Оживеано древното бигорско кројачко наследство – изработени верни реплики на свештеничките одежди од XVIII век

По иницијатива и благослов на нашиот возљубен старец и игумен, Неговото преосвештенство епископот Антаниски г. Партениј, чијашто постојана грижа е насочена кон зачувувањето, проучувањето, промовирањето и живото продолжување на богатото духовно и културно наследство на Бигорската обител, во манастирската кројачница деновиве беа изработени нови свештенички одежди, осмислени како верни и достоинствени реплики на драгоцените бигорски богослужбени одежди од XVIII век.

Овој зафат не претставува само обновување на еден стар уметнички образец, туку и оживување на особено значајно поглавје од историјата на нашата света Обител. Имено, меѓу материјалните сведоштва за континуираниот литургиски и богослужбен живот во Бигорски се зачувани неколку исклучително вредни свештенички одежди од втората половина на XVIII век, создадени за потребите на манастирот.

Она што ги прави особено значајни е сознанието дека тие не биле набавени предмети отстрана, туку се дело на сопствена манастирска работилница, предводена од мајсторите Георгиј и Константин, којашто речиси три децении активно и во континуитет изработувала литургиски одежди за потребите на Бигорската обител. Според досегашните сознанија, станува збор за единствената засега позната работилница од ваков вид на балканските простори во тоа време, што на овие предмети им дава особено место во историјата на црковната применета уметност.

Зачуваните примероци сведочат за две позначајни фази во работата на оваа работилница: 1761 година и периодот 1783–1786 година, според годините што се наоѓаат во самите иконографски композиции на одеждите. Хронолошки, нивната изработка се поврзува со времето на бигорските игумени Иларион и Трифилиј, во период кога Обителта очигледно располагала не само со развиен духовен и богослужбен живот, ами и со сопствена, високоорганизирана уметничко-занаетчиска дејност.

Старите одежди се препознатливи по својата богата иконографска и орнаментална програма. На нив се застапени ликовите на Господ Исус Христос, Пресвета Богородица со Богомладенецот, светите рамноапостолни цар Константин и царица Елена, како и други светителски претстави, придружени со крстови, натписи, декоративни појаси и богато разработени растителни орнаменти. На тој начин, одеждата станува повеќе од богослужбена ткаенина: таа е подвижна иконографска целина во која литургиската символика и декоративната уметност се соединети во една хармонична композиција.

Оригиналните бигорски одежди биле изработувани со техника на печатење врз памучна и ленена ткаенина. Прашањето за самото потекло и изработка на печатарските матрици сè уште остава простор за понатамошно истражување. Можно е тие да биле изработувани во манастирската средина, но не е исклучена ни поврзаноста со некоја од занаетчиските работилници во Елбасан. Оваа претпоставка е дотолку позначајна што во Елбасан во тоа време свои работилници имале и мијачки мајстори, меѓу кои особено се истакнувале копаничарите, па така уметничките и занаетчиските врски на Бигорски со поширокиот мијачки творечки круг добиваат уште една можна димензија.

Особено важен е и самиот крој на старите фелони. Тие потекнуваат од периодот пред подоцнежната руска реформа на свештеничката одежда, по која, од практични причини, предниот дел на фелонот бил значително скратен – облик што постепено станал широко распространет и во таа форма останал во богослужбена употреба до денес. Токму затоа историските бигорски примероци имаат поинаква силуета и подолг преден дел, карактеристичен за постариот тип фелон.

Токму ова драгоцено наследство послужи како основа за денешниот зафат во манастирската кројачница. Со благослов на Старецот, нашите браќа о. Антониј и Стефан, во содејство со сестрите шнајдерки од Рајчица, с. Анастасија и с. Христина, пристапија кон внимателно проучување и реконструирање на сочуваните примероци, со намера современата изработка во најголема можна мера да ја задржи нивната историска и визуелна автентичност. За таа цел, тие го посетија Музејот на Македонија во Скопје, каде што се чуваат две од историските бигорски одежди, и таму извршија детално фотографско документирање и непосредно проучување на нивната структура, техника и декоративен систем. Одделно беа снимани и анализирани иконите, крстовите, натписите, растителните мотиви, орнаменталните појаси и бројните ситни детали, за потоа да можат што поверно да бидат пренесени во новата изработка.

