Фолтин, и љубовта со данок на додадена вредност

Има вечери коишто не се случуваат во времето, туку времето се случува во нив. Таква беше синоќешната, на дваесет и деветти август, кога во Хераклеја Линкестис, во театарот што римските неимари го подигнале во времето на Хадријан и го довршиле при Антонин Пиј, Фолтин ги заокружија триесетте години од својот прв концерт. И го сторија тоа, сосем неслучајно, на истото место каде што во 1996 година за првпат застанаа пред публика.

Тоа е повеќе од симетрија. Тоа е она што во богослужбениот речник го нарекуваме анамнеза: не сеќавање коешто гледа наназад, ами враќање коешто го оприсутнува минатото за да ја отвори иднината. Тие самите го рекоа најточно тоа пред концертот: не се враќаат за да прават ретроспектива, туку за да проверат дали пулсот уште чука. Синоќа беше очигледно дека чука; и дека, за разлика од денешниот забрзан и вообразен човек без импулс и пулс, воопшто не брза да се изгуби.

Над античкиот театарот, тој горд симбол на Фолтиновата и моја Битола, стоеше месечината – ден по својата полнота и ден по кратката ноќ во којашто, во длабоко делумно затемнување, беше поминала низ земјината сенка и излегла од неа неоштетена. На првиот концерт во 1996 имаше, исто така, полна месечина. Полна беше и на дваесет и петгодишнината, во 2021, исто така во Хераклеја. Синоќа, пак и пак – Панселинос.

Пред повеќе од половина век, еден култен британски бенд со двозборно име пееше за темната страна на Месечината. Синоќа, пак, еден култен македонски бенд со шестбуквено име пееше под нејзината светла страна. Меѓу нив, и покрај временската и географската оддалеченост, има повеќе сродности отколку што се гледа на прв поглед: пред сѐ, во автентичноста на нивниот звук, во одбивањето да се повторат себеси или да ѝ се додворат на очекуваната форма, и во способноста од сопствениот музички јазик да создадат препознатлив свет. Затоа можеби темната и светлата страна не беа спротивности, туку две лица на истата стара човечка потреба: преку музиката да се допре и она што небесното тело го крие во сенка, и она што благодатно го враќа како светлина.

Ја употребувам таа зографска форма намерно, затоа  што таа носи двоен товар. Πανσέληνος (букв. Семесечие) е полната месечина, светлината којашто не е своја, туку позајмена, и токму затоа блага, ноќна и смирувачка. Но Панселинос е и кодното име на оној велик мајстор на боите и формите, на творештвото и духовноста, од преминот меѓу тринаесеттиот и четиринаесеттиот век, чијшто четкопис во Протатонот во Кареја на Света Гора ја роди она што историчарите на уметноста го нарекоа Македонска школа – живопис во кој телото не е одречено, туку преобразено, во кој лицето има доволно тежина за да ја понесе благодатта, а внатрешниот свет на изобразениот е поважен од неговиот надворешен опис.

Кога човек ќе седне на камен од вториот век, под светлина позајмена од сонцето, а и таа од духовното Сонце – Христос Бог, и слуша музика создадена од луѓе коишто ги знае по име и по глас – тешко му е да не помисли дека и тоа е еден вид живопис. Само што пигментот е звук, а ѕидот е ноќта.

И можеби токму тука најприродно се пројавува она за што толку вдахновено говори нашиот сакан Старец и учител по естетика, Преосвештениот Антаниски г. Партениј: „убавината е воплотена духовност“. Зашто вистинската убавина не е украс прилепен врз стварноста, туку духовност што примила образ, звук и плот; невидливото што, од љубов кон човекот, се согласило да стане видливо и чујно.

Фолтин е за неколку години помлад од сопствената држава. Бендот се роди во културната престолнина на Македонија, Битола, во времето кога сѐ уште учевме како се изговара името на еден нов општествен (без)поредок, и токму затоа неговиот придонес одамна не е само музички. Со својата оригиналност, со својата неотстапна автентичност и со вдахновениот музичко-поетски склоп, Фолтин влезе во внатрешното обликување на естетиката на цели поколенија слушатели; навлезе спокојно, ненаметливо, без манифести и без програми, како што квасецот навлегува во целото тесто. Оттука и во светот: од сцените на Европа до филмската музика со којашто нашата приказна ја слушнаа и таму каде што не знаат каде сме и кои сме.

