие добродетели го претвориле Свети Николај од обичен човек во богоносец – обожен човек кој ја вселил во себе целата Света Троица, согласно зборовите на Синот Божји: Ако некој Ме љуби, ќе го пази словото Мое; и Мојот Отец ќе го возљуби и ќе дојдеме кај него и живеалиште во него ќе направиме (Јован 14,23).

Ете ја, возљубени, смислата на нашето суштествување – да станеме носители, живеалишта на Троичниот Бог и така да го наследиме вечниот живот. За вечноста сме создадени, за Царството Небесно, а не за овој привремен и трулежен „живот“. Да не го забораваме тоа, туку имајќи го примерот на денешниот славеник и неговото моќно молитвено застапништво, да покажаме вистинско покајание, автентично учество во светотаинскиот живот на Црквата и безрезервно себепредавање на Христа. Тогаш и ние ќе засветлиме како Христови светила, како синови на Божјата благодат.

Во моментов овде имаме повеќемина славеници коишто го носат името на Свети Николај. Нека им е честит именденот и по неговите свети молитви да бидат достојни носители на неговото славно име, та и тие да станат примери за тоа како треба да се живее во Христа.

Нека Светиот ни помага на сите богоугодно да го поминеме овој Божикен пост и со радост и духовно веселие да си го дочекаме Светото Рождество Христово, станувајќи и ние носители на Христа.

Неговите молитви нека бидат со сите нас. Амин!