При создавањето на новите одежди беа комбинирани карактеристични елементи од двата зачувани историски типа, додека како главна композициска основа беше земен дизајнот на одеждата од 1786 година.

Еден мошне интересен детаљ, кој особено го привлече нашето внимание при реконструкцијата, е крстот на задниот дел од фелонот. Според неговата форма и декоративно решение, постои основана можност тој да бил инспириран од крстовидниот мотив на старото мијачко знаме. Токму поради тоа, и во новата изработка овој знак е задржан во неговата автентична форма, како уште една суптилна врска меѓу Бигорската обител и духовниот, уметничкиот и етнокултурниот простор на Мијаците.

Новите одежди, сепак, не се направени со старата техника на печатење. Денешната изработка е реализирана со жакардно ткаење, при што иконографијата и орнаментите се вткаени во самата структура на материјалот. Така, современата технологија овозможи старите мотиви да бидат пресоздадени со голема прецизност, трајност и квалитет соодветен за редовна богослужбена употреба.

Иако денешните фелони се изработени според современиот крој, односно според типот што се утврдил по руската реформа, настојувавме во сè друго да се зачува автентичноста на старите бигорски одежди: композицијата, иконографските полиња, орнаментите, натписите, крстовите, пропорциите на украсните ленти и колористичкиот карактер.

Токму поради почитта кон историскиот оригинал, на иконографските полиња се задржани и старите години: 1761 и 1783–1786, онака како што се наоѓаат на првобитните одежди. Но, за да се запише и сегашниот чин на нивното оживување, симболично е внесена и 2026 година – годината во која, речиси два и пол века подоцна, древниот бигорски образец повторно добива живот и богослужбена намена.

Овој труд беше преземен, пред сè, како чин на благодарствено сеќавање кон нашите монашки предци – кон оние кои пред векови во оваа света Обител се молеле, твореле и со своите раце го украсувале богослужението и благолепието на Црквата. Истовремено, возобновените одежди повторно ќе го најдат своето природно место таму каде што припаѓаат – во Божествената Литургија, збогатувајќи го богослужбеното благолепие на големите манастирски торжества.

Така, она што некогаш го создале рацете на бигорските мајстори Георгиј и Константин не останува само музејски спомен од едно далечно време. Нивниот образец повторно оживува во денешната Бигорска обител, како видлива нишка што ги поврзува поколенијата и сведочи дека вистинското предание не значи само да се зачува наследеното, туку со љубов, расудување и творечка верност да се продолжи неговиот живот.

Со благослов на дедо Партениј, вакви одежди ќе можат да бидат изработувани во манастирската кројачница и по нарачка за свештенослужители, кои би сакале во своето богослужение да понесат дел од ова ретко и препознатливо бигорско црковно-уметничко наследство.

На крајот, со особена благодарност ги споменуваме г-ѓа Маја Цизаноска од Охрид, како и г-ѓа Елена Малинова и г-ѓа Билјана Богатиновска од X-Fashion – Скопје, кои со својата поддршка и учество помогнаа овој значаен проект да биде остварен. Им благодариме за нивната благонаклоност и за чувството дека зачувувањето на духовното и културното наследство е заедничка одговорност и заедничка радост.

Воедно, сите оние кои ја препознаваат вредноста на ваквите потфати и сакаат да придонесат за понатамошно истражување, реконструирање и возобновување на старото бигорско литургиско и уметничко наследство, можат, според своите можности, да го поддржат овој труд и со свој доброволен финансиски прилог. На тој начин, секој дарител станува соучесник во едно дело кое не му припаѓа само на нашето време, туку го поврзува минатото со иднината и му го предава наследеното богатство на поколението што доаѓа.