Јас сум едно од тие поколенија. Покрај пријателството на мојот брат Влатко-Дуци и присното другарство со неколкумина од членовите, ја имав благословената можност да растам паралелно и во близина на Фолтин, да ги слушам пред време нивните нови сочиненија и да присуствувам на првите промоции на нивните албуми, особено во култниот мезе-бар на брат ми – Сопотско. А синоќа бев во мојата Хераклеја на покана на Пеце Брадата, кому што и на овој начин му изразувам својата благодарност. Има нешто разоружувачки убаво во тоа да те повика на своја слава човек чијашто хармоника и гитара ти го обликувала слухот уште пред да знаеш дека слухот воопшто се обликува.

Впрочем, како што моето тинејџерство е јако сврзано со Фолтин, така и моето детство е нераскинливо сврзано со Хераклеја Линкестидска. Таму често ме носеше мојот покоен татко и, без големи зборови, ме учеше да комуницирам со вековите: да го слушам она што каменот го памети и тишината го чува, да го распознавам она што малите мозаични камчиња го пренесуваат, совршено наредени едно до друго, и да ја чувствувам топлината на студените статуи. Денес, децении подоцна, неговите земни останки почиваат токму во нејзина непосредна близина, па секое мое враќање во античкиот град е воедно и враќање кон него – разговор што времето не го прекинало, туку само го направило повнатрешен.

Театарот беше преполн, како што и заслужува еден толку редок и светол феномен во нашето мочуришно општество. И тоа не беше публика од едно поколение. Имаше многу постари од бендот, имаше врсници, имаше помлади; имаше и дечиња со едноцифрена возраст, некои заспани на рамо (како, на пример, мојата внука Коприна – што ми влеа дополнителен одмор и спокојство), такви кои ги знаеја стиховите наизуст, а и такви кои се слеваа со секое движеше на ритамот и тоновите.

Ваквата вертикала не се произведува со маркетинг. Таа има свое име, и тоа име ни недостига кога зборуваме за вакви вечери: собор. Не публика, туку собрание. Не настан, туку собир на луѓе коишто, барем неколку часа, дишат во еден ритам и се согласуваат за нешто што никој од нив не би умеел да го формулира.

А, звукот… Тој единствен склоп, беспрекорно вклопените созвучија на гитарите, басот, хармониката и усната хармоника, перкусиите, саксофоните, кларинетот, челото, гласот и поезијата на Бранко, и благите електронски прелевања што сето тоа го држат како вода што држи брод – има моќ којашто ретко ѝ се признава на музиката: да ги изрази оние состојби на душата за кои обичниот говор нема доволно зборови. Апостолот Павле пишува дека Духот Сам посредува за нас со неискажливи воздивнувања (Рим. 8, 26); старогрчкото στεναγμοῖς ἀλαλήτοις упатува токму на воздишки што не можат да се претворат во јасен исказ, но сепак носат смисла и молитва. Токму во таа точка се отвора сродноста со јазикот на Фолтин. Нивниот измислен и спонтан идиом, кој час наликува на еден, час на друг јазик, а не му припаѓа целосно на ниту еден, не е бесмислено редење звуци, туку обид гласот да проговори пред зборовите да се затворат во речничко значење. Затоа тој јазик не е каприц ниту поза, туку признание дека во човекот постои подлабок слој до кој понекогаш се стигнува дури кога зборот ќе се откаже од својата желба сѐ да именува и објасни.

И тука лежи причината зошто синоќешниот концерт, покрај сето свое достоинствено движење, пулсираше и со една внатрешна духовна длабочина. Таинствените патчиња на внатрешното битие, по коишто нѐ поведува ваквата музика, не се затворени кругови. Сите тие се слеваат во едно течение, а течението има свој правец – Божјото созерцание.

