Празникот на Св. Варвара и Св. Јован Дамаскин во Рајчица

Ниту привлечноста на насладата, ниту цветот на убавината, ниту богатството, ниту задоволствата на младоста не те насладија тебе, Варваро славна, која стана невеста Христова, девице убава.

Стихира од Канонот на Утрена

Денес на голема радост на сестринството, а во спомен и чест на Св. вм Варвара и на Св. Јован Дамаскин, Рајчичката света обител на Победоносецот се удостои со архиерејска Божествена Литургија која ги сплоти во заедничка молитва сестрите од Рајчица и од Пречистанскиот манастир, и дел од Бигорското братство  што дојдоа да се поклонат на Светата Великомаченичка. Благодатта ја умножи нашиот Старец и владика, Епископот Антаниски г. Партениј кој чиноначалствуваше со светата Литургија. Нека неговите свети молитви ги укрепуваат нашето братство и сестринства за да можеме доследно да го следиме примерот на Светата Великомаченичка и на славниот химнограф, како храбри столбови на цврстата и непоклатна вера во нашиот Спасител Христа, вера која тие ја посведочија и запечатија со својата света крв.