Не смее да се премолчи и заднината. Неколку чекори од сцената, под нас, е нартексот на Големата базилика. Над сто квадратни метри мозаик од петтиот век, една од врвните творби на ранохристијанската уметност воопшто. Тој мозаик е правоаголна проекција на сферниот универзум, составен од четири области што се редат од најсветото средиште кон периферијата. Во централниот медалјон е Царството небесно: виновата лоза како образ на Христа, а срната и еленот над пехарот како знаци на крштевањето и на евхаристиското соединување со Бога – како душата што, според псалмот, ги бара бистрите кладенци. Околу него е рајот, оградената и неовенлива градина, со плодни дрвја, цветни грмушки и птици; потоа земјата, препознаена во немирот на ѕверовите, во гонењето, растргнувањето и борбата, таму каде што мирот на рајот веќе е нарушен; а најнадвор се водите што го опкружуваат светот, со делфини, сипи, октоподи и мочуришни птици. Така, во една единствена синтетична слика, мозаикот го собира сиот космос: небесното Царство, рајот, земјата и водите – како космос, како украс, како поредок на создадениот свет. Нартексот, пак, е претпростор. Место каде што сѐ уште не си влезен, но веќе не си надвор; место на подготовка, пред крштевањето, пред влезот во храмот. И еве нѐ синоќа, петнаесет века подоцна, повторно во претпростор: неколку илјади луѓе во ноќта, над една слика на светот што ја составиле луѓе коишто веруваа дека светот има средиште.

Затоа ќе го кажам она што инаку би го премолчал. Вчерашната вечер за мене беше и душевно патување, и реминисценција на едно убаво, од Бога подарено време, и елегантна благодарност и врска со врховниот Поет, токму над тие мозаици, и сопствен душевен израз. И молитва. Не наместо молитва: молитва.

Фолтин се „облаците и небото“. И морето – немирно, но такво коешто успокојува.

Тој парадокс е нивниот потпис. Има музика којашто те смирува затоа што те успива, и има музика којашто те смирува затоа што те буди. Псалмопевецот вели дека Господ ѝ нареди на бурата, и таа стана како ветрец, и молкнаа брановите негови (Пс 106, 29). Значи, морето не се укинува – бурата се преобразува. Фолтин никогаш не го укинаа немирот. Тие само му најдоа форма; а формата, кога е суштинска, е катализатор и катарза.

Останува стихот по којшто ја насловив оваа колумна.

Во Слободната љубов, од албумот Пијан славеј, Фолтин замислуваат свет во којшто слободната љубов е укината и сѐ што било дар станува оданочива трансакција – љубов со данок на додадена вредност. Сатирата е очигледна и весела. Но под неа стои една многу постара и многу поостра теза.

Данокот на додадена вредност претпоставува дека вредноста може да се измери на секој чекор од размената. Љубовта е токму она што ја разурнува таа сметководствена претпоставка. Евангелието вели дека Бог не Го дава Духот со мера (Јн. 3, 34); а сиромашната вдовица, којашто пушти две лепти, даде повеќе од сите (сп. Мк. 12, 43–44) – не затоа што сумата била поголема, туку затоа што љубовта не се собира, туку се дарува. Штом ѝ пресметаме додадена вредност, љубовта не поскапува. Таа исчезнува.

Триесет години Фолтин прават музика којашто одбива да се оданочи. Се чини дека во тоа е целата тајна, и дека токму затоа во таа музика има толку многу небо. И иако според зборовите на поетот, „оваа трансплантирана машина за чукање досега не типкала љубовно писмо“, вчера го истипка можеби најубавото. Барем според мене.

Следствено, нека им е честита годишнината на Бранислав – Бранко Николов, гласот и поетот; на Пеце Трајковски – Брада, на гитарата и електронската хармоника; на Пеце Николовски, на кларинетот и усната хармоника; на Гоце Јованоски, на басот; и на Славчо Јовев, зад тапаните. Нека им е честита и на сите коишто во трите децении поминале низ бендот и оставиле трага во него – од основачите до синоќешните гости коишто се качија на сцената за да потврдат дека приказната никогаш не била само нивна.

Триесет години! Од Хераклеја до Хераклеја, под истата месечина, којашто и таа, ако сме искрени, не свети со своја светлина. Слава Му на Христа, предвечната Светлина!

На многаја лета, Фолтин мои возљубени!


Пишува: Архимандрит Кирил Бигорски
Фото: Јани Патче